Сонце на дирек свети

24.08.2023 08:48
Сонце на дирек свети

 Раскажува Пане Напески, од Прилеп, стар 71 година, пензионер

Татко ми се викаше Димко. Тој ми расправаше како во Париз гледал караѓоспердеси или наречено кино. Луѓето излегувале на пердето и се движеле по платното. Тој гледал во Париз во 1912 год. Татко ми бил и во Беч, Србија, Бугарија, се интересирал за новите работи на Запад, нарочито се интересирал за фотографијата. Тој по занает беше фотографчија. Тој ми велеше:

- Синко Пане, и гледаш сликите оти стојат, оти не се движат, а на киното, на пердето, на платното се движат, одат луѓето, зборуваат, гласот не им се слуша, а мрдањето на устата се гледа.

Ова раскажување мене ме заинтересира. Тогаш јас имав само петнаесет години. Татко ми беше и во Софија. Ми расправаше дека и во Софија имало кина и дека на пердето се движеле луѓе. Во 1917 година кај нас во Прилеп живееа германски војници. Овие војници знаеја да зборуваат на српски јазик. Јас и запрашав како можи да се купи кино-проектор. Војнициве веднаш испратија едно писмо во Дрезден. Од Дрезден стасаа проекти за киноапаратура. Јас тогаш почнав да продавам мекици со цел да заработам пари за да го платам кинопроекторот. По некое време јас купив кинопроектор за седум илјади марки, ама проекторот беше на проекција со газолина. Една боца со газолина, а друга полна со воздух и така беше палењето, со кибрит се палеше ламбата. Дадов една престава на населението во нашата стара куќа во која изградив сала за 360 души. На првата престава имаше околу 260 гледачи прилепчани. Салата ce затемнуваше со црни платна и внатре светеа две црвени ламби на газија. Првиот филм што го прикажав беше „Дама со камелиите“. После тоа боцата се испразни. Се испразни после три престави. Немаше воздух и немаше со што да се притиснува газолино. Останав без проекција. Во проспектите имаше ламби со струја. Јас бев приморан пак да продавам мекици. Заработив 13.000 германски марки. Го натерав татко ми да појдиме во Бугарија да купиме мотор и динамо да создава струја за проекционата ламба. Ко му реков на татко ми да купиме кино ми рече:

- Синко Пане, јас пари немам!

Имаше еден војнички дом кај грчката црква. Тука имаше еден магацин. Се поврзав со магационерот. Купував брашно и масло и правев мекици. Мајка ми Донка ми помагаше. И така ги заработив германските марки. Појдов во Бугарија. Купив мотор и динамо во 1917 година. И денеска го чувам моторот и динамото. И купив во јуни 1917 година во Софија. Ми дадоја и проспект за монтирање на моторот и динамото. Имаше шал-табла на која имаше осигурачи, амперметар, еден волтметар, еден реостат за пуштање постепено на струјата и еден шалтер прекидач. И така јас и монтирав. Прво пуштив струја во Прилеп. Прилепчани се чудеја кога кладов на дирек да свети струја. Прилепчани велеа:

- Сонце на дирек свети!

И во киносалата инсталирав струја. Горе на тавано три ламби, една на балкон, една под балконот, една сијалица кај апаратот во кабината, една кај моторот и динамото. Една сијалица закачив на улица на дирек. Чорбаџиите од Прилеп за мене мислеа оти младината од Прилеп е носам на лош пат и ко ќе одев по улици прилепчани на два пати ме плукаа.

Во 1917 и 1918 година појќе работев со војниците: бугарски и германски.

Во 1918 и 1919 година во Прилеп работев со српската, француската и италијанската војска. Ко си замина војската работев со прилепчани. Во Прилеп едно време имав работа. Отидов со кинопроекторот и динамото во Битола. Работев во хотелот „Америка“. Таму работев три месеци. Во Битола имав многу работа. Сакав да се поврзам и со Солун. Од Солун сакав да купувам филмој, но Грците не дозволуваа. Се вратив во Прилеп. Во Битола изгубив баѓи пари и затоа се вратив во Прилеп. Се поврзав со едно преставништво за филмој од Загреб. Ова преставништво беше во Скопје. Фирмата се викаше „Мусафи и Асео“. Обајцата беа Евреи. Се поврзав и со фирмата „Роса-филм Николиќ“ од Белград, со фирмата „Авала-филм“ од Загреб, „Фокс-филм“, „Уфа-филм“, „Меркур-филм“ и „Мос-филм“. Со „Мос-филм“ работев до 1934 година.

Во 1922 година во пролетта киноапаратурата е префрлив во просторијата од Бомболовци, карши Оревоечката река. Просторијата е зедов под наем. Тука работев се до 1923 година. За просторијата плакав по 45 франги годишно. Од таја просторија ме истера поглаварот на Прилеп, Туфегџиќ за да дојде Ице Зерде. Зерде бил српски воспитаник, а јас како Македонец сум немал право. Поглаварот ми се фалеше дека и физички ќе ме ликвидира, ќе ме отепа. Кај мене дојде еден ден еден полицејски агент, Младен и Дрзман. Обајцата зедоја клучеј за да ги оштрафуваат машините. На таја просторија беа појќе исеџии стопани сајбии: Бомболовци, Санта Карацутоска, Јон Бомбол, Данаил. На сите му имав платено кирија однапред за една година. Кога ми се пофалија агентите и кажав на мајка ми:

- Мајче, вака и вака, ми се фалат од полицијата!

Синко, затвори го киното, биди ти здрав и жив!

Се преселив на Корзо во кафаната „Кајмакчалан“, а Ице Зерде отвори кино во просторијата од Бомболовци. Ице Зерде дојде од Битола. Почнав да работам во кафаната „Кајмакчалан“. Салата служеше едновремено и за кафана и за кино. Не можеше да се работи. Тука загубив 150 наполеони. Загубата е покрив бидејќи работејќи како сликар. Одев по селата по панаѓури и манастири. Верував оти како кинорепортер ќе имам перспектива. Оваа работа мене ми чинеше лично задоволство, бидејќи киното го сметав за културно-просветна институција. После тримесеци Ице Зерде престана со работата. Прати еден чоек. Чоекот ми рече дали сакам да го купам инвентарот од киното, платното, столиците. Зерде го затвори киното, бидејќи не беше киномајстор. Во прикажувањето имаше честопати дефекти, кинење на филмојте и слично. Се вратив пак да работам со нем филм во салата од Бомболовци. Ко се вратив кај Бомболовци купив место и една стара куќа. Три рала куќи подигнав. Кино-салата е изградив во 1932 година. Од комшиите имав многу мака. Српската власт не сакаше да ми дозволи да ѕидам кино-сала со мотивација дека кинопреставите ќе им сметаат на комшиите. Со скудни маки е изградив киносалата на име од мајка ми Донка. Финансиски ми помогна и мајка ми Донка. И во оваа сала прикажував неми филмој. Во 1935 година излегоја тонски апаратури со тонот снимен на самиот филм, лихт тон. Купив и тонска апаратура за 80.000 динари. Е купив во Белград во 1935 година марка „Телевизија“ од Александар Колудер.

До 1926 година на проекциониот апарат се вртеше со рака. Од вртењето ме заболуваа рацете, со дни да не мојш да си дојдеш на себе си. Моето кино се викаше „Прогрес“. Сметав дека перспективно ќе успеам низ породилни маки и дека средината во која живеев ќе ме разбери, и ја прихвати мојата работа и дека ќе разбери какво значење има киното. Пет пати прекратував со работењето, но секоја пат имав надежи и верба дека еден ден киното ќе си има свои гледачи, како и што стана.

Првиот тонски филм што го прикажав во Прилеп беше „Титаник“. Го прикажав во 1935 година во летото. Филмот „Титаник“ беше многу посетен. Прилепчани се заинтересираа. Филмот беше добро рекламиран.

Купував филмој и од фирмата „Мос-филм“. Овие филмој и купував за агитација и пропаганда. За овие филмој се поврзав со Данко Гешелин. Ко и примив советските филмој салата е наредив со црвени платна. Се поврзав и со раководството на КПМ за Прилеп. Добивав од градското раководство на КПМ за град Прилеп директиви како да работам во врска со прикажувањето на советските филмој. Моето кино прилепчани го викаа „Советско кино“. Во времето од 1935 до 1941 година прикажав многу советски филмој, меѓу кои и следниве: „Жена за 1000 рубли“, „Пастир Костја“, „Московски славуј“, „Златниот кључик“, „Пут у живот“, „Волга-Волга“, „Чељускинци“ и други, а за време на окупацијата и прикажав и следниве филмој: „Д’штерјата на Панкратов“. Овај филм беше со содржина од Октомвриската револуција.

Забележал: Стојан СИЛЈАНОСКИ

Објавено во списание „Стремеж“ бр. 2, февруари 1979 година

Реобјавено во www.oldprilep.com