Што после Блатер?

05.06.2015 03:53
Што после Блатер?

Како понатаму, откако Јозеф Блатер поднесе оставка? ФИФА-инсајдерот Гидо Тоњони во интервју за Дојче Веле зборува за мотивите на Блатер и улогата на Европејците во моменталната криза на Sветската фудбалска федерација.

Господине Тоњони, Јозеф Блатер си отиде. Дали ве изненади моментот во кој одлучи да се повлече?

Не само мене, сите на планетата се изненадени од оставката, само неколку денови по изборот. Тоа не беше за очекување. Мислам дека луѓето сè уште се збунети. Ќе видиме како фудбалот ќе се реформира после тој настан.

Лично го познавате Блатер, со години сте работеле со него. Што мислите, што го мотивирало на крајот за таков чекор?

Мислам дека тоа беше притисок однадвор. Не од страна на фудбалот, зашто одредени сојузи се против него. Уште многу порано тој почувствува дека половина од фудбалскиот свет не му е наклонет. Мора да бил клучен притисокот на Американците. Американското судство е познато по тоа што не ја пушта туку-така коската која ја зграбило. После минатонеделните случувања, поаѓам од тоа дека Сеп Блатер се консултирал со адвокати од САД што да прави понатаму. Така барем можеше самостојно да се повлече и не беше приморан на тоа од страна.

Се шпекулира дека и против него е покрената истрага. Дали мислите дека тоа е можно?

Можно е. Заканувачкото сценарио сега просто е тука. Американците сега ја гонат ФИФА со своите акции. Следните денови или можеби дури за две-три недели ќе се знае колку вредело тивкото повлекување на Сеп Блатер. Доколку тоа уследило само затоа што Американците му биле виселе на врат и поради стравот дека и тој ќе дојде на ред, тогаш оставката не е толку вредна, како што се чини во моментов. Американците сигурно би го избрале Блатер како мета. Меѓутоа, ФИФА нема едноставно да чека со скрстени раце на ударот на Американците. Интересно ќе биде да се види како наредните недели ќе изгледа правниот спор.

Сеп Блатер

Многумина со олеснување зборуваат за оставката на Блатер. Дали таа навистина претставува големо олеснување за ФИФА?

На прв поглед да, но кога ќе се постави прашањето што понатаму, тогаш има многу непознаници. Наследникот не се наѕира. Се закануваат несогласувања на континенталните сојузи. Потребно е да се почека додека сите одново не земат здив и додека не се формираат нови коалиции. Англичаните се одушевени, Германците задоволни, како и многу други. Но што да се прави во оваа ситуација?

Блатер најавуваше вонреден конгрес некаде помеѓу декември 2015 и март 2016. До тогаш сака да го задржи кормилото и да покрене реформи. Колку е тоа реалистично?

Доколку Американците продолжат да вршат силен притисок врз Блатер, тој веројатно нема да биде во состојба понатаму да ја води организацијата на посакуваниот начин. Блатер е сè уште во можност некако да ја води фирмата и да свика нов конгрес. Поаѓам од тоа дека тој нема да се одржи уште оваа година, попрво напролет во 2016. ФИФА и сите други интересни групи така имаат можност да вдишат малку воздух и релативно добро да ја испланираат иднината.

Принцот Али бин ал-Хусеин

Јозеф Блатер ја водеше ФИФА како кралот-Сонце. Кој би можел да продолжи по неговите стапки?

Нема таков маж или жена. Никаде не се наѕира лидер кој со нови идеи би можел да изгради модерна ФИФА. Принцот Али (јорданскиот принц Али бин ал-Хусеин е поразен на изборите минатиот петок) не може повторно да биде доведен. Луис Фиго (поранешниот репрезентативец на Португалија кој ја повлече кандидатурата) за жал веќе малку изгоре. Тука е и Жером Шампањ (поранешен функционер на ФИФА, најпрво сакаше да настапи против Блатер, па се повлече) кој сигурно би бил во можност да го направи тоа. Но малку е веројатно дека тој ќе ја добие потребната поддршка, пред сè затоа што не е во добри односи со Мишел Платини (претседателот на УЕФА). Во моментов не постои потребниот исцелител. Можеби и не е лошо да се стои пред празен лист. И кој вели дека оној што ќе го води тој концерн мора да биде некој од светот на фудбалот? Впрочем, тоа не е дадено од бога. Сега има важна можност за подобрување на елементарните работи. Лично сметам дека е многу важно да се ограничи мандатот на претседателот на ФИФА. Во спротивно ќе се бара супермен кој следните дваесет години ќе остане на функцијата. Тоа не е пожелно. Би требало да се промени и гласачкото право на одредени сојузи, кои повеќе не го претставуваат на вистински начин тоа што се случува во реалниот фудбалски свет.

Како ја гледате идната улога на Европејците?

Тие сега мораат да преземат важна улога, мораат да играат улога на помирувач. Сеп Блатер секогаш со умисла го ширеше ставот дека ФИФА и тој лично го штитат остатокот од светот пред алчноста на Европејците. Таа алчност не успеав да ја регистрирам. Европа всушност секогаш си беше доволна сама на себе и не сакаше да игра голема улога во светската политика. Но Европа сега навистина се гледа како фудбалски и комерцијален центар на фудбалот. Европејците мораат да го преземат водството, инаку ситуацијата ќе им излезе од контрола, а тоа за иднината на ФИФА навистина би било жално.

Шефот на Германскиот фудбалски сојуз и претседателот на УЕФА Мишел Платини

Дали гледате некаква посебна одговорност кај Германскиот фудбалски сојуз? На крајот на краиштата, Волфганг Нирсбах го предводи најголемиот сојуз на светот.

Точно е тоа што го велите. Освен тоа, Германија е и светски првак. Сите овие години колку што ја познавам ФИФА, Германија на сè гледаше тивко и никогаш не бараше водечка улога. До душа, меѓународно Германија нема толку природни сојузници како Англичаните и Французите. Но Германија би морала да се тргне од таа пасивност и свесно да ја преземе одговорноста која најголемиот, најважниот и во моментов без сомнеж најуспешниот фудбалски сојуз на светот би требало да ја преземе на себе. Волфганг Нирсбах, на кого од разбирливи причини му недостасува политичко искуство, не мора самиот да биде во прв план. Но би било штета доколку Германија не го искористи актуелниот вакуум за да се доведе себеси во подобра позиција. Во политичка смисла, не во фудбалска.

Дали според вас постои алтернатива за ФИФА?

Би можел да замислам поединци да велат дека главните нации и главните клубови треба да се поврзат во една интересна група. Тоа дури би можело да функционира. Но идејата на ФИФА како организација со светска мрежа не е лоша. Неа само ја злоупотребија функционерите кои сметаа дека ФИФА постои само за тие лично да се збогатат. Менталитетот мора да се промени. Мислам дека идејата за ФИФА мора и понатаму да се негува: глобалното промовирање на фудбалот кое води сметка за односот кон малите. Но токму тој однос е толку изопачен што на овој начин повеќе не може да се одржи.

Швајцарскиот правник и новинар Гидо Тоњони (кој наскоро ќе наполни 65 години) беше портпарол на ФИФА. Во светската фудбалска организација се врати во 2001 година како шеф на маркетинг. Две години подоцна ФИФА се разиде со Тоњони, очигледно поради разликите во мислењата помеѓу него и Блатер. Оттогаш Тоњони е еден од најжестоките критичари на Светската фудбалска организација.

Извор: Deutsche Welle