Зошто Орбан нема да победи на европските избори

26.03.2019 01:37
Зошто Орбан нема да победи на европските избори

На политиката во демократија ѝ е потребна драма. Изборите се некој вид терапевтска сеанса во која гласачите се соочуваат со своите стравови: од војна, демографски колапс, економска криза, еколошко опустошување, за да на крај се уверат во својата моќ да ја спречат пропаста. „Како што се приближуваат изборите, цветаат интригите, на сите страни живо се агитира. Целата нација запаѓа во трескавична состојба...Штом се објават резултатите...сè се смирува и реката што пред малку била дива, мирно се враќа во своето корито“, забележал Алексис де Токвил, на своите патувања низ САД, на почетокот на 19-от век.

Ако е Токвил во право, ЕУ токму сега станува вистинска демократија. Традиционално неважните и досадни избори за Европскиот парламент, првпат предизвикуваат драма, која инаку е резервирана за националните сцени. На два месеци пред изборите, повеќето Европјани чувствуваат дека ќе се случи нешто важно и дека посебно место во пеколот ги чека оние што нема да гласаат. Но кој ќе победи?

Рано е да се каже. Засега, политичарите успееја да го убедат мнозинството граѓани дека Европа е на работ на пропаста, но допрва треба да ги убедат дека тие имаат моќ да го спречат тоа. Гневот на француските жолти елеци се чувствува во многу земји во ЕУ, па сепак овие европски избори нема да бидат реприза на референдумот за брегзит, затоа што денес ниту една поголема популистичка партија (ни десна, ни лева) не заговара излегување од унијата или еврозоната. Овие избори нема да бидат ниту реприза на вториот круг на француските претседателски избори во 2017 година, кога победи Емануел Макрон.

Организациите Европски совет за меѓународни односи и „YouGov“ наскоро ќе објават истражување на јавното мислење кое покажува дека Европјаните не се остро поделени на унионисти и националисти. Анкетите откриваа четири различни категории на граѓани. Во првата се „десперадоси“: комбинација на „оние кои се плашат од крајот на светот“ и на оние „кои се плашат од крајот на месецот“. Според нив и ЕУ и националните држави се пропаднати. Статистиката покажува дека во многу држави членки ова е најбројната група, но дека тоа не се нужно луѓето кои ќе излезат на гласање.

Следуваат оние кои мислат дека „работите се подобри отколку што изгледаат“: гласачите што се склони кон уверувањето дека наспроти сите неуспеси и ЕУ и националните држави се добри. Тука се и големите поддржувачи на Брисел: оние кои веруваат дека ЕУ е добра, додека нивните национални влади се пропаднати (најголем број од нв можат да се најдат во државите во централна Европа). Најмалата група се тврдокорните националисти: оние кои веруваат дека ЕУ е проблемот, а националните држави се решението. Овие четири групи се нерамномерно распоредени по земјите на ЕУ.

Многу проевропски настроени граѓани стравуваат од тоа дека моменталната поларизација на европската политика ѝ одговара на популистичката десница и дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе успее изборите да ги сведе на референдум за неспособноста на Брисел да го совлада проблемот со миграциите. Овој страв е без основа.

Намерата на Орбан од изборите да направи референдум за проблемот на миграцијата нема да успее од три причини. Прво, додека миграциите и натаму сериозно ги загрижуваат гласачите, во мнозинството земји оваа тема сепак не е доминантна. Антимигрантската порака на Орбан од 2015 година ја постигна својата цел затоа што луѓето кои во својот живот не виделе бегалец, секојдневно ги гледаа телевизиските извештаи за илјадници што влегуваат во ЕУ. Тоа повеќе не е така.

Бројот на илегалните мигранти кои во текот на минатата година влегле во ЕУ е еднаков на просечниот број туристи кои за еден ден во август ја посетуваат Атина. Дури ни во земјите на централна Европа прашањето на миграциите веќе не е најважно. Анкетите покажуваат дека граѓаните на Полска, Унгарија и Романија многу повеќе се загрижени заради корупцијата на нивните влади, отколку заради хипотетичкиот прилив на странци. А оние граѓани во Полска, Чешка и Словачка кои најмногу ги загрижува корупцијата се оние за кои е поверојатно дека ќе излезат на избори, отколку оние што ги мачи миграцијата.

Наспроти раширеното мислење, државите како Словачка, Полска и Романија на овие избори би можеле да ги израдуваат проевропските граѓани. Резултатите од испитувањето на јавното мислење сугерираат дека Орбан не сфаќа кои прашања денес се навистина важни за граѓаните на централна Европа. Многу подобра проценка има, на пример, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск – упорниот критичар на полската националистичка влада.

Втората причина заради која на овие избори нема да се повтори 2015 година е што во денешна Европа ниедна поголема полтитичка партија не заговара политика на отворени граници. „Граница, тоа е слобода во безбедноста“, напишал Макрон во неговото неодамнешно писмо до Европјаните во кое повикува на создавање европски совет за внатрешна безбедност, кој би бил задолжен за „строга контрола на границите“. Значи, новиот консензус на проевропските прогресивци гласи дека добро чуваната граница е „вакцина против епидемијата на ѕидови“, како што вели францускиот мислител Режи Дебри.

Трето, кампањата на Орбан фокусирана на миграциите ќе пропадне благодарение на најдобро чуваната европска тајна: во централна и делови од јужна Европа, антимигрантската тегобност всушност повеќе се однесува на иселениците отколку на доселениците. Во источна Германија, своевремено кружел виц за властите кои стравуваат дека последниот граѓанин што ќе замине на запад ќе заборави да го исклучи светлото. Луѓето повторно го раскажуваат овој виц. Централноевропскиот проблем денес не се разликува многу од оној што го имала источна Германија во 1961 година, кога властите го подигнаа ѕидот во Берлин. Се проценува дека од влезот на Романија во ЕУ, 2007 година, земјата ја напуштиле 3,4 милиони граѓани. Бројот на унгарските граѓани кои емигрирале од Унгарија откога Орбан дошол на власт ја надмина бројката на оние што си заминале откако советските сили ја угушиле побуната во 1956 година.

Фактот што десните популисти владеат со делови на централна Европа само ја засилила желбата на луѓето да си заминат. Остарените општества на централна Европа стравуваат дека веќе оваа генерација би можела да го доживее денот кога последната млада лекарка и медицински техничар ќе ги спакуваат куферите и ќе заминат. Вистинската трагедија на централна Европа е депопулацијата.

Најголемиот предизвик во односите помеѓу истокот и западот во рамките на ЕУ е како да се спречи еднонасочната мобилност во Европа и како да се обесштетат централноевропските општества за вложувањата во образованието на граѓаните, кои потоа се селат во Германија или Франција. Но, тоа не е тема на десните популисти.

Извор: The Guardian