Јужното кинеско море, вратата од пеколот на нашата доба

26.08.2020 00:50
Јужното кинеско море, вратата од пеколот на нашата доба

Според кинеската легенда островите Спретли во Јужното кинеско море биле вратата од пеколот, а помеѓу нив и Параселските острови се отворал понор кој пропаѓал директно во последниот круг на пандемониумот. Кинеското и американското ѕвечкање со оружје во водите помеѓу Виетнам, Малезија, Филипини и Тајван многу лесно од митот би можело да направи сурова реалност во современиот свет.

Поранешниот командант на Седмата флота, адмиралот Хари Харис, пред да ја соблече униформата и да влезе во дипломатските води - во моментов е американски амбасадор во Јужна Кореја - ги предупреди своите претпоставени: „Да се верува дека Си Џинпинг не сака да го милитаризира Јужното кинеско море е еднакво на верувањето дека Земјата е рамна плоча.“

Во новата стратегија на Пентагон која ја потпиша министерот за одбрана Марк Еспер, Кина и официјално е промовирана во најголем и најопасен ривал на САД. Пентагон ги ревидираше и ажурираше сите свои планови за „зауздување“ на Кина откако симулациите на поморските битки во Јужното кинеско море покажаа дека кинеската морнарица би излегла како победник. Клучен мотив за таквиот исход на симулацијата, освен градењето моќна флота, е поставување ракетни системи на брегот на Јужното кинеско море чија главна цел е да спречи влегување на американската флота во Јужното кинеско море во случај на инвазија на Кина на Тајван или воено заземање на спорните острови.

Во последните пет години, додека Кина се обидуваше да ги постави темелите за својот „Нов пат на свилата“ наречен „Еден појас, еден пат“, таканаречената американска длабока држава работеше со кинеските блиски и далечни соседи на создавање нови и обновување на старите сојузи. Јапонија почна сериозно да се вооружува, како и Јужна Кореја, Тајван секој ден сѐ повеќе е американски природен носач на авиони помеѓу Јужното и Источното кинеско море. Освен на листата најголеми непријатели на САД, Кина се најде и на првото место како ривал на Индија.

Виетнам веќе ја заборави крвавата војна од пред педесет години и во Вашингтон гледа главен сојузник против северниот сосед. Филипинскиот претседател Родриго Дутерте направи пресврт и повторно му се приближи на Вашингтон. Малезија беше принудена неколку пати да ја повика на помош американската Седма флота за да ги оддалечи кинеските бродови кои ја попречуваа државната нафтена компанија да го испитува морското дно во своите територијални води. Индонезија официјално побара од генералниот секретар на ОН јавно да ги осуди кинеските територијални претензии во Јужното кинеско море. Џакарта воспостави воена координација со Јапонија, Јужна Кореја и САД за да ги осуети намерите на Кина да ја прошири својата ексклузивна економска зона која задира во нејзините граници.

Пекинг со приближувањето до Шри Ланка и Пакистан и претворањето на Коломбо и Карачи во главни хабови на „Новиот пат на свилата“, го разбуди античкото ривалство со Индија. Њу Делхи сметаше дека венецот на Хималајските планини е доволно голема и сигурна брана од аспирациите на северниот сосед и се чувствуваше безбедно во „својот“ Индиски океан. Односите станаа дополнително напнати во последните неколку недели, после уште едно анектирање на спорната територија во Ладак, кога дојде до вооружен конфликт на индиските и кинеските војници. Тоа беше прв конфликт помеѓу двете нуклеарни сили со човечки жртви од кинеско-индиската војна во 1962 година.

Кралскиот дочек кој минатиот февруари му беше приреден на Доналд Трамп во Њу Делхи не беше само израз на политичката блискост на индискиот премиер Нарендра Моди туку и сојузништво врз основа на старото начело: непријателот на мојот непријател е мој пријател.

Комунистичкиот режим во Џонгнанхаи сака во следните три децении да оствари доминација над океаните и да стане прва воена и економска сила на планетата. Во Вашингтон сите се сложуваат околу тоа: разлики се појавуваат околу одговорот на прашањето како Пекинг би ја употребил својата хегемонска власт. Првите сметаат дека Си Џинпинг е доволно разумен да сфати дека Кина не може да ја имитира Америка и дека билдањето воена моќ повеќе служи како штит за режимот отколку како „копје“ со кое би се освојувал светот. Вторите шират страв од Кина и нејзините амбиции да владее со целиот свет наметнувајќи го својот политички и економски модел.

Опкружен со рускиот Сибир, Пацификот и Хималаите, каде и да погледне Си Џинпинг гледа отворени непријатели (Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, Виетнам, Тајланд, Малезија, Филипини, Индонезија, Индија), недоверливи сојузници (Русија и Пакистан) и „купени“ пријатели (Лаос, Камбоџа, Мјанмар, Непал). Особено непријатна вистина за режимот во Пекинг е ставот на граѓаните на Хонгконг и Тајван кои не се сметаат за Кинези и како најголема ноќна мора го доживуваат враќањето во прегратката на континентална Кина.

И покрај тоа, во Хонгконг се жалат од колонијалните британски времиња и не е исклучено дека Кина ќе мора да ги примени мерките на некогашна Источна Германија (ДДР) ако сака Хонгконг да не се испразни: некои во Тајван, некои во Велика Британија а некои во Австралија. Кинеската „мека моќ“ не функционира ни во Сингапур и покрај тоа што три четвртини од населението на градот-држава е со кинеско потекло односно од етничката група Хан. Сингапур освен што го продолжи изнајмувањето на воените бази на американската војска, купи 40 нови авиони Ф-35 јасно покажувајќи ја својата определба помеѓу двете сили.

Индокинескиот полуостров со околните острови е пресуден за понатамошниот економски развој на Кина и е клучен регион за нејзиното воздигнување во планетарен хегемон. Сите прекуокеански патишта кои ја поврзуваат Кина со Европа, Африка и источниот брег на американскиот континент поминуваат низ југоисточниот дел од азискиот континент, или уште попрецизно преку Малајскиот проток. Од друга страна, тоа е задолжителна маршрута во спротивна насока за енергенсите со кои Централната империја се снабдува од Персискиот залив.

Маршрутата која поминува преку Јужното кинеско море и Малајскиот проток е убедливо најлукративна на планетата. Се проценува дека таму годишно поминуваат стоки и енергенси во вредност од пет илјади милијарди долари. За колку голема сума се работи зборува податокот дека тоа е износ на бруто општествениот производ (БДП) на Јапонија или 40 проценти од кинескиот БДП.

Меѓутоа, просторот за кој ние, среќните и привилегирани момчиња, фантазиравме голтајќи ги романите на Емилио Салгари за пиратите, денес е уште поопасен отколку кога таму пловеа Сандокан и неговите гусари. Не постои помилитаризиран простор на земјината топка од парчето вода помеѓу Тајван, Кина, Виетнам, Малезија, Индонезија и Филипините.

Само овој месец Кинезите изведуваа маневри во близина на Парацелските острови, додека американската Седма флота со своите два носачи на авиони „Реган“ и „Нимиц“ и бомбардерите Б-52 изведуваа маневри во близина на брегот на Филипините. Инцидентот помеѓу кинеските и американските бродови во Јужното кинеско море од октомври 2018 година е пример „пар екселанс“ дека лесно може да дојде до отворен конфликт помеѓу двете суперсили.

Обновената Централна империја се однесува како Јужното кинеско море да е нејзино „езеро“ и покрај тоа што крајбрежните земји (Виетнам, Индонезија, Филипини и Малезија) имаат право на територијалните води и таканаречената ексклузивна економска зона. И покрај тоа, Меѓународниот суд во Хаг ја осуди Кина заради кршење на меѓународното право со градењето вештачки острови и заземање на постоечките за градење на воени бази. Арогантноста на кинеските власти кон одлуките на Меѓународниот суд ја демонстрираше министерот за надворешни работи Ванг Ји со изјавата: „Ако се вика Јужно кинеско море, тогаш тоа значи дека е Јужно кинеско море или не?“

Како што до откривањето на Америка во светот владееше оној што го држеше под контрола Средоземното море, а потоа Атлантскиот океан, така денес надзорот над Малајскиот проток и Јужното кинеско море гарантира доминација со планетата. Во тие води од своето основање во екот на Втората светска војна, пали и гаси американската Седма флота подготвена да ги затвори тесните грла низ кои поминуваат бродовите до и од Кина.

Во последните десет години Кина значително ги зголеми вложувањата во својата воена морнарица со цел да создаде флота каква што светот сѐ уште не видел. Досега, Кинезите направија 800 воени бродови, два носачи на авиони и 74 подморници. Среде пандемиската криза потона вториот амфибиско-десантен брод „Type 075“ и беше организирана серија поморски вежби, вклучувајќи и симулација на инвазија на Тајван.

Односите помеѓу Пекинг и Вашингтон, според признанието на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, не биле на толку ниско ниво од нивното обновување кон крајот на седумдесеттите години. Стигнавме до момент кога оддалеченоста на двете планетарни велесили може да се лизне од теренот на „хендлувањето“ во бездна на непремостлив јаз. Нема сомнежи дека во Вашинготн победи струјата која заговара „раздвојување“. Тоа е една од ретките допирни точки на надворешната политика на Трамп и демократските конгресмени. Кој и да победи на изборите во ноември, The Donald или Заспаниот Џо, „раздвојувањето“ на Кина и САД ќе биде неизбежно. Разликата е во методот: трауматично, како што ветува хаотичната и недоследна надворешна политика на Трамп или систематски и далекусежно, како во плановите на таканаречената длабока држава чија политика ќе излезе на површина со враќањето на Џо Бајден во Белата куќа.

Без штетното дејствување на Доналд Трамп, американската администрација ќе може да го обнови таканаречениот Вашингтонски консензус (демократија и слободен пазар) против таканаречениот Пекиншки консензус (автократија и државен капитализам). Секако, дефинициите на двата консензуси не одговараат во целост на реалната состојба на теренот, но разликите се доволно видливи што изборот ќе биде неизбежен и јасен.

Поминаа шест века откако Кина доминираше над Пацификот и Индискиот океан со флотатата на Џенг Хе. Во Пекинг отсекогаш повеќе се плашеа од копнени инвазии отколку од поморски: Големиот кинески ѕид е најдобар сведок. Кинезите денес се наоѓаат во слична позиција како Петар Велики кога ги прашал Англичаните што е потребно за една земја да стане поморска сила. „Потребно е да се умре од страв на брановите а не да се потоне“, му објасниле Британците на рускиот цар појаснувајќи му дека човечкиот фактор е пресуден.

Како некогаш Русија или подоцна Германија, како што изгледа, и Кина може да направи моќна флота, но искуството, знаењето и генетскиот код кој го имаат Американците, наследени од најдобрите европски учители, не можат да се надоместат ни лесно ни бзро. Многу поедноставно е да се направи носач на авиони отколку да се школува способна и мудра класа адмирали. Дотолку повеќе што во Кина за време на владеењето на Мао Це Тунг не знаеле ни каква боја е морето а камоли океанот.

Кинезите во догледно време нема да бидат способни да преживеат на океаните, нема да имаат ни капацитет да извршат десант на Формоза каде ги чекаат 20 и повеќе милиони непријателски настроени Тајванци. Кина не може да ги паркира своите носачи на авиони и флотата пред Калифорнија или Њујорк како што Седмата флота не може да го гледа кинескиот брег од Јужното кинеско море или од територијалните води на Тајван, Јапонија или Јужна Кореја.

Денг Сјаопинг не се сложуваше со оние кои 21-от век го претставуваа како век на Азија и Пацификот. Најмудриот кинески владејач во последните неколку векови беше во право. Европа и натаму е светилник на човештвото а САД и натаму се единствената сила која без проблеми владее со својот континент. Кина нема потенцијал да командува со сопствениот континент како САД, а со бруталниот и тоталитарен режим нема шанса да биде ѕвезда водилка на човештвото како Европа, освен, секако за клептократските режими и диктатори. Пандемијата дефинитивно стави точка на тактиката на Денг како татко на кинескиот препород, претставена преку максимата; „Сокриј ја својата сила и чекај го вистинскиот момент“.

Дали Кина веќе не може да ја сокрие својата сила или мисли дека е дојдено времето? „Сѐ уште е рано за одговор“, како што би рекол Џоу Енлаи, поранешниот кинески премиер и десна рака на Мао Це Тунг, имајќи предвид дека сега знаеме дека не мислел на Француската револуција од 1789 година, туку на онаа од 1968 година, така што не мора да чекаме уште неколку векови, туку неколку години... а можеби и помалку.

Извор: Nedeljnik