1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Германската влада и канцеларот Олаф Шолц попуштија пред долготрајниот притисок на одредени сојузници на НАТО во однос на испораката на современи тенкови Леопард 2А6 за Украина. Освен што само Берлин ќе испрати четиринаесет тенкови, им дозволи и на другите земји кои ги имаат во својот инвентар - Полска, но и Финска, Холандија но и другите - да му ги испратат на Киев. Според медиумските извештаи, за промена на ставот на Шолц клучно беше тоа што Вашингтон одлучи да испрати помал број тенкови М1 Абрамс. Имено, Германија никако не сакаше сама да ја преземе одговорноста за оваа одлука и во очите на Путин да стане директно вклучена во војната. Испраќањето тешки тенкови на Киев коментаторите главно го оценуваат како пресуден потег кој на украинската војска ќе ѝ овозможи длабински продори низ руската линија, нужни за ослободување на окупираните територии. Накратко, како пресуден чекор кон украинска победа. Сепак, во реалноста нештата се посложени.
Иако во арсеналите на европските војски постојат приближно две илјади Леопарди, тие се подготвени да испратат само помал број од својот воен инвентар. Кога станува збор за индустриските резерви, германскиот одбранбен концерн Рајнметал соопшти дека до април може да испорача дваесет и девет тенкови Леопард 2, а следни дваесетина дури на почетокот на 2024 година, со осумдесет и осум постари тенкови Леопард 1. Но, ќе поминат барем неколку месеци додека испорачаните тенкови веднаш не бидат интегрирани во украинската војска, а војниците обучени за управување. Истовремено, сè повеќе се претпоставува дека Русија наскоро ќе започне нова голема офанзива, веројатно во Донбас. Од 300 илјади војници официјално мобилизирани минатата есен - реалната бројка веројатно е поголема - само еден дел се упатени на фронтот за да помогнат да се стабилизираат линиите ослабени од украинските продори, додека останатите поминуваат комплетна обука. Се претпоставува и за нови бранови мобилизација. Значи, Русија има намера да ја обнови борбената моќ на својата војска, а постојат и други знаци дека Путин и новиот командант на агресијата во Украина, началникот на рускиот генералштаб Василиј Герасимов не се откажуваат, туку сметаат на долготрајна војна. А иако Русија загуби голем број тенкови, особено постари модели, поновите модели Т90 не се немоќни, а тука се и современите противоклопни ракети. Накратко, Леопардите сигурно ќе ѝ помогнат на Украина да ѝ парира на Русија, но веројатно нема да бидат толку пресуден чекор како што се претставуваат.
Тој факт нужно повлекува тешки прашања, пред сè дека западот - првенствено САД - гледа успешен крај на војната што е и негова цел. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин минатата пролет изјави дека целта е „да се ослаби Русија до степен повеќе да не биде во состојба да направи нешта како што е нападот на Украина“, додека министерот за надворешни работи Ентони Блинкен во декември рече дека целта е да ѝ се овозможи на Украина ослободување на териториите заземени од почетокот на инвазијата на 24 февруари. Станува збор за два мошне различни исходи (ако го исклучиме третиот - можноста дека Џо Бајден се залета кога зборуваше дека Путин не може да остане на власт), како што истакнува Френк Ледвиџ во британски Гардијан: додека првиот се сведува на одолговлекување на војната и исцрпување на Русија колку што е можно подолго - со потенцијални стотина илјади мртви на двете страни - во вториот случај станува збор за мошне прецизно дефинирана и значително помалку амбициозна цел, која покрај тоа на Русија ѝ ги остава Крим и источен Донбас. Во овој контекст е интересно што началникот на американскиот генералштаб Марк Мајли минатата недела тврдеше дека целосна украинска победа не е реална, а дека во секој случај ќе биде „многу, многу тешко“ да се исфрли Русија од Украина во текот на 2023 година. Мајли изнесе слично тврдење и во ноември, па очигледно не се работи за непромисленост, туку за доследен став. Како што истакнува берлински Тагесцајтунг во текстот „Уште оруже - и потоа?“, освен вооружување на Украина ѝ се потребни и искрени дипломатски напори и дискусии за завршување на војната. Во спротивно, многу брзо по дебатата за тенковите ќе се води дебата за испорака на воени авиони. За Украина не смее да се одлучува без Киев и Володимир Зеленски. Но доколку наведеното се игнорира, извесни се долготрајна војна, опасна ескалација и безброј мртви.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Vasco Gargalo
Извор: https://www.portalnovosti.com/