1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
На почетокот руската инвазија на Украина предизвика егзистенцијален страв и гнев кај западот. Во значаен дел од оваа јавност војната денес предизвикува досада. Иако изгледа дека по повеќенеделните артилериски офанзиви Русија одлучи да ја преземе контролата во Северодоњецк, витален град во Донбас, поледниов месец остатокот од фронтот речиси и да не е поместен.
Завршена е фазата на зголемена неизвесност кога јавноста се надеваше дека украинската војска ќе ја победи руската или дека големиот број руски жртви ќе предизвикаат државен удар во Москва. За да разбереме зошто воениот замор е фатален и за ефикасно да му се спротивставиме, мораме да го согледаме овој конфликт на следните три нивоа.
На првото имаме копнена и поморска војна и со тоа и клучното прашање: дали Владимир Путин ќе ја освои целата Луганска област, а потоа ќе се повлече, како предизвик за Украина да се обиде да ја поврати? И што е уште поважно, дали Путин ќе ја задржи превласта на Црното море?
Истовремено беснее и информациска војна. Пропагандистите од Кремљ се обидуваат да наметнат три теми: дека Украина ги лажира масакрите за да ги освои симпатиите на западот, дека западот намерно ги изгладнува земјите во развој со продолжување на конфликтот и го попречува украинскиот извоз на пченица и дека непотребно ризикуваме нуклеарна војна со испораката на оружје за Украина, што треба веднаш да се запре. Во оваа фаза на замор на јавното мислење на запад, овие наративи делуваат како корозивна киселина сè додека нешто, негде, на пример некој западен парламент или силна политичка личност, одеднаш не пукне под притисокот на јавноста и крене раце од Украина.
Третото ниво е стратешко. Сите стручњаци за безбедност со кои разговарав се уверени дека Путин нема намера само да ја освои и неутрализира Украина, поништувајќи ги нејзиниот јазик, култура и национален идентитет. Сето тоа е само средство за постигнување повисока цел. Тој сака да го подели НАТО, да ја дезавуира ЕУ и да го принуди Џо Бајден директно да се вклучи во играта на моќ, која на Русија би ѝ овозможила да ја преземе дипломатската контрола над источна Европа.
Ако му успее тоа, нашиот свет ќе стане застрашувачко место. Притоа треба да се има на ум дека, колку и да се згрозуваме од човечката цена на војната, украинските граѓани во огромно мнозинство сакаат да ја продолжат својата борба за слобода.
Учествував во собирањето пари за набавка на опрема за левичарските доброволци во украинската војска и можам да ви кажам дека сè уште им недостасува сè. Драго им е што профилите на социјалните мрежи се закитени со украински знамиња, но би им било подраго да добијат тешко вооружување со долг дострел и обука неопходна за ракување со такво оружје на бојното поле.
Војната виси на конец на секое од овие три нивоа. Тоа не е досаден туку застрашувачки факт. Тоа значи дека на конец виси и судбината на западот, кој не го дефинирам како географски туку како состојба на умот.
Путин го зазема Северодоњецк така што насочи огромна огнена моќ на мал сектор. Му се може, не затоа што украинската војска е премногу мала или нема волја за борба, туку затоа што нема со што да му возврати.
По стотина дена војна, ако НАТО сојузниците беа сериозни, украинската војска сега ќе имаше со што да се брани. Наместо тоа им испраќаа оружје на лажичка. Дури и сега, по задоцнетата одлука на САД да испорачаат ракетен систем со висока подвижност (Химарс), одговорот на западот е полн со колебање и одложување.
Модерното оружје е најефикасно кога е дел од систем: артилеријата со долг дострел која штотуку ја испорачавме може да испукува ракети наведувани со ласери или дури со ГПС, може да користи радари, дронови или други сензори за откривање цели, а операциите можат да се водат врз основа на сателитски разузнавачки податоци и електронски надзор. Тоа е систем. Украина поседува само ударен дел од системот, а не целина. Затоа го губи тлото под нозете и додека добива оружје.
Очекувам во одреден момент Путин да застане. Ќе се вкопа во ровови, ќе ги закопа телата, ќе го замрзне конфликтот, ќе им подели скандалозни лични документи на Украинците и ќе ја прогласи освоената територија за дел од Руската Федерација, со што секој нов напад станува casus belli за Трета светска војна.
Така ќе ја задржи контролата над Црното море, од каде може да ги изгладнува Африка и Блискиот исток, а и ќе ги контролира системите за централно греење во половина Европа со доаѓањето на зимата. Затоа обуката и вооружувањето стотици илјади доброволци во Украина се од витално значење. Мора да им се овозможи да се борат подолго одошто му одговара на Путин.
Важно е да се добие и информациската војна. Зад соголените информации и дрските повици на лажните леви политичари за „прекин на огнот и преговори“ се одвива многу пософистицирана операција.
Тоа ќе оди вака: Путин прогласува крај на офанзивата; бројни политичари и коментатори итаат да го поздрават, расте притисокот да запре снабдувањето на Украина со оружје, хуманитарните кругови тврдат дека „империјалистичкиот“ запад намерно го изгладнува глобалниот југ, а на ТВ се парадира со заробени борци на рускиот баталјон Азов, кои признаваат дека се геноцидни нацисти.
Сè што треба да направи Путин е да ја наведе масата европски граѓани кои воодушевено ја бодреа Украина на Евровизија нечујно да ги тргнат украинските знаменца од своите профили на социјалните мрежи, политичарите кои воодушевено учествуваа во протестите за слобода на Украина да се позанимаваат со други нешта и една или повеќе главни земји од НАТО да побараат запирање на испораките со оружје.
Стратешки, користејќи ги енергенсите, информациите и храната како оружје, Путин сепак би можел да победи. Но би можеле и ние. Јасно е што треба да се направи: да се вооружи големата украинска контрасила со оружје со долг дострел која ќе ги поврати териториите и пристапот до западното Црно море.
За контранапад во информациската војна потребна е посветеност на западните политички партии и движења, да не дозволат укинување на санкциите сè додека Путин не биде испорачан во Хаг, додека 1,5 милиони депортирани Украинци не се вратат во своите домови и додека значаен дел од руските резерви не биде исплатен на Украина како репарација.
Најпосле, потребно е да се задржи одлучноста на стратешко ниво. На претстојниот самит на НАТО во Мадрид ќе гледаме демонстрации на антивоените активисти и радикалната левица на кои се бара прекинување на „агресијата на НАТО“ и распуштање на алијансата. Напротив, потребна ни е таква рамнотежа на силите која јасно ќе го насочи НАТО кон своите европски сојузници.
Тие се на првата борбена линија за 21 век. Нивните граѓани не го планираа тоа. Сакаа само да гледаат Евровизија и финале на Лигата на шампионите. Но сега не можат да се извлечат од злото кое Путин му го нанесува на светот.
Единствен одговор е отпорот: воен, преку поддршка за Украина и повторно вооружување на Европа; информативен, со прозивање на интелектуалците и аналитичарите кои ги пренесуваат лагите на Путин; и стратешки, со намера НАТО да стане сојуз на вистински демократии.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Matt Wuerker
Извор: https://www.newstatesman.com/