1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
По македонскиот референдум и гласањето за уставни промени во Собранието, руската реакција беше дека сето тоа е нелегитимно.
Покрај тоа, а заради Преспанскиот договор, руските односи со Грција се влошени. Пред тоа, кога Црна Гора одлучуваше за зачленувањето во НАТО, руската политика гледаше колку што може повеќе да ја одврати од таа намера. Конечно, независно од тоа што го зборува Ивица Дачиќ, претседателот Путин е видливо незадоволен со изгледите Србија и Косово да се договорат затоа што тој договор секако нема да биде во склад со руското толкување на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност. Останува само Република Српска, чиешто влијание врз регионалните движења е сепак минимално. Така, се наметнува заклучокот дека барем на Балканот, Русија главно ги поддржува оние што губат.
Наспроти тоа, и независно од сомничавите ставови на Америка и Европската унија, кинеското влијание главно се зголемува. Една очигледна причина е тоа што кинеското стопанство е второ по големина во светот, додека руското е релативно мало во однос не само на кинеското, туку и во однос на стопанството на САД и ЕУ. Покрај тоа кинеското стопанство сè уште се зголемува според релативно вискота стапка на раст, што не е случај со руската економија. Конечно, Кина сè повеќе напредува во индустријата и во новите технологии, додека руското стопанство најмногу зависи од примарниот сектор и промените на светскиот пазар, кои знаат да бидат непредвидливи и заради тоа прилично големи.
Исто така, стратегиите на овие две држави се различни. Некаде од првите промени во Украина и Грузија, од нивните обоени револуции и по зајакнувањето на опозицијата, руските власти, кои дотогаш, барем кога станува збор за стопанството, повеќе биле склони кон полиберални мерки на економската политика, го прегрнаа национализмот и политиката на враќање на руското стратешко влијание во традиционално руските, но и во советксите подрачја, како да речеме Балканот. Дотогаш руската политика соработувала со американската, за на пример, од ветото на планот на Ахтисари за Косово, да стане соперничка; а сега речиси непријателска.
И повторно, кинеската политика, секако надвор од Азија, била главно трговска. Таму каде што има суровини, што главно не е ниту Балкан, ниту Европа, трговската стратегија личи на германската од крајот на триесеттите години на минатиот век, која одлично ја прикажа Хиршман во книгата од 1945 година. Станува збор за воспоставување на структурна поврзаност, некој би рекол зависност, во служба на националните кинески интереси. Пред сè, тие интереси се концентрирани на стопанскиот развој. Се разбира, со тек на време, прашањето ќе биде дали и на кој начин Кина ќе се демократизира.
Независно од тоа, кога станува збор за Европа, вложувањата се насочени кон непречен пристап до пазарот. Нема многу смисла да се тежнее кон структурна зависност од кинеското стопанство и политика, со оглед на тоа што се работи за развиен дел од светот на кој секако не му недостасува ништо во компаративни предности и во индустријата и услугите. И малите балкански стопанства мора да се вклопат во тие компаративни предности ако би требало да обезбедат позначајно присуство на европскиот пазар. Така што повеќе се работи за меѓузависност, а не пред сè за трговија и вложувања кои служат на националниот интерес кој е тешко да се одреди кога станува збор за кинеското присуство во Европа.
Дури и кога се работи за односот на Европа и Америка, руската политика привремено ја прифаќа илузијата дека Европа ќе се одвои од САД или, потсетувајќи се на студената војна, САД ќе ја спроведе политиката на кондоминиум врз Европа во сојузништво со Русија. Во тоа се вложувани надежи и за време на владата на Буш помладиот и за време на владеењето на Обама, а очекувањата пораснаа особено со изборот на Доналд Трамп. Меѓутоа, токму сега Трамп најавува нова трка во вооружување во која разликите во економските потенцијали ќе играат значајна улога.
Кина е држава со сосема поинаква стопанска тежина. Навистина, трговската војна со САД би ги чинел двете земји, но Кина всушност има многу простор за да се сврти кон домашниот пазар. Обама имаше идеја усогласена со фактите, да воспостави трговски договор со државите од Пацификот, па потоа да преговара со Кина и да ја интегрира во светскиот трговски поредок, со поволни последици за светската стабилност. Трамп тоа го отфрли. Како што Путин ја отфли претходната политика на Јелцин за кооперативна Русија.
Политиката на Путин од позиција на сила е проблем за Европа, додека споровите помеѓу САД и Кина ни приближно ја немаат таа тежина. Иако всушност Кина е силна, а Русија не е. А како последица на тоа, трговската политика на Кина не зависи од политичките движења, да речеме на Балканот, додека се чини дека руската политика е осудена да ги поддржува губитниците.
Извор: Novi magazin