Прирачник за губитници

06.07.2023 00:42
Прирачник за губитници

Борис Дежуловиќ и Ненад Бјековиќ

Во вторник, 21. јуни оваа година, во 10 часот, во Белград за првпат се сретнаа писателот и повеќестран уметник, Борис Дежуловиќ и претседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија, Ненад Бјековиќ. За оние кои не помнат и за оние кои не чуле, треба да се каже дека дотичниот Бјековиќ во Љубљана, оттогаш веќе има 46 години, во последното коло на првенството даде гол за Партизан против Олимпија и со тој гол Партизан по 11 години стана првак на Југославија. Првак ќе беше Хајдук да го победеше во Белград ОФК Београд. Тој натпревар, како и сите останати, се играше во исто време. Но Хајдук не победи, туку одигра нерешено и со тој бод остана втор со 49 бода, зад Партизан кој собра 50. Хајдуковци оттогаш тврдат дека титулата им е украдена, затоа што натпреварот во Љубљана траеше подолго од оној во Белград и токму во тоа надополнување на времето Ненад Бјековиќ постигна гол.

Борис Дежуловиќ на масата, во просторијата покрај куќата на Бјековиќ (таму се собираат поранешните играчи) на Бјековиќ му ја подари својата штотуку објавена книга „Били либар“. Бев на таа маса и можев да ја видам посветата што му ја напиша: „На другарот Ненад, човекот кој ми го уништи детството. Од срце, Боро.“ На чинот присуствуваа неколкумина луѓе, меѓу нив и двајца сегашни играчи на Партизан: Зоран Цветановиќ и Мустафа Хасанагиќ. Сите беа трогнати, а божицата Жал-за-младоста зашумоли и затрепери со крилјата над главите на масата. По врачувањето на книгата, авторот и оној кој му го уништил детството се прегрнаа, па некој се сети на стихот од Пушкин: Что пройдет, то будет мило.

„Били либар (Бела книга)“ на Дежуловиќ би можела, покрај насловот, да има и поднаслов. За поднаслов би ѝ одговарал насловот на книгата на Аргентинецот Хуан Састураин „Прирачник за губитници“. Таа приказна на Састураин не е за фудбал, но Састураин е и тоа како важен и неодминлив автор од книжевниот вид фудбал. Вака некако напишал Састураин: „Тие Јужноамериканците секако се подобри во играње топка од Европјаните, но во пишувањето за фудбал се толку надмоќни над Европјаните што создале цела библиотека на книжевниот вид fútbol, futebol или pelota. За да не се изгубат во тој книжевен вид, Европјаните често ќе навлезат во Јужна Америка и пишуваат за фудбалот во Бразил, во Уругвај, во Аргентина. Што е сигурно, сигурно е: поинтересно е да се пишува за гробиштата на навивачите на Коринтијанс, отколку за навадување на тревата на англиските стадиони“.

За да пишува за фудбал, Борис Дежуловиќ не отиде преку барата. Тој си има своја бара и покрај таа бара ја има Кралевата нива, односно Старот плац, па го има и Пољуд. И оттаму, и од Рива и од градските кали и калиња (Радуница, кала мала) виде како Пеле својот дрес му до даде на Холцер, а Јерковиќ на Ривелино. И тоа што го гледа тој го изложува така што на читателот му застанува здивот, па кога ќе дојде до крај, сака продолженија. Не сака пенали, не сака возвратна. Читателот наликува на вљубено момче или девојка, сѐ му се чини, сѐ ѝ се чини како да е првпат. Дежуловиќ светот најчесто го гледа од трибина, а го гледа подобро отколку Гагарин. Дежуловиќ покажува и докажува дека делот е поголем од целината, покажува дека во фудбалската игра сѐ уште важи етрурското верување кое суеверието го смета за еднакво моќно колку и религијата. „Били либар“ е величествен прирачник за фудбалски лудаци, а лудак ја има и напишано. Во воведното поглавје, кое е визионерско, хајдуковецот Дежуловиќ на шеснаесет страници се исповеда како засекогаш завршил со Хајдук. Во предговорот за книгата на Александар Холиг укажува на крупен парадокс во срцето навивачко, кое од најдлабоко чувство на припадност е изложено на најголемо страдање. Каталогот на страдање за Хајдук на Дежуловиќ содржи 28 ситуации (бројката е од око, ги има стотина) кои се собрале во, да речеме, половина век. Во една од нив, од времето кога авторот за половина месец полни 23 години (а вели дека всушност има осум) се колне дека неговата нога никогаш веќе нема да стапне на Пољуд. Причините за одлуката се доволни и предоволни: на натпреварот против клубот со име Олимпик од Марсеј, навивачите на Хајдук предизвикале неред на стадионот, фрлајќи солзавец, прва средба на Дежуловиќ со солзавецот, бегање од стадионот (од тој опис се крева косата на главата), пораз на зелената чоја, ciao, never more. Каталогот на навивачки бруталности и играчки порази Дежуловиќ ги стегнал на 15 страници и во него социолозите и психолозите на феномените на навивањето ќе најдат најдобра граѓа за феноменот на еуфоријата, за нормализацијата на еуфоријата, разочарување во веќе однапред завршената работа, па граѓа за клетва и за заклетва. Тоа поглавје завршува со незаборавниот исказ кој најдобро ја отсликува душата на фудбалскиот зависник Дежуловиќ: „мојата нога сѐ поретко никогаш веќе не стапнува на Пољуд“.

Нема доволно зборови со кои може да се искаже пофалбата за секое од осумнаесетте поглавја на оваа книга. За поподробна пофалба би можела да се состави цела книга. Пишувана со познавање, искрено, без плеткање и политичка коректност, книгата е таква што рацете на оној што до неа ќе дојде нема да ја испуштаат додека очите не ја исчитаат до крај. Знам некои ситни души, дури и такви што ќе ја читаат. Оние за кои предупредуваше Фернандо Песоа: сѐ е достојно за труд, ако душата не е ситна. Сѐ во тие поглавја е вистинито, дури и онаму каде што не е точно. На пример, дека на Хајдук во 1976. му е украдена титулата на првак: Хајдук самиот е виновен, зашто не го победи ОФК Белград.

Стадионот Пољуд

Прирачникот за губитници на Дежуловиќ е книга за длабока верност кон Хајдук. И покрај годините на пост, без освојување на првенството и со малку играње европски натпревари, во неа се слави податокот дека Хајдук ја укина можноста да биде кокошарник со тоа што стана клуб во кој навивачкиот глас ќе биде пресуден и без него нема да може да се донесе ниедна важна одлука: „Хајдук во седумнаесеттата сезона влезе како службено наш, народен, заеднички. Република Мали Балун.“

Завршното поглавје е порака на радост што Хајдук дојде во рацете на хајдуковците и што сѐ уште не се откажа од добриот стар фудбал, од она што се игра „со кристално чиста радост“. Пример за ова последново е враќањето на играчот Марко Ливаја во народниот клуб Хајдук. Дежуловиќ поентира; „Навивачите го спасија клубот, а Ливаја ја спаси играта... Хајдук, како и да заврши, е првак“.

Да се прашувам јас, оваа книга би ја ставил во задолжителни лектири. Да можат децата подлегнати на некритички филоусташки патриотизам да прочитаат како некој дебело ги измамил премолчувајќи всушност нешто величествено: дека партизанскиот Хајдук бил репрезентација на антифашистичката коалиција и всушност бил првак на Европа во 1944/45. Тие деца имаат упропастени детства, оваа книга би можела да биде спас од лаги. А би можела да служи и како збирка на лекции за гневот и витештвото (набројувањето би било долго), како скапоцен пример на кавалерство во гледањето на противникот во неговата битка за играчко и човечко достоинство. Тој противник е, на пример, малтешката екипа Гжира Јунајтед, која во предквалификациите за Евро лигата го исфрли Хајдук победувајќи го во Сплит. Оние кои веќе не одат на училиште би можеле овие поглавја да ги опоменуваат по дома. Во деведесеттите сознавме дека она што се учи по куќите е поделотворно од училиштето.

Со оваа книга Дежуловиќ се вреди во најдобрите писатели на книжевниот вид фудбал. Како прв Европеец влезе во јужноамериканскиот триаголник Сориано-Галеано-Валдано и го претвори во ромб: Сориано-Галеано-Валдано-Дежулиано. (Састураин и Копривница градат пентагонал и хексагонал, за петоаголниците и шестоаголниците на топката бубамара). Од оваа книга се осознава дека на вечното дете Борис Дежуловиќ безброј пати му било уништено детството, па онаа посвета на Партизановиот центарфор Бјековиќ (кого дури и не го спомнува во книгата) делува помалку точно, а повеќе вистинито. Кога некоја далматинска Горгона би го сопрела Хајдуковиот брод на јадранската морска широчина и би го прашала капетенот дали сѐ уште е живо детето Борис Дежуловиќ, капетанот, за да добие дозвола да помине, би можел да ѝ одговори: Борис Дежуловиќ е жив и сѐ уште е дете.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото