Економските санкции како самоубиство

12.09.2023 00:46
Економските санкции како самоубиство

Светот поминува низ нова Студена војна: втора студена војна. Еден од главните начини на кој се води оваа војна е економската политика. Санкциите се главен инструмент на економската војна. Кога некоја држава ќе ги наметне унилатерално, без одобрение на Обединетите нации, тие се нарекуваат „еднострани присилни мерки“ и се незаконски според меѓународното право.

Една четвртина од светското население живее во земји кои се еднострано санкционирани од Соединетите држави.

Земјите кои се санкционирани од страна на САД и Европа сочинуваат речиси една третина од глобалниот бруто домашен производ (БДП). Примената на санкциите од страна на Соединетите држави и нивните европски сојузници нагло порасна последниве години.

Меѓу земјите против кои САД воведоа санкции се две од најмоќните нации на Земјата: Кина и Русија. Кина има најголема светска економија кога нејзиниот БДП се мери според паритетот на куповната моќ (ППП). Русија е шестата најголема економија во светот.

Американската влада јасно даде до знаење дека целта ѝ е да ги саботира економиите на евроазиските џинови. Но Вашингтон не успеа.

Кина продолжува да развива најсовремена технологија, додека Русија само дополнително ја зацврсти својата улога на глобален гигант во секторот на суровините и го јакне производствениот сектор. Неуспехот, па дури и негативните ефекти на оваа западна економска војна покажуваат дека, иако едностраните санкции можат да предизвикаат, и често го прават тоа, значајна штета за помалите земји со помалку развиени економии, како Венецуела, Куба или Сирија; за големите земји со масивна индустриска база, како Кина и Русија, нивните економии впрочем би можеле да бидат „преголеми за санкционирање“.

Во вакви случаи, западните санкции нанесуваат економска штета на краток рок, но на среден и долг рок, едностраните присилни мерки впрочем им помагаат на метите така што ги прават економски и технолошки посуверени. Овие огромни евроазиски економии наоѓаат алтернативи и повеќе не се зависни од западните корпорации. Развиваат сопствени високотехнолошки производствени сектори со поголема додадена вредност во процесот на производство.

Русија е една од најмногу санкционираните земји во светот. САД и ЕУ ѝ наметнаа бројни пакети санкции на оваа евроазиска држава заради прокси војната на НАТО во Украина. Претседателот Бајден јасно даде до знаење дека со оваа економска војна целта на Вашингтон е да ја претвори руската валута, рубљата, во „руина“ (“ruble to rubble”). Бајден во март 2022 година се пофали дека една рубља, барем накратко, вредеше помалку од едно американско пени. Американскиот претседател изјави:

„Го спроведуваме најзначајниот пакет економски санкции во историјата и тоа ѝ нанесува значителна штета на руската економија. Навистина, руската економија доживеа сериозен пад. Руската рубља сега падна за 50 проценти од моментот кога Путин ја најави својата војна. Сега една рубља вреди помалку од еден американски цент. Исто така ја спречуваме руската централна банка да ја одржува рубљата и да ја задржи нејзината вредност. Веќе нема да можат да го прават тоа. Ги исклучивме најголемите руски банки од меѓународниот финансиски систем, што ја ослабна нивната способност да работат со остатокот од светот.“

Бајден не спомена дека во Русија живеат повеќе од 140 милиони Руси кои ја користат рубљата во секојдневниот живот; добиваат плати во рубљи. Со обидот за уништување на нивната валута, оваа западна економска војна не ѝ наштети само на руската влада и Владимир Путин; нејзините последици ги чувствува целата земја, вклучувајќи повеќе од 140 милиони цивили.

Но санкциите не се прецизен инструмент - и покрај фактот дека западните влади постојано, и погрешно, тврдат дека се „насочени“ против конкретни поединци и дека постојат „хуманитарни исклучоци“. Санкциите се брутален инструмент на економската војна, средство за колективно казнување. Често нанесуваат сериозна штета и имаат сериозни последици за цивилите кои живеат во санкционираните земји.

На пример, во Венецуела мејнстрим стручњаците заклучија дека најмалку десетици илјади, а можеби дури и повеќе од 100 000 цивили ги загубиле животите заради нелегалните еднострани санкции кои им ги наметнаа САД за време на обидот за пуч во времето на администрацијата на Доналд Трамп, во соработка со Хуан Гаидо.

Меѓутоа, во случајот со Русија економските санкции не направија толкава штета како што се надеваше Западот. На почетокот рубљата ослабна значајно во однос на другите валути, но набрзо закрепна, главно заради растот на цената на нафтата и другите стоки. Русија е еден од најголемите светски произведувачи на нафта, гас, ѓубриво и пченица.

Всушност, не само што санкциите не успеаја да ја претворат рубљата во „руина“ и да ја опустошат руската економија; тие ѝ се одбија од глава на Европа, предизвикувајќи енергетска криза и придонесувајќи за високи нивоа на инфлација. Во меѓувреме, ЕУ увезува рекордни количини руски течен природен гас (ЛНГ).

Фајненшл Тајмс извести дека во првите седум месеци од 2023 година членките на ЕУ, Белгија и Шпанија, беа втор и трет најголем купувач на руски течен природен гас. Единствена друга земја која купила повеќе гас е најблискиот сојузник на Русија: Кина. Франција и Холандија исто така увезуваат значајни количини руски течен гас. „Увозот на супер изладен гас во ЕУ порасна за 40 проценти помеѓу јануари и јули годинава во споредба со истиот период од 2021.“, пишува Фајненшл Тајмс. Весникот додаде дека „ЕУ пред војната во Украина не увезуваше значајни количини руски течен гас заради својата зависност од гас испорачан преку гасоводите од Русија.“

Што се случи со гасот од овие гасоводи? Па, Европа се обврза дека ќе го бојкотира. Но, треба да се додаде дека некои од најважните гасоводи кои ја поврзуваат Русија со Германија, како Северен ток, се кренати во воздух во меѓународниот терористички чин во септември 2022 година. Не е познато кој точно ја саботираше оваа клучна енергетска инфраструктура. Но новинарот Сејмур Херш, добитник на Пулицерова награда, извести дека тоа била американската влада.

Така сега земјите членки на ЕУ увезуваат руски течен гас во рекордни количини. Иронично, дури и плаќаат повеќе отколку што плаќаа за евтиниот гас од гасоводот. Фајненшл Тајмс извести дека Европа потрошила приближно 5,29 милијарди евра купувајќи руски течен гас на спот пазарот („пазар за моментална испорака“) од јануари до јули 2023 година. Весникот забележа: „Службениците од ЕУ укажаа на општите напори руските фосилни горива постапно да се укинат до 2027 година, но предупредија дека директната забрана на увозот на руски течен гас би ризикувала поттикнување енергетска криза слична на минатогодишната кога цените на гасот во ЕУ достигнаа рекордни нивоа од повеќе од 300 евра за мегават час“.

Сега Русија е вториот најголем извозник на течен гас во еврозоната. Единствена земја која продава повеќе се САД. Имено, заради енергетската криза во Европа и санкциите кон Русија, САД во 2022 година станаа најголем извозник на течен природен гас во светот (во координација со Катар). Значи, додека европските економии трпат, американските корпорации се богатат.

Истовремено, западниот сојузник Индија купува рекордни количини руска нафта по цени под пазарната вредност, со значаен попуст, потоа таа нафта ја преработува и ја продава во Европа со дебела маржа. Значи, Индија добро заработува од продажбата на руската нафта во Европа, зашто Европа заради своите санкции одбива директно да купува руска нафта.

Оваа самоубиствена политика на санкции ја поттикна енергетската криза во Европа, туркајќи ги економиите во рецесија и предизвикувајќи деиндустријализација со вртоглава брзина. Товарот од ваквите економски неволји на својот грб го носат обичните работници. Реалните плати на работниците во Еврозоната паднаа за 6,5 проценти од 2020 до 2022 година.

Бен Нортон е новинар и аналитичар чија работа главно се фокусира на геополитиката, меѓународната политичка економија и американската надворешна политика. Бен Нортон е основач и главен уредник на Geopolitical Economy Report, независен медиумски веб портал.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://geopoliticaleconomy.com/

ОкоБоли главаВицФото