За што служи политиката на штедење

07.06.2021 01:07
За што служи политиката на штедење

Во триесеттите години на 19 век, извесен Томас Пил одлучил од Англија да се пресели во Свон Ривер, Западна Австралија. Како имотен човек, покрај сопственото семејство, на пат повел „300 припадници од работничката класа, мажи, жени и деца“ и ги понел потребните „залихи и опрема за работа во вредност од околу 50 000 фунти“. Но, набрзо по пристигнувањето во Австралија, соништата на Пил се срушиле.

Причина за пропаста не била болест, природна катастрофа или лоша земја. Пил останал без работна сила. Работниците кои ги донел земале парчиња слободна земја во близина и почнале да работат за себеси. Пил обезбедил работна сила и капитал, но не успеал да го пресади капитализмот на новиот имот, зашто работниците нашле подобра алтернатива.

Приказната за Пил ја раскажа Маркс во првиот том на Капиталот за да покаже дека „капиталот не е ствар, туку општествен однос помеѓу луѓето“. Приказната е корисна и денес, не само затоа што укажува на разликата помеѓу парите и капиталот туку и затоа што ни помага да сфатиме зошто строгите мерки за штедење сè уште се популарни, иако се спротивни на логиката.

Мерките за штедење во моментов не се во мода. Политиките за намалување на јавниот долг не се високо на листата со политички приоритети, додека државите трошат пари како да доаѓа крајот на светот. Неочекувано опфатната - и популарна - програма за стимулации и инвестиции која ја предложи американскиот претседател Џо Бајден го потисна штедењето на уште пониско место на оваа листа. Но, како и масовниот туризам и големите свадбени собири, програмите за штедење трпеливо чекаат во сенка, подготвени да се вратат кога на тоа ќе ги поттикнат најавите за хиперинфлација и опаѓање на приходите од државните обврзници.

Генерално е познато дека политиките со строги мерки за штедење се втемелени на погрешен начин на размислување и дека предизвикуваат ефекти спротивни од посакуваните. Грешката во тоа е што заговорниците на штедењето не воочуваат дека државата, за разлика од поединците, семејствата или компаниите, не може да очекува дека нејзините приходи ќе останат на истото ниво откако ќе се намали потрошувачката. Ако вие или јас одлучиме да не купиме нови чевли, ќе ги заштедиме парите и ќе бидеме побогати за таа сума. Но државите не можат да штедат на ист начин. Ако државата почне да ја намалува потрошувачката во период кога потрошувачката на приватниот сектор веќе е ниска или во опаѓање, збирот на потрошувачката на приватниот и државниот сектор ќе продолжи да паѓа со уште поголема брзина.

Тој збир е нашиот национален приход. Државите кои штедат преку намалување на трошоците бележат пад на националниот приход и фискалните приливи. За разлика од домаќинствата или компаниите, државата која во тежок период настојува да ја намали потрошувачката впрочем придонесува за понатамошен пад на националниот приход.

Ако строгите мерки за штедење се навистина лоша идеја и нивната примена директно придонесува за забавување на економијата, зошто тие мерки сè уште се популарни меѓу богатите и моќните? Едно од можните објаснувања е дека тие сфаќаат дека државната потрошувачка насочена кон сиромашните е добар начин да се предупреди рецесијата и да се елиминираат заканите по нивниот имот, но дека не се подготвени да ја платат премијата (во форма на данок) потребна за добивање таква заштита. Ова толкување веројатно е точно - ништо не ја обединува олигархијата толку многу колку отпорот кон оданочување - но тоа сè уште не објаснува зошто богатите им се противат на предлозите парите од емисиите на централните банки да се насочат кон сиромашните луѓе.

Кога економистите чии теории се согласни со интересите на 0,1 процент од најбогатите ќе ги прашате зошто се против монетарното финансирање и редистрибутивните политки кои им одат во прилог на сиромашните, како крунски аргумент ќе ви го посочат стравот од инфлација. Оние повештите прават и дополнителен чекор тврдејќи дека таквото расипништво на крајот ќе им штети на оние на кои треба да им помогне, зашто би довело до раст на каматните стапки. Соочена со раст на долгот државата ќе мора да ја намали потрошувачката. А тоа би предизвикало рецесија која прво и најмногу би ги погодила сиромашните.

Ова не е вистинско место за уште едно претресување на оваа тема. Но, заради аргументот, да се обидеме за момент да замислиме дека заради некое чудо сме се сложиле дека печатењето уште еден трилион долари за финансирање на основниот приход за сиромашни нема да иницира инфлација и дека ќе предизвика скок на каматните стапки. Во тој случај богатите и моќните би се противеле на предлогот заради страв дека на крајот би завршиле како Пил во Австралија. Можеби ќе ги сочуваат парите, но ќе ја изгубат моќта што тие им ја пружаат над оние што ги немаат.

Доказите за тоа веќе ги гледаме. Во САД работодавачите се жалат дека не можат да најдат работници иако пандемиските мерки се укинуваат. Впрочем, ни велат дека нема луѓе кои се подготвени да работат за навредливо ниските надници што се нудат. Одлуката на администрацијата на Бајден да ја продолжи исплатата на дополнителната помош за невработените во износ од 300 долари неделно значи дека работниците добиваат бенефиции во износ кој е двојно поголем од износот на минималната надница пропишана на федерално ниво - која Конгресот одбива да ја зголеми. Накратко, работодавачите имаат проблем сличен на оној што го имал Пил во Свон Ривер.

Ако сум во право, Бајден се наоѓа пред невозможна задача. Заради потполното одвојување на финансиските пазари од реалната состојба на капиталистичкото производство после 2008 година, кое било ниво на фискални стимуланси и да го избере во исто време ќе биде превисоко и недоволно. Недоволно зашто нема да отвори доволен број добри работни места. Превисоко заради ниската профитабилност и големата задолженост на многу корпорации, заради што и најмалото зголемување на каматните стапки неизбежно ќе создаде каскада од банкроти и паника на берзите.

Единствен начин да се излезе од оваа ситуација и повторно да се урамнотежат финансиските пазари и реалната економија, е значајно да се зголемат нивоата на приходите на американските работници, со отпис на поголем дел од долгот - на пример, студентскиот - кој сега ги држи во клопка. Бидејќи таквите потези би ги зајакнале позициите на мнозинството и така би го повикале баучот на дебаклот на Пил, богатите и моќните избираат да останат со старите добри мерки за штедење. Најпосле, нивниот примарен интерес никогаш не беше зачувување на економските потенцијали, туку обезбедување на моќта која ја има малцинството над мнозинството.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Ben Heine

Извор: https://www.project-syndicate.org/