Кој кажува што е национален интерес?

29.09.2023 17:53
Кој кажува што е национален интерес?

Темата за националните интереси воскресна како феникс во дебатата за уставни гаранции на правата на бугарското малцинство. Не остана политичка партија или политичар кој не рече дека ги брани националните интереси, а дека некој друг ги „распродава“. Кој кажува што е национален интерес?

Во политичката теорија, постои едногласност дека државниот интерес обично го дефинира владата. Да речеме, „успешното водење на пристапните преговори со Европската Унија“, што сегашната влада го постави како стратешки приоритет во својата програма, е државен интерес.

Потребно и оправдано е да се дебатира во јавноста што е „успешно водење пристапни преговори“, но, на крајот од процесот владата ги преземa сите потребни чекори за „успешни преговори“. Ако, на пример, владата успее да обезбеди меѓупартиска согласност за внесување на бугарското малцинство во Уставот или барем двотретинско мнозинство во Собранието, колку што бара уставната процедура, може да каже дека водела успешни пристапни преговори.

Нема збор дека стратешките приоритети на владите на демократските држави поминуваат низ долг политички процес на усогласување различни интереси и дека, на крај, ги одобрува претставничкото тело. Но, конкретната политика на чекори, како да се стигне од овде до онде, е работа на владата. Кога станува збор за политики од исклучително значење за една земја, владата ќе се погрижи да изгради широка меѓупартиска и граѓанска коалиција, пред сè во областа на надворешната политика. Тогаш државниот интерес, како „национален“, станува силна алатка за поддршка на таа влада.


Зошто, пред сè, во надворешната политика? Бидејќи меѓународниот систем е анархичен; нема светска влада, претседател, полиција или судство, така што државите, налик на билјардски топки со различна големина, опасно се удираат едни од други. Секоја држава го брани својот национален интерес, кој во таков контекст се идентификува со националната безбедност – а тоа се мирот и функционирање на државните институции.

Со овој реалистички пристап веројатно нема да се сложат мнозина кои се повикуваат на меѓународното право и кои многу буквално ја разбираат еднаквоста на државите, а меѓународниот притисок врз една држава да се реши некој проблем, го сфаќаат како лична навреда. Да, во принцип државите се еднакви, но реално некои се поеднакви од другите, би рекол Орвел, особено при безбедносно-загрозувачки ситуации. Тогаш решенијата ги налагаат заинтересираните, а кои воедно располагаат со политичка, економска или воена моќ за тоа.

Среќна околност е што од почеток на независноста, политичкото раководство на земјата свесно се определи за демократскиот свет во кој владеење на правото се смета за фундаментална вредност, а политичките решенија се балансираат. Од првата влада до денес, членството во НАТО и во ЕУ беа и останаа приоритет на сите влади. Секоја партија што претендирала и претендира да дојде и да остане на власт, се повикува на непостигнатата стратешка цел што, членството во ЕУ, за да обезбеди поддршка од граѓаните. Проблемот со долгото чекање пред вратите на оваа организација се должи на тоа што не секоја влада е подготвена да преземе непопуларни чекори што би ја чинеле губење власт.


Заедно со проблемите, растеше и евроскептицизмот за да се вивне во небеса по потпишување на Преспанската спогодба, Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и т.н. „француски предлог“. Денес сè повеќе се слушаат гласови за напуштање на европскиот пат во полза на други организации, пред сè економски, кои од нас не бараат да се менуваме. Основниот аргумент на евроскептиците е дека на суверена држава никој нема право ништо да ѝ наложи. Во таа смисла споменатите договори за евроскептиците се насилнички, предавнички, недостоинствени, загрозувачки за идентитетот на нацијата, а европските политичари се лажливи бирократи, кои многу бараат а ништо не даваат за возврат. Се употребуваат несоодветни споредби на македонската нација со Евреите во тек на Втората светска војна, па се вели дека сме изложени на културен геноцид, дека од нас се бара сами да се откажеме од македонството, од своите македонски корени… Тие што се прикажуваат како прагматични, бараат одложување на пристапните преговори додека се смени начинот на гласање во ЕУ итн.

Некој ќе праша, како може однапред да се знае што е во најдобар интерес на земјата и дали евроскептиците не се во право? Колоквијалниот одговор се движи во две насоки. Едни сметаат дека може да се знае само отпосле, со ризик да се „испушти возот“, додека други сметаат дека националниот интерес субјективно се интерпретира од страна на Владата. Или национален интерес е тоа што една влада ќе каже дека е.

Владата на Македонија кажа што е национален интерес за земјата. Што поскоро продолжување на преговорите со ЕУ (која поради војната во Украина е многу заинтересирана за забрзано проширување со нови членки и јакнење на фронтот на демократски држави наспроти оние со автократски режими). Во тој контекст, Брисел, со методи на убедување а веројатно и со притисок врз двете раскарани држави, Македонија и Бугарија, постигна компромисно решение со т.н. „француски предлог“. Парламентарната опозиција се закани дека нема да гласа за промена на Уставот, со што ќе ги одложи пристапните преговори и земјата ќе влезе во период на голема неизвесност и многу веројатна политичка криза.


Зошто се противи опозициската партија, со силна поддршка на некои интелектуални кругови? Дали мотивите на нејзиното раководство и активисти се чисто прагматични, да се дојде на власт по секоја цена или се заробеници на идеологија што со години ја произведуваат и која сега не им дозволува флексибилност? За каква идеологија станува збор, најубаво кажува партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ, под наслов „Национална доктрина: застапување и штитење на македонските државни и национални интереси“:

„Заштита на македонскиот идентитет, кој го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор;

Градење на македонскиот културен простор заснован на етничка, јазична, политичка или географска припадност кон Македонија, како основа за современ европски културен развој на односите помеѓу балканските држави;
Почитување на сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет“.


Во декодирањето на доктринава ќе ни помогне претседателот на МАНУ, проф. Љупчо Коцарев. Неговите убедувања па дури и речениците искажани на јавните настапи се како препишани од доктрината на ВМРО-ДПМНЕ. Или обратно, проф. Коцарев и неговите истомисленици собрани околу МАНУ, ја напишале споменатата доктрина, што Коцарев ја нарекува македонизам.

Македонизмот подразбира две работи. Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските, има свој просторен и свој временски, да бидам прецизен – милениумски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет. Овие две клучни карактеристики за македонизмот се факти признаени од светската наука. (Вака разбран, македонизмот подразбира дека сите документи, пишувања, говори, резолуции, прокламации што не се конзистентни со двете основни премиси на македонизмот, а такви се, на пример, и Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија (Љупчо Коцарев, по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев).


Во годишното обраќање до МАНУ, тој емотивно го повикува Св. Илија Громовникот да удри со гром против непријателите на Македонија и да ги растера темните облаци. „Во пресрет на Илинден, најголемиот национален и државен празник за Македонците – празникот што претставува симбол на непокорот на македонскиот народ, ве повикувам заедно да упатиме молитва за Македонија, за Македонците, а притоа да не заборавиме дека зборот „Македонија“ подразбира, прво, просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ и, второ, македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет“.

Обвинувањата што тој ги искажува звучат фанатично: државата ја нарекува протекторат, поробена земја, вазал, банана-држава, неоколонијален феуд, „геополитичка лабораторија во која меѓународните поголеми играчи тестираат свои рецепти за стабилизација, соживот и институционална трансформација при што Македонците ќе станат народ без идентитет и историја…“ а политичарите на власт се: предавници, сервилни, лукративни, недостоинствени, дивеат, ја трансформирале државата од слободна во поробена, го суспендирале уставниот и правниот поредок и се слуги на дневнопартиски и геостратегиски интереси.

Постои конзистентност меѓу доктрината на ВМРО-ДПМНЕ и идеологијата на проф. Коцарев и интелектуалниот круг околу него. Тоа е идеологијата на национализмот или македонизмот. Како секоја идеологија, и тука не станува збор за историска или каква било друга научна аргументација, туку за верувања кои ја инспирираат и водат политичката акција на партијата/партиите кои ја застапуваат. Декодиран, нејзиниот агресивен наратив содржи примордијалност, иредентизам, конзервативност и исклучивост.


Иредентизам. Иредентизмот и примордијализмот на оваа идеологија произлегуваат од убедувањето за милениумска автохтоност на Македонците, кои се директни потомци на античките Македонци. Бидејќи тие отсекогаш живееле и живеат на територијата на целокупна Македонија, таа територија е нивна. Нејзината насилна поделба во минатото е трагична неправда која во иднина треба да се исправи. Денес во светот, на идеологијата која тврди дека треба да се совпаднат етничките со државните граници, не се гледа со разбирање, бидејќи доведува до конфликти и војни. Знаејќи го тоа, партијата на националистите и д-р Коцарев пуштија во употреба синтагми како „духовен простор“, „македонски национален супстрат“. Оваа идеологија е во конфликт со политиката на немешање во внатрешните работи на соседните држави и бара, обратно, да се мешаме…

Примордијалниот национализам е опасен и поради тоа што ги подрива и уставните основи на државата. Зад звучното тврдење дека Македонците се автохтон народ со милениумски континуитет, стои грда политика на проблематизирање на државното уредување, произлезено од Охридскиот рамковен договор. Националистите тврдат дека државата им припаѓа на Македонците, како староседелци на оваа територија, додека оние, што наводно, тука подоцна се населиле, се граѓани од втор ред. Тие прифаќаат дека Македонија е мултиетничко општество, но не прифаќаат државата да е уредена врз принципот на споделување на власта меѓу граѓаните од различна националност.


Конзервативност. Конзервативноста на оваа идеологија е втемелена во уверувањето дека никој нема право да се меша во работите на една суверена држава и да ѝ налага решенија. Традиционално, конзервативците го издигаат суверенитетот на државата на највисоко место меѓу вредностите на оваа идеологија. Во меѓувреме, во светот и Европа се сменија и суверенитетот, каков што беше познат во минатото, се релативизира, во согласност со самите членки, особено во сојузи како Европската Унија. Меѓутоа, спорот со Бугарија нема врска со суверенитетот, туку е политички, а предлогот за негово решавање е компромис: Бугарија ќе ја признае македонската нација и држава, а Македонија ќе треба да најде заеднички јазик со Бугарија за историјата и да ги внесе потребните измени во Уставот.

Антидемократски. Уверувањето дека само оние кои се водени од македонизмот ги претставуваат автентичните национални интереси а сите останати се предавници е опасна теза за демократијата, која, по својот карактер е плурална. На пример, кога идеолозите на ВМРО-ДПМНЕ пишуваат дека партијата ќе ги претставува и заштитува македонските државни и национални интереси, тие мислат на македонизмот односно национализмот, што секако не е единствена идеологија и политичка опција. Смешни се тврдењата, ширени од кругот на МАНУ, дека тезите што ги застапува македонизмот се научно докажани од македонската и од светската наука.


Една партија која дејствува во мултиетнички амбиент, а во својата идеологија декларира дека ќе се грижи за македонската нација, е по дефиниција национална. Дека линијата на дистинкција меѓу национална партија и националистичка е избришана, покажува политиката на ВМРО-ДПМНЕ од независноста до денес во однос на најважните прашања од национална безбедност. Во 2001, ВМРО-ДПМНЕ се противеше до последен момент на донесувањето на Охридскиот рамковен договор (и до денес го проблематизира), со кој се постигна мир и стабилност; не гласаше за Преспанската спогодба, која помогна да се зголеми безбедноста со зачленување на земјата во НАТО и денес е најголем противник на менување на уставот, како услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.

Сепак постои значајна разлика меѓу политичка партија и интелектуалците. Политичките партии, особено најголемите парламентарни партии имаат барем политичка одговорност за одлуките што се донесуваат, додека интелектуалци како проф. Коцарев и неговите истомисленици се расфрлаат со отровни зборови и ги подгреваат националистичките страсти, без одговорност. Тоа е среќна околност за државата, бидејќи членовите на една политичка партија и нивните првенци, како и пратениците, сепак ќе помислат два пати како ќе гласаат за одлука, од која зависи иднината на земјата.


Стрип кадри: Alex Toth - The Land Unknown (1957)

Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото