Погрешка проценка

08.03.2023 01:32
Погрешка проценка

За да се разбере кинескиот план од 12 точки за прекин на војната во Украина, прво треба да се замисли местото каде што веројатно настанал: во некоја од мермерните одаи во огромните згради на авенијата Чанг Ан, каде последниве 50 години никој не се осудува да писне против официјалните ставови на партијата.

По 12 месеци војна која ќе ја одреди не само судбината на Украина туку и позицијата на Кина во 21 век, сè што добивме е низа излитени фрази. „Мора да се почитува универзално прифатеното меѓународно право“. „Потребно е да се избегне заканата од нуклеарен конфликт“. И така натаму.

Сепак, зад нанижаните клишеа може и да се види нешто: кинеските комунистички милијардери се смртно исплашени – се плашат од сопствениот народ, од можен крах на својот економски модел и надворешнополитичката катастрофа за која придонесоа.

Во овој документ од Русија се бара да склучи мир со Украина, додека од западот се бара во Европа да изгради нова безбедносна структура која ќе биде поприфатлива за Русија. Од западот се бара и да ги укине санкциите за Русија, освен оние кои ги воведоа Обединетите нации, а од Русија да не ја загрозува испораката на жито за земјите од глобалниот југ.

Потоа следи поентата: „Сите вклучени страни мораат да придонесат за одржување на постоечкиот светски економски поредок и да се спротивстават на користењето на економијата како алатка или оружје за остварување на економските цели“. Пекинг порачува дека дури и да имате намера да убиете десетици илјади цивили, економската глобализација мора да преживее – зашто кинескиот модел на развој не е можен без неа.

Но тој брод исплови одамна. Пред повеќе од една година Си Џинпинг гордо стоеше до Владимир Путин кога го објавија заедничкото соопштение за крајот на светскиот поредок воспоставен по 1945 година. „Глобалниот поредок е фикција“, рекоа. Универзални права веќе не постојат. Постојат само локално дефинирани концепти на демократијата и слободата, според кои Кина на Си и Русија на Путин можат да се прогласат за најслободни и најдемократски општества на планетата.

Неколку дена по објавата на ова соопштение Путин ја започна инвазијата на Украина. Неколку недели подоцна Кина ги интензивираше воените маневри во близина на Тајван. Ја блокираше и продолжува да ја блокира резолуцијата на Обединетите нации со која се осудува руската инвазија на Украина, а сега наводно размислува за продавање оружје на неуспешната армија на Путин.

Фактот дека сега предлага мировен план и го моли западот за враќање на статус кво-то од пред војната покажува колку Пекинг погрешил во своите проценки.

Очигледно е дека Путин ѝ поверува на сопствената пропаганда: дека Украина всушност сака инвазија; дека западот е премногу поделен за да се спротивстави ефикасно; дека западните општества се премногу декадентни за да се потресат заради тоа што нечии војници некаде систематски мачат, силуваат и убиваат луѓе.

Се покажа дека и Си беше жртва на сопствената пропаганда. Очекуваа дека западот ќе отстапи и ќе рече, „само напред, земете ја Украина, земете го и Тајван, под услов тоа да не ги намали профитите на големите нафтени и финансиски компании“. Но западот го прочита блефот на двајцата диктатори.

Америка и Европа преку ноќ блокираа 300 милијарди долари руски пари. Ги принудија големите брендови, банки и петрохемиски компании да се откажат од повеќедецениските инвестиции во Русија. Џо Бајден ја поведе Америка на пат за нова екомонска самодоволност, насочувајќи милијарди долари во чиста енергија. Иницираше оддалечување на САД од кинеската технологија и на Пекинг му го оневозможи пристапот до полупроводници произведени во странство.

За момент да ги оставиме настрана воведените санкции и помошта која западните земји веќе ѝ ја упатија на Украина. Суштината на стратешкиот одговор на западот е ваквиот поотворен чин на дистанцирање – кој во САД и Велика Британија е во тек, иако во Европската унија сè уште наидува на пречки.

Путин ги зголеми цените на нафтата и гасот и ги оневозможи испораките на жито за милиони гладни. Кина избра да му помага во тоа, во име на изградба на „мултиполарен“ светски поредок во кој силата ќе биде посилна од меѓународното право. Накратко, тие одлучија системот на економска глобализација да го искористат за рушење на правниот и геополитичкиот поредок кој им овозможи процвет.

Како што веќе зборував, тоа не треба да нè зачудува. Зад овие настани стои историска законитост: Кина е економска сила во подем, додека САД минуваат низ период на опаѓање и нестабилност кои самите ги предизвикаа. Италијанскиот марксист Антонио Грамши во триесеттите години на 20 век напиша: „Стариот свет умира, а нов не може да се роди. Ова е време на чудовишта.“

Најважно прашање за западот во моментов не е дали ќе успее да го сочува она што во ерата на Блер беше дефинирано како „униполарен свет“: несомнена хегемонија на Соединетите држави. Прашањето е како може да се изгради и сочува мултиполарен глобален поредок заснован на обврзувачки договори на начин кој ќе овозможи понатамошно потиснување на Русија, излегување на Кина на светската сцена како глобална суперсила и достигнување одреден степен на автономија на Европската унија во однос на САД.

Во таа смисла треба да се знае дека во односите со земјите како Кина, во кои нема демократија ниту каков било облик на критичко мислење во највисоките ешалони на власта, на нивните постапки не може да се влијае со зборови туку само со дела.

Сè што презеде западот досега – унилатерални санкции, испорака на оружје и замрзнување на девизните резерви – нема за цел само да придонесе за победа на Украина, туку и да ѝ покаже на Кина што ја чека ако одлучи да преземе нешто слично на Тајван.

Има индиции дека Кина, и покрај повиците за враќање во нормалниот поредок, се подготвува да почне да ја вооружува Русија. Во тој случај западните земји мораат да бидат подготвени да го зголемат притисокот, да го забрзаат оддалечувањето на своите економии од Кина и адекватно да им се спротивстават на манифестациите на кинеската мека моќ во западните демократии.

Никој на запад не сака конфликт со Кина. Колку повеќе ја запознавам реалноста на животот во Кина – ја посетив петпати – толку повеќе им се воодушевувам на достигнувањата на кинескиот народ и големината на оваа цивилизација. Од Кина може да се научи многу.

Но нивните владејачи, изолирани во полупразните џиновски министерства – за диктатура не ви требаат многу луѓе – исто така мораат да покажат подготвеност да учат. Нивниот прв стратешки гамбит беше здружениот обид за рушење на светскиот поредок воспоставен по 1945 година. Јасно е дека не успеаја во тоа.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Paula Bronstein

Извор: https://www.theneweuropean.co.uk/

ОкоБоли главаВицФото