Антифашизмот како борба за поправедно општество

01.12.2023 02:38
Антифашизмот како борба за поправедно општество

Некои текстови напишани изминативе години на темата фашизам, кои во времето на објавувањето претставуваа сериозни предупредувања и дури беа преполни со песимизам, денес делуваат речиси преоптимистично.

За општествените појави карактеристични за почетоците на фашизмот се предупредува во светот веќе триесетина години. Еден од попознатите текстови кој ги набројуваше и анализираше почетните чекори, сè уште незабележлив и непрепознатлив за повеќето граѓани, е текстот на Умберто Еко „Ур-фашизам“, објавен 1995 година. Како овие појави последниве години да влегоа во следната, попрепознатлива фаза. Сè поголемата поддршка на гласачите на екстремно десните популисти некои од нив ги донесе на власт, а некои поблиску до неа. Главно се работи за политичари со кои пред неколку години речиси ниедна конзервативна партија не сакаше да има никакви политички врски, кои во сериозните медиуми беа третирани како локални политички „ориџинали“, слично како Хитлер во дваесеттите години на дваесеттиот век.

Споредбата на денешните политички настани со настаните во Европа помеѓу двете светски војни се наметнува самата. Државите настанати со распадот на Австро-Угарската монархија и поразот на Германското царство воведоа парламентарна демократија и повеќето од нив станаа републики. Петнаесет до дваесет години подоцна во речиси сите овие држави демократиите беа заменети со тоталитарни режими кои беа или декларирано фашистички или на фашистичките режими гледаа како на пример или, пак, во најдобар случај, овие демократии дегенерираа во авторитарни демокатури.

Зошто овој „бран на демократијата“, наеднаш созададен со тектонските политички промени започнати со Првата светска војна, се смири толку брзо? Секако, загрижувачка е сличноста помеѓу подемот на популарноста на изразено десните, нелиберални политики во сè повеќе европски држави од триесеттите години на минатиот век, како што одминуваше времето од крајот на Првата светска војна, и процесот кој се случува денес во некои европски држави, како што поминуваат времето и ентузијазмот околу создавањето на Европската унија. Пред десетина и повеќе години доаѓањето на власт по демократски пат, партиите како што е Фидеш на Виктор Орбан во Унгарија или Право и правда на браќата Качински во Полска, изгледаше како аномалија во ЕУ.

Денес тоа добива димензија на можниот политички развој. Образецот е веќе виден; на судењето во Нирнберг, Херман Геринг рече: „На народот единствено треба да му кажете дека е загрозен и да ги обвините пацифистите за недостаток на патриотизам и изложување на татковината во опасност. Тоа функционира на ист начин во секоја земја.“ За да може да се постигне ова чувство на загрозеност кај еден дел од народот, вообичаено се избира некоја надворешна сила која е можно да се прикаже како закана или некоја група, по можност да биде лесно препознатлива, која наводно му се заканува на вашиот начин на живот. Уште подобро ако можат да се најдат двете. На патот кон власта на нацистите од една страна тоа беа западните демократии кои во Германија неправедно го наметнаа Версајскиот договор и на кои им се покоруваа домашните слуги и предавници, а од друга страна Евреите во Германија и светот, кои во секојдневната пропаганда беа прикажувани како закана за Германците.

Во политиките и реториката на радикално десните популисти во сите европски земји овие улоги им се доделени на Брисел и мигрантите. Така во говорот од октомври 2021 година, за 65 годишнината од унгарската револуција од 1956 година, Орбан рече: „За нашата судбина и без наша согласност повторно донесуваат одлуки странски високи претставници. Тие нè присилуваат да бидеме толерантни и либерални дури и ако тоа нè убие. (...) Целта им е да ја оттргнат Унгарија од рацете на Богородица и да ја фрлат под нозете на Брисел.“

Кога Фидеш и ПиС доаѓаа на власт, во Германија, каде на денацификацијата се работеше повеќе отколку во другите држави, беше основана мала и невлијателна неонацистичка партија Алтернатива за Германија (АфД). До гласачите се обиде да дојде преку нагласениот евроскептицизам и поттикнувањето нетрпеливост кон мигрантите. Нејзина специфичност беше негирањето на нацистичките воени злосторства и Холокаустот. Десет години подоцна АфД е втора партија според моќта во Германија. Секако, ни овие простори не заостануваа премногу зад овие модерни политички трендови. Во согласност со теоријата за двојна конотација јавно сè повеќе се популаризираат и симболите и идеите карактеристички за усташтвото, односно четништвото.

На неодамнешните парламентарни избори во Холандија, културна, цивилизирана земја со долга демократска традиција, победи Герт Вилдерс благодарение на исклучиво антиимиграциската и анти-ЕУ реторика. Вилдерс за мигрантите зборува како за „муслимански шљам“ кој им се заканува на граѓаните на Холандија. Таквата реторика за мигрантите како чума која треба да се запре, која ги загрозува традиционалните европски вредности и христијански темели на Европа, е карактеристична за сите десни популисти. Мигрантите ја загрозија ЕУ, ја загрозија „христијанска Европа“, но не на начин на кој десните популисти, „каматарите на туѓите несреќи“, го прикажуваат тоа. Ја загрозија ЕУ како средство за подем кон власта на партиите кои сакаат да ги уништат вредностите за кои се избори антифашизмот и кои се во самите темели на ЕУ. Ја загрозија христијанска Европа не зашто ќе ја „преплават муслиманите“, туку зашто сè повеќе христијански верници во Европа толку лесно ќе потфрлат на искушението и ќе го отфрлат најдоброто од христијанството, сочувството и помошта на блиските во неволја и ќе ги заменат со себичност и рамнодушност кон страдањата на другите.

Денес антифашизмот е одбрана на демократијата и нејзините темелни одредници, слободата и рамноправноста. Од другата страна се екстремно десните партии и движењата кои застапуваат радикален национализам, дехуманизација и стигматизација на припадниците на одредени групи и милитаризација на општеството и се закана за достигнатите стандарди на слободата, рамноправноста и човечките права. Овие тоталитаристички тенденции отсекогаш фасцинираат дел од луѓето и, за некои, претставуваат мотив за да се занимаваат со политика. На денешните генерации таквите тенденции би требало да им бидат познати од книгите за подемот на фашизмот во Европа во дваесеттите и триесеттите години од минатиот век. Спротивставувањето на овие трендови, како и величањето на фашистичките режими од сопственото минато кои спроведуваа на дело слични ставови, природно е да се нарекува антифашизам.

Индивидуалните слободи и човековите права поврзани со демократското општество претставуваат поголема одговорност и можат да дојдат во конфликт со нашиот длабоко всаден порив за сигурност која ѝ пружа припадност на затворената племенска заедница. Веројатно во таа насока би требало да се бара одговор дека таквата шуплива пропаганда, за која многупати се докажа дека е пат кон несреќа, добива сила во времиња на криза.

Одговорите кои ги нуди екстремната десница за кризата, освен што по правило се нехумани, вообичаено се недозволиви симплификации, а нивното спроведување и резултатите водат кон поголем проблем од оној кој се обидува да се реши. Меѓутоа, изборот помеѓу слободата и безбедноста е сериозен и сложен проблем за секое општество. Тој често е прикажуван како алтернатива или - или, едното можете да го добиете само на штета на другото. Спротивно на ставовите на многу филозофи, историчари и политичари, искуството докажа дека досега единствено развојот на демократијата во рамки на државите и миротворната политика меѓу нив, водеа до зголемување на слободата и безбедноста на подолг рок. Јавната поддршка на таквиот развој и таквата политика, без разлика како ја нарекуваме денес, е продолжение на вековната борба за подобро и поправедно општество.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Bernard Partrige

Извор: https://portalnovosti.com/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото