Модерен фудбал

27.07.2023 03:05
Модерен фудбал

Игор Ласиќ во маицата со натпис „No al calcio moderno“

Не е од некоја важност за нештата, но нека биде кажано: пишувањето на овој текст го прекина едно лаење. Значи, во последната вечер на престојот во родното дело Граб на Голија, вечерта на 27. јули, почнав да им пишувам одговор на шестмина читатели (сите машки) на нивните јулски пораки по електронска пошта, чија содржина може да се изрази со прашањето: а зашто ни во јуни, ни во јули не напишав ниеден текст за европското првенство во фудбал. Очигледно називот на оваа колумна и некои поранешни текстови за фудбалот предизвикале очекување дека за време на првенството ќе се позанимавам со тоа првенство. Можеби некој читател ме смета дури и за стручњак за фудбал, па очекува да го изнесам, како да кажам, своето гледање на нештата. Одлучив, значи, како и во два поранешни случаи во оваа рубрика, на приватните пораки да одговорам јавно. И тргнав да пишувам. Сам во куќата, како на оној филмот. По неколку реченици, беше доцна, половина час пред полноќ, слушам под прозорецот на куќата необично лаење. Еднаш, па повторно, па третпат. Толку беше необичен што си помислив дека некој од роднините се шегува со мене, па имитира лаење на куче. Но, роднини во селото има сѐ на сѐ единаесетмина и во тоа време сите спијат. Лаењето, а за тоа имам некакво искуство, не ми личеше ни на кучешко, ни на лисичјо, ни на човечко. Го отворам прозорецот и во осветлениот двор гледам животно какво што не сум видел ни во родниот крај, ни на друго место: личи на лисица, но ушите не ѝ се шпицести како на лисица. Му довикувам од прозорецот да се тргне, тоа се повлекува некој метар, па се врти, застанува и залајува исто како и претходно, еднаш, па вторпат. Излегувам на вратата да го видам одблизу, а тоа низ оградата бега во темнината. Изутрина му раскажувам на роднината Фазлија што ми лаело сношти. Тоа ти е чакал, вели Фазлија. Ловците последниве години гледале чакали во нашите ливади. Така и самиот видов чакал, првпат во животот и тоа во дворот на мојата куќа, на светло кое останало вклучено.

Гаринча

Не е од некоја важност за нештата, но нека биде кажано: одговорот прекинат од лаењето на чакалот го составувам дури на Хвар. Европското првенство во фудбал, значи, за мене беше неинтересно, па ништо не ме тераше да пишувам за него. Уредништвото на весников од мене не побара никаков прилог за тоа, па нештата ми беа лесни до лагодност. Иако на тоа првенство се случија интересни работи, головите на Перишиќ против Чешка и Шкотска, па голот на Модриќ против Шкотска (да останам на хрватскиот случај) е нешто што оди со убавината на оваа игра. Но, сето тоа е малку. Фудбалската игра е променета, изгуби на убавина, понекогаш дури и ме одбива. На телевизија во секоја доба од денот и ноќта има по неколку преноси на фудбалски натпревари. Општа заситеност со брзо играње топка. А тие натпревари се многу слични еден на друг, понекогаш повеќе се исти отколку што се слични. Оние елиминации сѐ почесто завршуваат со пенали, зашто екипите во најголем дел се составени од играчи кои порано ги викавме дрва, само што тие дрва во играта се побрзи, некогаш се неподносливо брзи, во таа брзина тие веќе не играат, тие се борат. Брзината ја упропасти играта до неинтересност. Сите играчи се по ист калап. Оние ретките кои не се од ист калап не се Европејци, играат првенство на Јужна Америка или на Африка. Но за тоа нерадо се пишува, се слави „европскиот пристап“, европската тактика, тренерите на играчите им забрануваат дриблинг, бараат брзо ослободување од топката.

Во денешното фудбалствување би било незамисливо појавувањето на играч како што беше Гаринча. А без него фудбалот не би бил тоа што е. Незамисливо е и појавувањето на играчи какви што беа Бобек, Ди Стефано, Пушкаш. Незамислив е и Марадона. Значи, незамисливи се играчите кои од дрвата во екипата градат играчи, па тогаш така облагородената екипа победува во низа и освојува првенства и купови. Меси е единствениот исклучок и тоа е специјален случај: нему дрвата му служат за да игра подобро, но тој со своето играње ги облагородува помалку отколку Пеле, отколку Кројф, многу помалку отколку Марадона. Специјални случаи се и Зико, Зидан и Роналдињо, последни во кои нема сомневање. Она подоцна и ова денешново е тропкање на песок на брегот откако плимата се повлекла.

Лео Меси

Модерниот фудбал, како што често се нарекува денешниот фудбал, е неправичен и неправеден. Односно, неправедни се водечките структури на тој фудбал, ФИФА и УЕФА. Тие се неправедни во повеќе нешта, но за мене најочигледна неправда е сканалозното бодување кое го воведоа: за победа три бода, за нерешено еден. Многумина новинари се претворија во мисловни мамлази фалејќи го таквиот систем. А тој систем го крши начелото на вреднување според која секој натпревар вреди исто бодови. Во системот од два бода за победа, еден за нерешено, ништо за пораз, се знае колку бодови се во игра. Лигата од 20 клубови има вкупно 38 кола, секое коло има десет натпревари, вкупно 380 натпревари. Според правичен систем, два за победа, еден за нерешено, во првенство во игра се 760 бодови. На крајот од првенството збирот на бодовите кои ги освоиле сите екипи изнесува 760, тоа лесно се добива со собирање на бодовите од конечната табела на првенството. Кај системот три бода за победа, еден за нерешено, вкупниот број бодови може да варира од 760 (ако сите натпревари завршат нерешено) до 1140 (ако ниедна не заврши нерешено). Системот со три бода за победа би можел да биде малку поправичен ако за нерешено би се давале два бода. Велам малку поправичен, под претпоставка дека за поразот не би се давал ниеден бод. Ни тогаш секој натпревар не би вредел три бода (нерешените би вределе четири), но барем, хипотетички, би бил „помилозлив“ кон ремијата со повеќе голови. Вака некои утакмици вредат три, некои два бода, а тоа се утврдува по натпреварот. Денешниот неправеден и неправичен систем кој Англиската фудбалска федерација го воведе во осумдесеттите, а другите земји подоцна, всушност е преземено, па осакатено советско натпреварувачко бодување од 1936. Од советскиот систем е преземено само бодувањето на победата, а останатото е осакатено. Советскиот бодовен систем беше правичен: за победа три, за нерешено два, за пораз еден бод. Таму секој натпревар вредеше четири бода, кои им беа поделени на екипите според исходот на натпреварот. Само за да не им се приговори дека преземаат решенија од омразениот комунизам, англиските господари на фудбалот од нерешените натпревари украдоа еден бод, па поразениот го оставија без бодови. И така заведоа дискриминација на натпреварите. Изговорот дека трите бода за победа ќе донесат повеќе голови е исполнет само кај најсилните екипи, и тоа не заради бодувањето, туку заради енормните клупски буџети. А во коруптабилните лиги тој систем произведе договорена дејност, позната под името „три за три“: јас тебе ќе те пуштам да ме победиш кога ти си домаќин, а ти мене кога јас сум домаќин. Подобро е да се имаат три бода отколку два.

Зинедин Зидан

Потоа, неправичен е, и неправеден до одвратност, критериумот на структурата по име УЕФА за формирање на тн. Лига на шампиони. Во таа лига речиси половина од екипите не се прваци на својата земја, а често и првак на Европа станува екипа која не го освоила ни првенството на земјата во која игра. Може да се случи победник на Лигата на шампиони да биде екипа која никогаш не била првак на земјата во која игра. Тоа е диктат на крупниот капитал и на безобѕирниот систем кој декларативно се залага за respect, а во стварноста ги дискриминира посиромашните клубови.

Модерниот фудбал доведе до тоа играчите сѐ почесто да умираат на тренинзи и на натпревари. Претренираност, оптовареност. Принципот повеќе-посилно-подобро има свои граници. Како кај оној поетот кој вели дека теророт на принципот подобро-подобро-подобро доведува до тоа ни доброто веќе да не е добро. Еве, пред два месеца на натпревар на европското првенство умре данскиот играч Кристијан Ериксен. Тој умре, медицината направи чудо, го врати во живот, но тој веќе нема да игра. За тоа е виновен модерниот фудбал.

Пред десетина години писателот и новинар на овој весник Игор Ласиќ знаеше во нашата биртија по име „Лимб“ да дојде во кафена маица со натпис на два јазика: NO AL CALCIO MODERNO (не за модерниот фудбал) и подолу GEGEN KOMMERZIALISIERUNG REPRESSION UND RASSISMUS (против комерцијализацијата, репресијата и расизмот). Натписот беше меѓународен крик на оној дел од навивачката заедница кој е чувствителен на корупција, политичка и економска подлост. На Игор Ласиќ, чија чувствителност за правда никогаш нема да се потроши, таа маица му се потроши од носење, време е повторно да ја набави. Мене споменот на неа, колку е подлог, ми станува сѐ подраг. А работата е уште поактелна од порано.

Роналдињо

Долго би траело уште да образложувам зошто стојам подалеку од најновото првенство на европските репрезентации, приредено така да ѝ оди во полза на Англија. И ѝ одеше, само што УЕФА не сметаше на тоа дека Италија има подобар голман од Англија и дека нејзините играчи подобро изведуваат пенали.

Оние шестмина читатели можеби ќе бидат незадоволни од овој јавен одговор на нивните приватни пораки. Можеби оној полноќен чакал пред мојата куќа во родното село и ним би им бил поинтересна тема од мојата одбивност кон денешниот таканаречен врвен фудбал, но за мене таа работа би била уште поголемо оптоварување. Би била, зашто со тоа животно немам нерешени прашања, прв и единствен пат го видов во дворот на куќата. Вкупно залаја петпати, трипати кон светлото, двапати кон мене. Имаше во неговата посета нешто несомнено лирско. А модерниот фудбал одамна ме мачи, ме гризнал многупати, а и не сум чул за никаков Бреме кој напишал до кога ќе биде така.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото