САД и Кина – двојни стандарди

09.06.2018 03:16
САД и Кина – двојни стандарди

Посетата на високата трговска делегација на САД во Кина не успеа. Тоа беше очекувано заради обемот и ригидноста на американските барања. САД бараат од Кина да ја променат својата индустриска политика и прописите за интелектуалната сопственост, како и да не се противи на воведувањето еднострани тарифи на Трамп за увозот на кинеските производи.

Ова не е ни прв ни последен трговски конфликт со Кина. Глобалниот поредок на најновата генерација – од основањето на Светската трговска организација во 1995 година – е заснован на претпоставката дека светските регулаторни режими ќе се поврзат, како и дека Кина ќе ја води економијата на западен начин. Наместо тоа, овие системи се оддалечуваат и запаѓаат во постојани конфликти.

Постојат добри причини Кина и другите економии да не се согласат на прилагодувањето под притисок на американските извозни лобија. Најпосле, за успешната глобализација на Кина заслужни се нејзините нестандардни и креативни индустриски политики, како и економската либерализација. Селективната заштита, субвенционираните кредити, државните претпријатија, прописите за користење на домашните ресурси и одговорот на барањата за технолошки трансфер ја претворија Кина во светска производствена сила. Тековната стратегија „Made in China 2025“ треба да ја лансира меѓу високо развиените земји.

Јасно е дека економската политика на Кина ги крши правилата на СТО. Но, оние што подбивно ја нарекуваат Кина „измамник“ треба да размислат дали ќе успееше да ја видоизмени својата економија и дали толку брзо ќе се развиваше ако станеше член на Светската трговска организација пред 2001 година или ако оттогаш послушно ги следеше нејзините правила. Истите коментатори Кина ја нарекуваат и најголема реклама на глобализацијата – заборавајќи колку Кина отстапува од правилата на современата глобална економија.

Кина ја игра играта на глобализацијата според правилата од Бретон Будс, далеку поблаг режим кој управуваше со светската економија во првите години после Втората светска војна. Како што ми објасни еден кинески претставник, таа стратегија се состои во следното: да се отворат прозорците, но на нив да се постави заштитна мрежа. Така се добива свеж воздух (странски инвестиции и технологија), а надвор да останат штетните елементи (непредвидливите текови на капиталот и неконтролираниот увоз).

Ова што го прави Кина не се разликува многу од она што во минатото го правеа развиените земји за да ги стигнат другите. Една од главните забелешки на САД е тоа што Кина систематски ги крши правата за интелектуална сопственост и краде технолошки тајни. Но, во 19 век САД ѝ го правеа истото на Велика Британија, тогашниот технолошки лидер. Ни Америка тогаш не ги почитуваше економските тајни и интелектуалната сопственост.

Новоотворените фабрики за текстил во Нова Англија беа очајни по технологија и најдобро што можеа ги крадеа британските проекти и криумчареа вешти британски занаетчии. САД имаа закони за патенти, но тие ги штитеа само нивните граѓани. Како што вели еден историчар на американскиот бизнис: и САД „беа пирати“.

Секој сензитивен меѓународен трговски режим мора да признае дека не е ни реално ни пожелно да се ограничува слободата на земјите во креирањето на нивните економски и општествени политики. Нивоата на развој, вредноста и историската патека на земјите премногу се разликуваат за да можат да се унифицираат во одреден модел на капитализмот. Внатрешната политика понекогаш може да ги одбие странските инвеститори и да ја уништи економијата. А, понекогаш може да доведе до економска трансформација и да ја намали сиромаштијата, како во случајот на Кина, која создава добивка не само за домашната економија туку и за потрошувачите во целиот свет.

Од меѓународните трговски прописи – кои се резултат на темелните договори помеѓу различни интереси, пред сè на корпорациите и нивните лобисти – не можеме да очекуваме дека сигурно ги разликуваат тие две низи околности. Земјите со лоши политики кои го гушат развојот најголема штета си прават на себеси. Кога домашните стратегии се неуспешни другите земји можат да ги трпат последиците, но најголемата цена ја плаќа домашната економија, што е доволен поттик за земјите да не следат погрешна политика. Владите кои стравуваат од трансфер на важно технолошко знаење надвор од земјите можат да воведат прописи кои на нивните претпријатија им забрануваат да инвестираат во странство или да им забранат на странските државјани да преземаат домашни фирми.

Многу американски либерални коментатори мислат дека тоа што Трамп ѝ се нафрли на Кина е одлично. Тие го критикуваат само неговиот агресивен, едноставен пристап. Меѓутоа, факт е дека трговската програма на Трамп не се темели на ограничениот меркантилизам кој ги фаворизира американските корпорации на штета на сите други. Него не го интересираат политиките кои би довеле до општо подобрување на глобалната трговија, зашто тогаш би можеле да го почитуваат златното правило на трговскиот режим: не наметнувајќи им ограничувања на другите држави кои ни самиот не би ги прифатил во исти околности.

Извор: https://www.project-syndicate.org