Лего птици

07.08.23 09:05

Можеби се прашувате како лего коцките можат да претставуваат некаква уметничка алатка, но ако размислиме подобро, тие се основна отскочна штица за разбирање на визуелните елементи.

Легото беше првата алатка која многумина од нас ја користеа за да откриваат и креираат форми, архитектура и шаблони. Додека оваа едноставна играчка продолжува да го збогатува животот на децата, и возрасните исто така можат да најдат радост во нивната употреба.

Во својот проект „ 50 птици”, уметникот и архитект Рој Шолтен користел Лего коцки за да ги спои своите два медиума. Целта била да се создаде графички вокабулар на птици исклучиво преку графика, со Лего како форма на печат. И покрај строгите ограничувања што Шолтен си ги задал за проектот, неговите елегантни, структурни резултати изгледаат како да се создаени без никаков напор.

Рој Шолтен е графички дизајнер и информативен архитект кој живее и работи во Хилверсум, Холандија. Експериментите со лего печатењето ги започнал околу 2014 година во Grafisch Atelier во Хилверсум.

Оваа практика првенствено се користела во програмите за образование за деца од основно училиште. Скоро секој од рана возраст е запознаен со Лего или друг тип на коцки на склопување и расклопување.

Во продолжение уметникот Рој Шолтен зборува за процесот на изработка на неговите принтови:

„Лего коцките овозможуваат брз и лесен начин да се изработи печат (форма) што може да се испечати на преса за печатење. Овој пократок пат до печатениот резултат остава повеќе простор за експериментирање и повторување на дизајнот и тоа е она на што сакаме да се фокусираме во овие работилници. А студентите постојано нè изненадуваат со своите креативни идеи.

Секако, развивајќи го овој начин на работа, се инспириравме и од можностите кои ги имаме. Во еден од првите проекти на Лего печатење станува збор за збирка од десет Лего диносауруси. Тоа беше соработка со колегата уметник и едукатор, Мартијн ван дер Блум.

Токму 50-годишнината на студиото за печатење во 2018 година беше катализатор за проектот „50 птици”. Сакав да нурнам длабоко и да го истражам потенцијалот за создавање слики на овој графички речник.

Мојот интерес за птиците трае многу долго, ми се чини отсекогаш. Кај нив, меѓу различните видови има многу варијации во формата, бојата, моделот и карактерот. Истовремено, сите тие се птици и имаат одредена сличност, па така сфатив дека на овој начин може да се создаде разновидна, но кохерентна колекција.

Дефинирав некои принципи на дизајнирање за да се обезбеди кохерентност и разграничување на дизајнерскиот простор:
- Одредена големина на принтови беше печатена на хартија со одредени димензии.
- Користев само Лего коцки и ги користев такви какви што се. Значи, немаше сечење, фрлање или други манипулации со материјалот.


- Правев избор на видови птици кои можат да се најдат во Холандија.
- На принтот ја прикажувам целата птица. Нема портрети или други типови на делумни прикази.
- Секој дизајн го печатам во издание од 20 принтови.

Во раните фази мислев дека можам да го ограничам бројот на бои, а со тоа и раздвојувањето на боите, но брзо стана јасно дека тоа би било премногу ограничувачко. Како и кај вообичаеното печатење, на секоја боја ѝ треба посебен печат/форма.

Понекогаш специфичната форма на дизајн бара повеќе делови кои се преклопуваат да се испечатат во иста боја. На пример, на релативно монохроматскиот мал був му беа потребни шест посебни принтови за да се претстави целосното држење и неговиот строг поглед.

Беше интересно да се види како се развива серијата и со тоа расте мојот репертоар на дизајнерски потези. Во меѓувреме, Лего редовно воведува нови делови кои можат да се вградат. Аспектите како што се дијагоналите, клуновите и неправилните обрасци сè уште се предизвици кои се повторуваат.

Сето тоа бара повеќе време отколку што првично мислев! Штотуку завршив со печатење на број 36 од серијата. Парадоксално, колку подобро го сфаќав тоа, толку беше потешко да се заврши печатењето. Полесните птици со еднобојни бои и јасни форми беа побрзо завршени.

На покомплексно обоените видови им треба повеќе време за дизајн за да го најдат вистинскиот баланс на реализам и стилизиран приказ. Но, во главно тоа и беше целта на целиот проект , така што јас сум среќен што продолжувам да ги решавам овие загатки за конструирање визуелни слики”.

 

 

 

Извор: https://www.printmag.com

ОкоБоли главаВицФото