За воен долар повеќе

08.06.2022 00:34
За воен долар повеќе

За само половина век доларот се претвори во сопствена спротивност. Од некогашен камен темелник на кој почиваа мирот и стабилноста стана воена секира од која буквално капе крв. До 1971 година на секоја доларска банкнота пишуваше дека може да се замени за злато и тоа, секако, по номинална вредност. Тогаш Америка премногу инвестираше во виетнамската војна, па вредноста на доларот почна да паѓа зашто загубите се покриваа со печатење пари. Земјите кои своите резерви ги држеа во долари, а тоа беше целиот западен свет, сфатија дека Америка на тој начин врз нив префрла дел од своите воени трошоци, па почнаа масовно да ја претвораат хартијата во злато. Познатиот Форт Нокс, непробивна тврдина во која Америка ги чува своите златни резерви почна да се празни забрзано.

Тогашниот гувернер на Народната банка на Југославија д-р Иван Першин подоцна пишуваше дека Американците набрзина ги собрале европските министри за финансии и гувернерите и дека претседателот Ричард Никсон им викал дека ја поткопуваат Америка, без која сите би биле руско робје. Но тоа, секако, не беше доволно за да се дисциплинираат оние на кои им се вовлекува раката во џебот, па истовремено е укинато и правото на замена за злато. Доларот ја изгуби златната подлога, а на новите банкноти остана само текстот: „In God We Trust“. Уште поинтересна е приказната која авторот на текстов ја слушна од првиот гувернер на Хрватската народна банка по осамостојувањето, д-р Анте Чичин-Шаин. Тој тогаш бил на студиски пат во Америка каде го прашал нобеловецот Фридрих Хаек (денес би рекле екстремен неолиберал) дека доларот ќе функционира без златната подлога. „Не грижете се, колега“, му одговорил Хаек, „доларот има атомска подлога“.

Таа констатација сјајно ја дефинираше променетата улога која доларот ја доби во тогашниот свет. Помеѓу двете светски војни траеше постојан натпревар во девалвации со кои некои земји ја поправаа сопствената конкурентност. Тоа доведуваше до хаос и ѝ штетеше на меѓународната трговија. Затоа на познатата конференција во американското одморалиште Бретон Вудс во 1944 година, каде се кроеше повоениот свет, беше договорен систем на фиксни девизни курсови (дозволената флуктуација беше само еден процент), беше основан Меѓународниот монетарен фонд за помош на земјите кои ќе западнат во неволји и Светската банка за помош на развојот, а цврстата точка на која се потпираше сето тоа беше доларот со златна подлога. Тоа беше систем за свет на мир, создаден во време кога се зборуваше и се мислеше „никогаш повеќе“. Меѓутоа, следеше студената војна, па низа локални врели војни, за после скапиот американски дебакл во Виетнам сè да отиде по ѓаволите. Така наместо златна, доларот доби атомска подлога.

Таа беше прилагодена на биполарниот свет со помалку или повеќе јасни сфери на влијание и во тој поредок функционираше добро. Неволјите почнаа кога се распадна Советскиот сојуз и кога дојде време за доминација на една сила. За разлика од Варшавскиот пакт, НАТО не е укинато, а наместо да се намали, американскиот воен буџет е удвоен. Како да се очекуваше па и да се бараше нов непријател. Америка ја користеше својата доминација во склад со наводната изјава на својот некогашен политичар и дипломат (беше и амбасадор во Москва) Ејверел Хариман, дека Американците учествуваат со шест проценти во светската популација (денес, 4,3 проценти), а користат 50 проценти од ресурсите. „Наша цел е што подолго да ја зачуваме оваа состојба“, рекол наводно, веднаш по Втората светска војна. Звучи цинично? Можеби, но би било наивно да ѝ се верува на политика заснована на алтруизам, а не на интереси. Сите големи светски империи, од времето на антички Рим, се повлекувале дури кога питата станувала поскапа од тепсијата, односно трошоците поголеми од користа. Затоа од времето на британското царство во кое сонцето никогаш не заоѓало и политиката источно од Суец не остана ни камен на камен. Поточно, остана само гибралтарската карпа. По Втората светска војна дојде времето на американското и руското царство. Потоа Американците останаа сами. Триесет години подоцна истекува и нивното време. Големата и моќна Кина го бара својот дел. Веднаш зад аголот е и Индија. А и националистичките соништа на Владимир Путин имаат атомска подлога. И тој е премногу моќен за НАТО постојано да му лае пред врата, како што се изрази папата Фрањо. Британците се повлекуваа релативно мирно зашто повеќе владеееја со трговија отколку со сила. Но Американците владејат со војска, напиша еден автор. Како ќе се повлекуваат тие?

Сегашната состојба во светот е одговор на тоа прашање. По бројни локални војни и низа порази, се чини дека е обновена стратегијата на Никсон (заради која ја укина златната подлога на доларот) за префрлање на трошоците на други. И тоа не само трошоци во пари, туку и во крв. Авганистан (засега) е последниот американски пораз во кој учествуваа нивните војници. Во еден момент беа повеќе од 90 000 со најмодерно оружје, со бројни трупи од земјите на НАТО. Па сепак, не успеаја. Стратегијата мораше да се промени. Патем, некои од стручните аналитичари во нашите медиуми докажуваат дека НАТО е само одбранбена организација, која дејствуваше надвор од своите граници само кога ја бомбардираше Србија на Слободан Милошевиќ. Ако тоа е точно, тогаш Андреј Пленковиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ на своја рака и заради некои мистериозни причини воено интервенираа во Авганистан.

Сегашната војна во Украина е типичен пример за стратегија на префрлање трошоци, а делот во крв го плаќаат (засега) само Украинците и Русите. Кинезите и Американците не плаќаат ништо, тие (засега) само ги тријат рацете. И на Индија ѝ падна секирата во мед зашто купува руска нафта по пониска цена. Европа, која го сноси најголемиот трошок, глуми зајакнато единство и солидарност, но истовремено, под маса сите прават калкулации и се обидуваат да откријат што ги чека во иднина. А познатиот американски професор Нуриел Рубини во своето најново дело таквата иднина ја опишува вака: „Во новата ситуација за која мораат да се подготват развиените, но и помалку развиените економии, нè чекаат инфлација и забавување на економскиот раст. Причините за стагфлацискиот удар треба да се бараат во шоковите на страната на агрегатната понуда кои предизвикаа раст на трошоците и потешкотии во организацијата на производството. (...) Среднорочните перспективи исто така не се добри, па можеме да очекуваме продолжена стагфлација, со висока инфлација, забавување на глобалниот раст и мошне веројатна рецесија во многу национални економии.“

Секако, стагфлацијата е состојба во која стагнира земјата, а цените дивеат. Некои мислат дека би било доволно да престане војната во Украина, да се најде modus vivendi, па сè да биде како порано. Но ништо во светот веќе не е како порано. Основно е дека веќе никој не верува никому. Исчезна системот кој стимулираше рационално работење. Сигурноста стана поважна од трошокот. Производството се преместува во матичните земји иако е поскапо, се воведуваат протекционистички мерки кои неизбежно ги погодуваат двете страни, продавачите и купувачите, зајакнуваат монополите, тезата дека најскапата енергија која ја нема е само врвот на сантата од борбата за сè поскапи суровини, се кочи ширењето на новите евтини технологии (кинескиот Хуавеи) и се обезбедува пазарот со поскапи домашни, трудот станува поскап заради затворањето на вратите за мигрантите и стареењето на домашната популација итн.

Во оваа економска војна на секој против сите, сојузништвата вредат само додека пресметката не покаже поинаку. А за долар повеќе не е важна ни златна ни атомска подлога. Во војната со санкции за Русија и пошироката игра за префрлање на трошоците, тој стана најважно оружје. Истовремено тоа е и најкраткиот пат до уништување на сегашниот меѓународен финансиски систем. За жал, лесно е да се замислат општествените последици. Ако се остварат прогнозите на д-р Рубини, госпоѓата Марин Ле Пен е иднината на Европа.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Christo Komarnitski

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото