Невидливи мајки

04.10.23 12:52

Дали можете да ги забележите мајките на овие чудни фотографски портрети?

Со време на експозиција од половина минута, викторијанските мајки кои сакале портрет на своите деца морале да се маскираат како столици, каучи и завеси за да ги држат своите деца мирни. Резултатите, забележани во книгата „Скриената мајка“ на Линда Фрегни Наглер, се истовремено трогателни, вознемирувачки, но и бизарни.

„Скриената мајка“ се состои од 1.002 фотографии, сите примери на практика која одамна се смета за непотребна, но која била вообичаена процедура од појавата на фотографијата до дваесетите години, кога времето на експозиција било релативно бавно.

Фрегни Наглер направила збирка на фотографии на кои тешко може да им се даде опис, но сепак акумулирала значајна архива, давајќи им обновена цел и интензитет.

Сликите содржат одреден степен на комичност, иако ненамерно, затоа што од гледачот се бара да го прекине своето неверување, да „не ја види“ скриената фигура. Некои современи гледачи едноставно не ја забележуваат скриената мајка на портретот, што укажува на културната природа на чинот на гледање. За други гледачи, скриената фигура претставува суштински дел од сликата. Високите стапки на смртност на доенчињата во тоа време укажуваат на тоа дека постхумните портрети биле норма, па скриената мајка му покажува на гледачот дека детето на фотографијата е живо.

Создавајќи и дефинирајќи поджанр на фотографијата, Фрегни Наглер акумулирала слики кои повторуваат одреден гест, негација на родителот во интерес на видливоста на детето. Многубројните теми кои клокотат под површината на нејзината колекција се обединети со единствениот принцип на бришење. Тој гест зборува за природата на самото родителство или за местото на жената во патријархално општество, каде што таа е претставена без сопствен идентитет.

Колекцијата, исто така, се соочува со неизбежната себе-елиминирачка природа на фотографот и колекционерот. Се чини како самата уметница да лебди над овие слики како мајка, зачувувајќи ги овие фотографии таа станува нивни чувар, колекционер, презентер и куратор на колекцијата. Самата Фрегни Наглер станува уште една скриена мајка.

Извор: https://www.theguardian.com/

 

Слични содржини

Фотографија / Наука / Око / Историја
Јавни простори / Фотографија / Око
Фотографија / Уметност / Око
Фотографија / Психологија / Око

ОкоБоли главаВицФото