Како да се регулира капиталот во облак?

06.11.2023 03:04
Како да се регулира капиталот во облак?

Модерните општества повеќе од еден век се соочуваат со проблемот на преголемата моќ на некои пазарни актери. Дали денешните големи технолошки компании навистина се нешто сосема ново? Дали тоа што го прават Гугл, Амазон и Мета значително се разликува од она што во дваесеттите години од 20-от век го правеше Стандард Оил, во седумдесеттите Ај Би Ем, а денес Волмарт?

Ако нема големи разлики, можеби можеме да ги ставиме под контрола со закони каков што беше Шермановиот закон против трустовите од осумдесеттите? Токму тоа во моментов се обидува да го направи Лина Кан, претседателката на Федералната комисија за трговија во САД.

За жал, таквите обиди се осудени на пропаст. Големите технолошки компании не се подложни на законско регулирање како што во минатото беше случај со трустовите, картелите и конгломератите. Визијата на капитализмот што ја наслика Адам Смит, споредувајќи го со мало градче во кое семејните месари, пекарите и пиварите работат за општото добро прифаќајќи го механизмот на отворена и морално втемелена конкуренција, нималку не наликува на модерната економија. Практично секоја индустрија - од железницата, енергетиката и телекомуникациите, до хемиската, автомобилската и фармацевтската индустрија - функционира како картел на џиновски конгломерати чиј стисок попушта единствено ако политичарите соберат доволно храброст да усвојат и применат закони против трустовите и можеби да разбијат некои од картелите.

Зошто тоа не е можно во случајот со големите технолошки компании? Што е тоа што ги прави посебни?

Законите против трустовите се изворно усвојувани за да се спречат вештачкото зголемување на цените и манипулациите со кои големите компании ја ограничуваа понудата додека цените не го достигнат посакуваното ниво, па на тој начин да го зголемуваат монополскиот профит на сметка на купувачите и работниците (чија вработеност исто така мораше да трпи). Но тоа не може да се примени на услугите што ги пружаат големите технолошки компании, зашто тие веќе се бесплатни и нивната понуда не ја ограничува никој.

Во времето кога американскиот претседател Теодор Рузвелт ја започна кампањата за разбивање на компанијата Стандард Оил, тоа бараше значителна политичка храброст, но технички беше едноставно. Како денес да се разбијат Амазон, Фејсбук, Пејпал или Аирбнб, Тесла или Старлинк? Ако државата се обиде да направи нешто, ќе ја нападнат разјарените корисници за кои универзалната природа на овие платформи е токму причината зошто ги користат.

Тоа што услугите се бесплатни значи дека нивните корисници всушност не се купувачи; улогата на купувач е резервирана за компаниите на кои им се потребни алгоритмите на големите технолошки компании за да им пристапат на корисниците на платформите. Амазон и Фејсбук наплатуваат диспропорционално високи цени за оваа привилегија (остварувајќи на тој начин еден вид рента за користење на капиталот во облак), а законодавците се судираат со политички нерешлив проблем: мораат да работат против волјата на јавното мислење (и милионите корисници кои големите технолошки компании ги придобиле за својот модел) за да ги заштитат капиталистите од новите техно-феудални господари населени во облак (за кои во книгата Технофеудализам: кој го уби капитализмот го користам терминот клаудалист). Тоа е превисоко очекување. Освен тоа, тоа не е ни главниот извор на огромната моќ на големите технолошки компании.

Големите технолошки компании не треба да се мешаат со високотехнолошките компании како што се АББ, Кука, Кавасаки и Јаскава, кои прават невидени технолошки чуда, но немаат моќ над нас како големите технолошки компании. Во шеесеттите и седумдесеттите години Ај Би Ем беше единствена компанија која во тоа време ги произведуваше најмодерните компјутери и затоа можеше да ги уценува државната управа и приватниот сектор. АТ&T практично имаше монопол на телефонските услуги, додека не им беше одземен во 1984 година. Но ни Ај Би Ем ни AT&T немаа таква моќ каква што денес имаат големите технолошки компании.

Една од причините е тоа што платформите како што се WhatsApp и ТикТок имаат огромна корист од ефектот мрежа: со секој нов корисник кој ќе се приклучи на платформата, понудените услуги стануваат повредни за веќе постоечките корисници. Во случајот со AT&T вкупната корист од ваквиот ефект зависеше од можноста за наплатување повисоки цени за повици насочени кон корисниците на другите телекомуникациски компании - што е предност која законодавците лесно ја елиминираа забранувајќи ги различните цени за повиците во и надвор од мрежата.

Како законодавците ќе го контролираат овој ефект на мрежа за компаниите како што се Икс и Фејсбук? Интероперабилноста би подразбирала дека сите објави, фотографии, снимки, пријатели и следбеници можеме да ги префрлиме од една платформа (Икс или Фејсбук) на некоја друга (на пример, Мастодон) - што е практично технички неизводливо, за разлика од споменатото укинување на различните цени за повиците на корисниците на AT&T и Веризон.

Но тешкотиите во достигнувањето на интероперабилноста не се најважниот извор на моќ на овие компании. На почетокот на седумдесеттите години Ај Би Ем стекна монопол во компјутерската индустрија кој не се разликуваше од монополот на Стандард Оил во енергетиката или практичниот монопол на Детроит во автомобилската индустрија.

Она по што денешните големи технолошки компании се разликуваат од Ај Би Ем е сингуларитетот. Тоа не значи дека машините не стекнале свест за себеси како во филмот Терминатор. Тие направија нешто поинтересно: со користење алгоритми се трансформираа од некогашните калкулатори во машини за управување со човечкото однесување.

Капиталот на големите технолошки компании во облак (Алекса, Сири, Гугл асистент) ги обучува потрошувачите како да го научат да им ги понуди најдобрите препораки за купување. Кога капиталот во облак ќе стекне доверба кај корисниците, нештата што ќе ги избере може да им понуди да ги продаваат директно, без посредување на пазарот.

Сопствениците на капитал во облак наплатуваат пристапна рента од вазалите-произведувачи, додека ние корисниците работиме бесплатно - со секое прелистување, лајкување, споделување или оценување ја зголемуваме вредноста на капиталот во облак. Кога станува збор за пролетерите во фабриките и складиштата, тие се поврзани со облакот со далечински управувачи кои ги носат со себе или на себе, кои како роботи ги тераат да работат побрзо, под окото на алгоритмот кое гледа сè.

Во доба на техно-феудализам законодавците не се од голема корист, зашто се откажавме од целосната сопственост над сопствените умови. Пролетерите се претвораат во пролетери во облак додека трае работното време, за потоа да работат како негови кметови. Сите самовработени мутираат во вазали или кметови на капиталот во облак. Додека во реалниот свет приватниот капитал голта сè што преостана од физичкиот имот, капиталот во облак ги експлоатира нашите ментални добра.

Што можеме да направиме? За да ги поседуваме сопствените умови како индивидуи, мораме да го поседуваме капиталот во облак како колектив. Тоа е единствениот начин од средство за управување со човечкото однесување да го претвориме во средство за соработка и еманципација. Можеби ви звучи утописки. Но многу поголема утопија е верувањето дека големите технолошки компании можат да се контролираат со државни прописи.

Превод: Алек Кузмановски

Илустрации: Yeom Ji Hee

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото