Петте кризни табори во Европа

25.01.2024 02:37
Петте кризни табори во Европа

Дали радикалната десница ќе биде голем победник на изборите за Европскиот парламент во јуни? Што би значела таквата победа за Унијата? И која е радикалната десница? Пред пет години европските лидери со право зборуваа дека Европејците страдаат од вртоглавица. Според зборовите на Милан Кундера, вртоглавицата не иста со стравот од пад, туку тоа е желбата за пад од која, исплашени, се браниме. Тогаш гласачите флертуваа со десничарските популисти и помислуваа на распад на ЕУ, но на крајот мнозинството одлучи да гласа за партиите од мејнстримот.

Овојпат изгледа малку веројатно дека ќе се повтори истото сценарио. Денес повеќето партии од радикалната десница го детоксификуваа својот бренд и се откажаа од барањето за напуштање на ЕУ или еврозоната. Наместо да заговараат излегување од Унијата, сега сакаат да ја преправат и да го преземат управувањето. По неодамнешните избори во Холандија и Словачка, локалните избори во Австрија и некои региони во Германија, се шири консензусот дека на претстојните европски избори нè чека катастрофа и дека миграциите ќе бидат клучната тема која ќе ги дефинира и изборните кампањи и исходот. Но, дали е баш така?

Точно е дека Европа е во кризна состојба, но миграциите се само една од петте кризи кои го потресуваат континентот последниве 15 години. Миграциската криза ја следеше глобалната финансиска криза, заради која Европејците почнаа да се сомневаат дека нивните деца ќе имаат подобар животен стандард од нивниот, а се развиваше заедно со климатската криза која ги принуди да го замислат светот во опасност од исчезнување. Во меѓувреме, ковид-19 ја разоткри ранливоста на нашите здравствени системи и предизвика страв од нов дигитален авторитаризам. Најпосле, војната во Украина ја разби илузијата дека на европскиот континент повеќе никогаш нема да се води голема војна. Овие пет кризи имаат неколку заеднички црти: се почувствуваа ширум Европа; многу Европејци ги доживуваат како егзистенцијална закана; драматично влијаеја на одлуките на националните влади; и сè уште траат. Но тие не се исти - предизвикаа различни стравови и реакции и ја распарчија Европа, но и - парадоксално - ја одржаа ЕУ.

Новата студија ни помогна да ја разбереме Европа која населува пет различни „табори“ чии политички идентитети се фофмирани како одговор на оваа криза. Овие табори ги опишуваат поделбите и помеѓу и во рамки на државите членки на ЕУ.

Изразот „поликриза“ сугерира дека многу кризи, повеќе или помалку, се одвиваат истовремено, додека шокот од нивната кумулативна интеракција е посилен од нивниот прост збир. Меѓутоа, за различни општества, групи и генерации, една криза вообичаено има доминантна улога. Емануел Макрон добро го разбра тоа кога оние што се загрижени заради крајот на месецот (економската криза) ги спореди со оние кои се загрижени заради крајот на светот (климатската криза). На тоа мислиме кога велиме дека сите имаат „сопствена“ криза. Климатските промени, војната во Украина, ковид-19, имиграцијата и глобалните економски превирања - околу секое од овие пет прашања е формирана значајна „изборна база“.

Интересно, Германија е единствената земја во која имиграцијата изразено предничи во одговорите на испитаниците на прашањето која криза најмногу ги загрижува кога размислуваат за иднината. Естонците и Полјаците се фокусирани на војната во Украина. Италија и Португалија сметаат дека најголема закана е економската криза. Најголема траума во Шпанија, Британија и Романија е ковид-19. Во Франција и Данска за најважна криза се сметаат климатските промени.

Накратко, актуелната преокупација со миграциите не значи дека повеќето луѓе во повеќето земји се опседнати со тоа, ниту дека тоа прашање предизвикува најдлабоки општествени поделби.

Реално, сведоци сме на појава на своевиден миграциски консензус ширум Европа: поддршката за јакнењето на надворешните граници стана вообичаена кај политичките партии. Но она што го издвојува „миграцискиот табор“ - оние кои миграциите ги гледаат како клучна криза - е интензитетот. Припадниците на овој табор најмногу се лути на политиката на ЕУ и нивниот бес ги турка кон десно. Оние кои ги гледаат миграциите како најголема криза многу веројатно ќе гласаат за партиите од десниот центар или радикалната десница. Во Германија тоа значи голема шанса за Alternative für Deutschland; во Франција за Rassemblement National на Марин ле Пен или Reconquête на Ерик Земур.

Климатската криза исто така го насочува својот табор во јасен политички правец и во голем дел е рефлексија на миграцискиот. Овој табор најчесто ги поддржува зелените партии или партиите од левиот центар. Токму судирот на овие два табори, миграцискиот и климатскиот, ќе ги дефинираат претстојните европски избори.

Меѓутоа, интересно е што овие два табори ги карактеризира различниот однос кон нивните фаворити кога ќе дојдат на власт. Кога десничарските партии ќе ја преземат власта, поддржувачите на мигрантскиот табор ќе станат поопуштени по тоа прашање. Така во Италија имиграцијата е изненадувачки ниско рангирана: само 10 проценти од населението и само 17 проценти од поддржувачите на Браќа на Италија ја опишуваат миграцијата како своја најтрансформативна криза, без оглед на фактот дека партијата Браќа на Италија победи на изборите токму со силна антиимиграциска платформа, како и дека минатата година е зголемен приливот на илегални имигранти.

Климатскиот табор се однесува обратно. Нашите анкети во Германија покажуваат дека луѓето сè уште ги загрижува климатската криза, иако Зелената партија е дел од актуелната влада со моќна климатска програма. Иако Германија минатата година успеа да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за импресивни 20 проценти, припадниците на овој табор не мислат дека проблемот е решен. Накратко, гласачите можеби сметаат дека изборот на екстремно десничарска влада е одговор на стравовите од имиграцијата - дури и ако промените се реално мали - но не мислат дека победата на Зелените значи решавање на климатската криза.

Оваа асиметрија - каде миграцискиот табор се мобилизира со реторика, додека климатскиот табор се грижи дури и кога дава резултати - на некој начин објаснува каде лежи предноста на десницата на претстојните избори.

Секоја од петте европски кризи ќе има многу верзии, но тие ќе живеат, умрат или воскреснат на гласачкото место. Европските лидери треба да сфатат дека изборите нема да бидат обичен натпревар помеѓу левицата и десницата - или проевропејците и евроскептиците - туку и борба за превласт на различните кризни табори во Европа. Токму фрагментацијата, а не поларизацијата, ја обликува европската политика. Многу гласачи ќе се фокусираат на спречување на враќањето на „својата“ криза. Ќе се покаже дека занимавањето исклучиво со миграциите е погрешна политика.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Emanuele Del Rosso

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото