Оската на негирањето

10.07.2023 01:59
Оската на негирањето

Маж пијаница одненадеж доаѓа дома и се вовлекува во креветот покрај жена му и нејзиниот љубовник. „Драга, толку сум пијан што ми се чини дека од под јорганот излегуваат шест нозе“, вели тој. „Не грижи се“, одговара жената. „Оди до вратата и повторно погледни оттаму“. Мажот станува, оди до вратата, па се врти кон креветот: „Во право си, сега ми олесна. Има само четири!“

Можеби вицот е вулгарен но пружа едно значајно согледување. Начелно очекуваме дека некоја ситуација подобро ќе ја согледаме отстрана отколку одвнатре. Но понекогаш токму погледот отстрана нè попречува да ја видиме вистината. Во вицот, тоа што мажот истапил од ситуацијата (отишол до вратата) создало лажно чувство за учеството заради кое нозете на љубовникот ги видел како свои.

Слична динамика наоѓаме во поддршката на Западот за Украина. Ги затвораме очите пред фактот дека домашната олигархиска клика веројатно ќе излезе како најголем победник во украинската борба. Не треба да нè чуди ако повоена Украина биде слична како онаа од пред војната, која ја корумпираше олигахријата, а крупните западни корпорации ја колонизираа за да ги стават под контрола најквалитетното земјиште и природните ресурси. Додека поднесуваме лични жртви за воениот напор, не гледаме дека добивките ќе ги происвојат други, исто како и пијаницата кој мисли дека под јорганот се неговите стапала - можеби затоа што длабоко во себе одбива да ја признае вистината.

Дали можеме да ја избегнеме оваа замка? Паневропската организација „Европа, пациент“ кон средината на јуни во Лондон одржа серија дискусии за заштита на украинските заедници од економската експлоатација по војната. Таквите иницијативи се потребни повеќе од кога било, зашто поддршката за украинската одбрана мора да оди заедно со прашањата за еколошката и социјалната правда. Сето тоа е подеднакво важно за иднината на земјата. Украина можеме целосно да ја поддржиме само ако ја ослободиме и од стисокот на индустријата за фосилни горива, која се потпира на руската нафта.

Сè потешко е да се игнорираат мешавините од воени, еколошки и социоекономски битки. Воените и еколошките прашања драматично се судрија во уништувањето на браната Каховка во близина на Херсон на почетокот на јуни.

Секако, Украина не е осамен случај. Речиси во исто време пожарите во Канада го загушија Њујорк со облаци со кафеав чад, што на жителите на градот им пружи можност да го почувствуваат она што добро го познаваат луѓето од глобалниот југ. Иако постојано зборуваат за климатска криза и еколошки крах, богатите западни земји сè уште преземаат малку.

Оваа ограничена перспектива не им припаѓа само на десницата и корпоративниот сектор. Многумина од левицата денес тврдат дека го поддржуваат мирот, додека се залагаат за компромис со бруталните, ревизионистички авторитарни режими.

За да ја разбереме „пацифистичката“ опозиција, да се сетиме на почетокот на Втората светска војна, кога исто така постоеше коалиција на десницата и левицата која се противеше на мешањето на САД во странските војни. Тогаш, како и сега, „пацифистите“ тврдеа дека ситуацијата во Европа не е грижа на Америка. Негуваа чудни симпатии кон агресорот и тврдеа дека одењето во војна би му користело само на воено-индустрискиот комплекс. Кога летото 1940 година нацистичка Германија му рече на Обединетото Кралство дека сака мир, тврдеа дека Британија треба да ја прифати великодушната понуда на Хитлер.

Како и сите добри лаги и оваа има зрно вистина. Американскиот конзервативен коментатор Патрик Џ. Бјукенен понуди верзија на тој аргумент во 2008 година кога рече дека Холокаустот не би бил толку страшен ако Винстон Черчил ја прифатеше понудата на Хитлер од 1940 година.

И покрај тоа, вели понатаму овој аргумент, како што Черчил ја доведе британската империја до пропаст предизвикувајќи непотребни војни со Германија, американскиот претседател Џорџ Буш помладиот ги доведе САД до пропаст следејќи го примерот на Черчил. Како и многумина на левицата, Бјукенен не верува дека САД треба да им гарантираат помош на земјите во кои немаат витални интереси.

Нова варијација на овој мотив се јавува во контекст на украинската војна. Наводно распадот на Советскиот сојуз имаше ист ефект како и Версајскиот договор: создаде предвидлива желба за освета над победниците во последната војна.

Како и во минатото, овој нов сојуз на десницата и левицата е предводен од теории на заговор, како оние за вакцините што ги шират Роберт Кенеди помладиот и следбениците на Доналд Трамп. Овој сојуз ги осудува противпаднемиските мерки како инструмент за контрола. Се противи на помагањето на Украина, зашто тоа го користи воено-индустрискиот комплекс на НАТО. Типичен модел е негирањето на најголемата закана со која се соочуваме, како обичен трик на крупните корпорации кои сакаат да ја експлоатираат работничката класа.

Секако, политиката на негирањето - кога се гледаат само четирите нозе - е нескриено оптимистична. Не мораме да се занимаваме со новите опасности; можеме да се преправаме дека не постојат. Тоа е производ на популизмот и на левицата и на десницата и една од главните причини зошто упаднавме во „демократска рецесија“. Како што забележува Грејс Блејкли од Трибујн: „Авторитаризмот е во подем и покрај либералните предвидувања дека ширењето на слободниот пазар ќе доведе до повеќе демократија - тоа е затоа што капитализмот секогаш ќе ги штити општествените хиерархии од заканите на економската еднаквост.“

Ова тврдење можеме да го спроведеме понатаму: закана за демократијата доаѓа и од лажниот популистички отпор на корпоративниот капитализам, олицетворен во одбивањето на „пацифистичката“ левица да ја поддржи Украина зашто тоа „само“ ќе им користи на дилерите со оружје. Најпосле, Украина веќе долго ја колонизираа западните корпорации и таа навистина може да биде ослободена само преку „зелена“, праведна реконструкција.

За да ја избегнеме неволјата не можеме само да се држиме до повеќепартиската либерална демократија. Мораме да пронајдеме нови начини за изградба на општетсвен консензус и воспоставување активни врски помеѓу политичките партии и цивилното општетсво. Непосредна задача е спротивставување на новите левичарско-десни популисти, а тоа може да бара усогласување со експонентите на капиталистичката либерална демократија - баш како што се бореа комунистите во Втората светска војна заедно со западните „империјалистички“ демократии против фашизмот, многу добро знаејќи дека империјализмот е нивниот краен непријател. Тоа беше чудна ситуација во кревет, но барем знаеја чии се нозете.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Blu

Извор: https://www.project-syndicate.org/

 

ОкоБоли главаВицФото