Патеката на сударот

12.06.2023 02:00
Патеката на сударот

По мајската средба на Г7 во Хирошима, претседателот Џо Бајден изјави дека очекува „затоплување“ на односите со Кина. Меѓутоа, и покрај неодамнешните билатерални средби на неколку официјални лица - и надежите на министерката за финансии Џенет Јелен дека наскоро ќе отпатува во посета на Кина - односите помеѓу двете земји се сè постудени.

Наместо да настапи затоплување, студената војна премина во ледена фаза. Одржувањето на самитот ја интензивираше загриженоста во Пекинг заради стратешкото определување на САД за „темелно опколување, изолација и потиснување“ на Кина. За разлика од претходните средби, на кои лидерите на Г7 главно многу зборуваа и малку работеа, овој самит ќе остане запаметен како еден од најважните во историјата на групата. САД, Јапонија и Европа, нивните пријатели и сојузници, појасно од кога било ја објавија решеноста да ги здружат силите за да ја зауздаат Кина.

И покрај тоа, Јапонија, која во моментов претседава со групата, ги повика клучните лидери од глобалниот југ да им се придружат, меѓу другите и индискиот премиер, Нарендра Моди. Обраќајќи им се на земјите во подем, членките на Г7 се обидуваат да го наговорат остатокот од светот да им се придружи во сè поострите реакции на јакнењето на Кина. Многумина ќе се сложат со описот на Кина како авторитарна земја со државен капитализам која сè поотворено ја покажува својата моќ како во Азија така и глобално.

Индија, која годинава претседава со групата Г20, зазеде неутрален став во однос на војната на Русија во Украина. Од друга страна, зад неа има долга историја на стратешко ривалство со Кина, со која споделува долга, на многу места спорна граница. Оттука, дури и ако не влезе во формален сојуз со западните земји, Индија во иднина веројатно ќе се позиционира како независна глобална сила во подем чии интереси се поблиски до интересите на западот отколку интересите на Кина и нејзините де факто сојузници (Русија, Иран, Северна Кореја и Пакистан).

Исто така, Индија формално е и членка на квадрилатералната група за дијалог за безбедноста (Quad), заедно со САД, Јапонија и Австралија, група која е оформена со експлицитна цел да се сузбие понатамошното ширење на Кина; исто така, Јапонија и Индија споделуваат долга историја на пријателски односи и конфликти со Кина.

Јапонија исто така ги повика Индонезија, Јужна Кореја (со која во моментов е во фаза на затоплување на дипломатските односи, благодарение на Кина), Бразил (уште една важна сила од глобалниот југ), претседателот на Африканската унија Азали Асумани и претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Пораката е јасна: руско-кинеското пријателство „без ограничувања“ силно влијае на тоа како останатите светски сили ја перцепираат Кина.

Членките на Г7 отидоа и чекор подалеку, посветувајќи голем дел од завршното соопштение за презентирање на плановите за конфронтација со Кина во следните години. Меѓу другото, во документот се осудуваат кинеските политики на „економска принуда“ и се нагласува значењето на индо-пацифичкото партнерство за сузбивање на обидите на Кина да оствари доминација во Азија. Исто така се критикува експанзионизмот на Кина во Источното и Јужното кинеско море и се изнесува јавно предупредување Кина да не се обидува да го нападне или окупира Тајван.

Во обидот „да се отстранат ризиците“ во односите со Кина, западните лидери се определија за јазик кој е само нензначително помалку агресивен од јазикот на потполното „разидување“. Но не е променет само дипломатскиот жаргон. Според завршното соопштение напорите на западот да ја изолира Кина ќе бидат проследени и со политики за ангажирање на глобалниот југ преку големи инвестиции во зелената енергетска транзиција, за овие земји да не завршат во кинеската сфера на влијание.

Не треба да нè чуди тоа што Кина не успева да го скрие својот бес. Освен што состанокот на квадрилатералната група се совпадна со самитот на Г7, состанокот во Хирошима е организиран во момент кога НАТО го засилува присуството во Азија, а сојузот Аукус (Австралија, САД и Велика Британија) се подготвува за конфронтација со Кина во Пацификот.

Во меѓувреме, економската и технолошката војна на западот и Кина продолжува да ескалира. Јапонија воведе ограничувања за извоз на полупроводни елементи во Кина, кои не се помалку драконски од оние што ги воведе Америка, а администрацијата на Бајден им врши притисок на Тајван и Јужна Кореја да се придружат на таквите мерки. Од друга страна, Кина го забрани увозот на чипови од американската компанија Микрон.

Американската компанија Нвидиа, која станува економска велесила - благодарение на растечката побарувачка за напредни чипови потребни за развој на вештачка интелигенција - веројатно и самата ќе мора да ја ограничи продажбата во Кина. Креаторите на политики во САД не кријат дека имаат намера во трката на полето на вештачката интелигенција да ја одржат предноста од барем една технолошка генерација во однос на Кина. Минатогодишниот Закон за чипови и наука понуди значајни стимулации за враќање на производството на чипови на територијата на САД.

Постои ризик Кина во намерата да го надомести технолошкото заостанување да се обиде да ја искористи доминантната позиција во производството и преработката на ретки метали - кои се пресудно важни за зелената транзиција - за на тој начин да им се освети на САД за воведените санкции и трговските рестрикции. Кина веќе го зголеми извозот на електрични возила за 700 проценти од 2019 година, а сега започнува производство на патнички авиони кои треба да им конкурираат на Боинг и Ербас.

Можеби целта на групата Г7 беше пронаоѓање начин да се заузда Кина без понатамошна ескалација на студената војна, но, судејќи според реакциите на Пекинг, западните лидери не успеаја во тоа. Повеќе од кога било е јасно дека САД и западот сакаат да го спречат понатамошното јакнење на Кина.

Секако, Кинезите со задоволство би заборавиле дека актуелната ескалација е во иста, а можеби и во поголема мера последица на нивните агресивни политики. Во интервјуто кое неодамна го даде по повод 100-от роденден, Хенри Кисинџер - архитектот на „отворањето кон Кина“ во 1972 година - предупредува дека ако овие две земји не ги усогласат стратегиите, ќе останат на патеката која води кон директен судар. Колку односите се постудени, толку шансите за ескалација со примена на сила се поголеми.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.theguardian.com/