Борбата со инфлацијата и зелената транзиција

25.09.2023 02:01
Борбата со инфлацијата и зелената транзиција

Погубното одолговлекување е еден од вообичаените одговори на Европската унија во моменти на најдлабоки кризи. Проблемот не е само во тоа што никогаш не е лесно да се придобијат 27 премиери или претседатели на држави да се сложат со нешто. Проблемот е и во нивните мотивации и склоности себеси да си поставуваат погрешни прашања кои полека но неизбежно ги водат кон прифаќање на штетните државни политики.

По пропаста на Леман Брадерс во 2008 година, во Вашингтон се собра група високи функционери за да се обидат да одговорат на жешкото тековно прашање: „Како да го спасиме банкарскиот систем пред да се сруши и сите да нè повлече со себе?“ Од друга страна, во Брисел многу поголема група функционери со години се состануваше за токсичната верзија на истото прашање: „Со оглед на тоа дека правилата во ЕУ не дозволуваат вакви интервенции, што можеме да направиме за да оставиме впечаток дека правилата не се нарушени, и истовремено сепак да ги спасиме банкарите?“ Последиците беа скапо одолговлекување и усвојување погрешни политики, како што покажува податокот дека американскиот приход во 2022 година го надмина европскиот за 26 проценти, иако вкупниот европски приход како и во 2008 година беше за 10 проценти повисок од американскиот.

Реагирајќи на неочекуваниот удар кој го потресе Брисел минатата година, Европската унија се подготвува да ја направи истата грешка. Во август минатата година Џо Бајден потпиша закон збунувачки насловен како Закон за намалување на инфлацијата, со кој се најавија стотици милијарди долари субвенции и даночни олеснувања во следните 10 години, со цел пружање поддршка за зелената енергетска транзиција во САД. (Проценките за вкупниот износ се движат од 500 милијарди до 1 трилион долари.) На тој начин Вашингтон со еден потег го прекрши Вашингтонскиот консензус: со група трговски и индустриски политики кои САД и Европа со децении му ги наметнуваа на глобалниот Југ. Администрацијата на САД без најава одлучи да одобри големи унилатерални субвенции за своите произведувачи, не обрнувајќи внимание што ќе рече остатокот од светот - вклучувајќи ја и Европската унија.

Европските бирократи и политичари позеленеа. Моќниот европски производствен сектор преку ноќ се судри со високите бариери кои му го отежнуваат пристапот до огромниот американски пазар. Проблемот е многу подлабок од ударот на германските произведувачи на автомобили, чии електрични автомобили, за разлика од автомобилите склопени на територијата на САД, не се квалификуваат за добивање субвенции од 7 500 долари. Со субвенционирање на производството на батерии во Америка, Вашингтон на произведувачите во САД им обезбеди пониски сметки за енергија во однос на европските конкуренти.

Европските функционери доживеаја нов шок кога БАСФ, најголемата хемиска компанија во светот, набрзо по усвојувањето на законот на Бајден објави дека го намалува обемот на работа во Европската унија, а Тесла дека засега се откажува од градење погони за производство на батерии во Германија. Одеднаш деиндустријализацијата на Европа се укажа како сосема реална можност на веќе мрачниот хоризонт.

Тешко е да не ги сожалуваме лидерите од Европската унија. Веруваа дека по заминувањето на Доналд Трамп од Белата куќа, Вашингтон ќе ги третира како партнери. Очекуваа дека администрацијата на Бајден ќе ги поддржи предлозите на Брисел за оданочување на емисиите на јаглерод диоксид и новиот систем за формирање цени, кој, за разлика од субвенциите, не донесува само поголема количина чиста енергија туку и овозможува заштеди. Веруваа дека кругот околу Бајден ќе умее да ја цени подготвеноста со која по инвазијата на Путин на Украина се откажаа од евтиниот руски природен гас и се согласија да трошат милијарди на скапа нафта и течен гас од Тексас и Ново Мексико.

Она што не заслужува сожалување е одолговлекувањето, како и во 2008-та, зашто на тој начин дополнително се поткопуваат и онака лошите перспективи на европската економија. Помина една година од усвојувањето на Законот за намалување на инфлацијата, а сè уште нема одговор од Европската унија. Некои тврдат дека споредбата не е соодветна зашто ЕУ, за разлика од САД, веќе имаше усвоен европски зелен план и финансиски стимулации кои не се разликуваат многу од оние на Бајден. Но, ѓаволот е во ситниците: зелениот план на Европската унија најавува вложувања во вредност од 1 трилион евра, но за разлика од фондовите во законот на Бајден тоа не се реални пари туку само замислена бројка, слична на онаа од планот на Јункер, чии 300 милијарди евра ветени за нови инвестиции никогаш не се реализираа.

Тврдењата дека Европа веќе нуди субвенции за продадените електрични возила слични на оние во Америка исто така не се сосема точни. Ако погледнеме повнимателно, ќе забележиме две важни разлики. Прво, во САД субвенциите се исплатуваат од федералниот буџет, што значи дека произведувачите не можат да бидат дискриминирани врз основа на локацијата; субвенциите во Европската унија се крајно неизедначени и во голема мера зависат од фискалната состојба на земјата исплатувач. Исто така, Европската унија исплатува субвенции за секое продадено електрично возило, вклучувајќи ги и автомобилите кои ги произведува Тесла во Америка, додека автомобилите произведени во ЕУ не се квалификуваат за субвенции во САД.

Зошто Европската унија едноставно не ја примени изреката „ако не можеш да победиш, придружи се“? Зошто на произведувачите во Европа не им понуди исти субвенции како што Бајден им понуди на американските произведувачи? Причината е тоа што за разлика од системот со квоти за емисии на јаглерод диоксид кој се финансира самиот од себе, субвенциите подразбираат заеднички буџет. Во спротивно произведувачите во Португалија или Словенија би добиле многу помали субвенции заради ограничените буџетски капацитети на нивните држави. Без единствен и заеднички фонд за исплата на субвенции на ниво на ЕУ, одлуката на Вашингтон да ги дискриминира европските произведувачи ќе ги поттикне богатите држави во ЕУ на ист начин да ги дискриминираат произведувачите од посиромашните држави членки. Без заедничка благајна во ЕУ не е можно да се оствари сето она што Законот за намалување на инфлацијата треба да го донесе во САД.

Во подготовка се три нови закони кои би можеле да донесат соодветен одговор од Европската унија на законот на Бајден: Законот за индустрија со нулта нето стапка на емисии (кој ги отстранува бирократските пречки и ги менува правилата за државна помош), Законот за критично важни суровини (кој се фокусира на ретките минерали и други материјали важни за зелената технологија) и група прописи за реформа на системот за формирање цени на електричната енергија во Европа (систем кој им даваше предност на големите олигополи на штета на индустријата и послабите потрошувачи). Сè уште не знаеме какви ќе бидат нивните ефекти, но го знаеме следното: прво, ЕУ нема милијарди евра кои се потребни за да се надомести штетата која ќе ја претрпи индустријата заради недозволиво бавното реагирање. Второ, лидерите од ЕУ никогаш нема да се согласат за заедничка каса која ѝ е премногу потребна на ЕУ, и покрај застрашувачките последици од таквото одбивање (како што веќе се покажа во кризата во еврозоната).

Ако климатските промени не нè истребат пред тоа, сигурен сум дека Европа најпосле ќе пронајде решение. Не знам кога и како ќе го направи тоа. Но знам дека во моментов ризикуваме една или повеќе генерации Европејци да ги осудиме на судбината на економското пропаѓање.

Превод: Алек Кузмановски

Скулптури: Jiannan Wu

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото