Македонија шест месеци е како „гасна комора“

06.10.2023 12:35
Македонија шест месеци е како „гасна комора“

Горјан Јовановски

Извор: Дојче Веле

„Македонија 6 од 12 месеци е една голема 'гасна комора' и фабрика за канцер. Кога децата наши ќе нè прашаат зошто лежат на Институтот за белодробни заболувања во Козле, што треба да им одговориме? Што ќе им одговориш ти?“, вели еко-активистот и градски советник, креаторот на апликацијата „Мој воздух“, Горјан Јовановски за ДВ, кој е револтиран што и по десет години од постојано укажување за енормното загадување во земјата и опасниот воздух кој го дишат граѓаните, ситуацијата речиси се нема помрднато од место.

„Поминаа скоро 10 години откако се инволвирав, оттогаш се сменија влади, локални администрации, министри, градоначалници. А, Македонија и понатаму е една од најзагадените земји“, вели Јовановски. Ваквите согледувања тој неодамна ги сподели и за британскиот весник „Гардијан“, кој го цитираше 30-годишниот софтверски инженер и градски советник дека „за загадувањето на воздухот сите сме свесни, знаеме како да го следиме, особено во зима. Проблемот е што свеста се чини дека е запрена пред портите на Владата“.

Децениска битка

Јовановски стана познат откако разви апликација за собирање податоци за квалитетот на воздухот што стана популарна во Скопје и неколку други балкански градови. Тој изминативе години учествуваше во разни студии коишто посочуваат за токсичниот воздух којшто го дишат граѓаните на Западен Балкан и за загрижувачките ефекти врз здравјето на граѓаните.

Податоци на Европската агенција за животна средина од минатата година покажаа дека лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи, а Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан.

Загадувањето на воздухот во Западен Балкан предизвикува голем број на предвремени смртни случаи, а последиците вклучуваат пократок животен век и влошување на јавното здравје.

„Сите дишеме отровен воздух“

За ваквите загрижувачки состојби се посочува и во текстот на „Гардијан“. Од клупа на раскрсница во скопската населба Аеродром, новинарот на британскиот весник го опишува Јовановски како со раката покажува кон три бели облакодери чии најгорни катови ѕиркаат над смогот во зима. „Тие се единствените доволно високи за да се издигнат над температурната инверзија, па ако сте доволно богати, можете да го купите вашиот излез“.

Она што е потешко да се разбере, вели еко-активистот, е дека децата на елитите сè уште го дишат истиот воздух кога одат на училиште.

Анализата на „Гардијан“ заснована на европски податоци за квалитетот на воздухот покажала дека Скопје е едно од европските жаришта за ПМ-2,5 честичките. Студија од 2018 година која покажала дека воздухот во Скопје е толку загаден што жителите умираат во просек две до три години порано. Медиумот ги пренесува стравувањата на жителите на Скопје, кои велат дека не се плашат само за сопственото, туку и за здравјето на нивните семејства и пријатели.

„Свесно нè трујат. По толку време, не може да се правдаме 'за ова треба време'. Поминаа 10 години откако темата е активна, 10 години имавме можност да направиме големи чекори и да прекинеме да се наоѓаме на тие топ-листи од најзагадени градови во светот. За жал, нема политичар што може да гледа подалеку од еден мандат, нема политичар што реално сака да го заштити здравјето на граѓаните“, ги образложува своите ставови за ДВ, Горјан Јовановски.

Ќе се бориме или ќе се помириме?

„Гардијан“ анализира податоци собрани со помош на најсовремената методологија - вклучувајќи детални сателитски снимки и мерења од повеќе од 1.400 копнени станици за мониторинг, покажува дека 98% од луѓето живеат во области со високо штетно загадување со ситни честички. Речиси две третини живеат во области каде што квалитетот на воздухот е двојно повеќе загаден од тоа што го препорачува Светската здравствена организација. Но, според весникот, токму најпогодена земја во Европа е Северна Македонија.

Нечистите горива како извор на загадување, заедно со лошото урбанистичко планирање и незгодниот терен со децении го задушуваат главниот град на Северна Македонија. Планините околу Скопје ги чуваат граѓаните безбедни кога смогот станува погуст, но ги заробуваат и отровите што го прават воздухот меѓу најопасните од сите градови во Европа. Скопје се наоѓа во котлина каде што стари фабрики функционираат покрај домовите и работните места. Во зима, кога луѓето палат печки со отпадно дрво и ѓубре, се крева топол воздух кон небото, кој се сретнува со студениот и тежок планински воздух и го формира капакот што го задржува загадувањето и маглата во самата котлина.

Најголемите загадувачи

Две третини од жителите на Скопје горат дрва, често користат ниско квалитетно гориво во неефикасни печки или пак палат ѓубре кога не можат да си дозволат друго затоплување.

Надлежните апелираат граѓаните да не користат нееколошки материјали за затоплување, а општините да ги субвенционираат ранливите категории. Министерската за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова во средата во Штип (20.09) порача дека граѓаните мора да користат еколошки материјали за затоплување, со оглед на тоа дека се користи старо отпадно масло, пластика, гуми што влијае и врз здравјето на луѓето. Таа ги повика општините да почнат да размислуваат за субвенционирање поранливите категории во однос на набавка на еколошки материи за затоплување, дрво, пелети. Најави дека на терен константно ќе се спроведуваат контроли на загадувачите.

Но, Јовановски смета дека освен декларативна заложба, се потребни конкретни мерки против загадувањето, особено во текот на зимата.

„Ни ги полнат мозоците со флоскули за време на зимските месеци, се преправаат дека прават 'планови за чист воздух' и предлагаат банални мерки како чистење улици и бесплатен јавен превоз. Индустријата продолжува да загадува неконтролирано, инспектори нема ни 10% од потребата, корупцијата ги поткупува и оние кои се обиделе да останат со чист образ“, вели тој.

Македонија, според нашиот соговорник, 6 од 12 месеци е една „голема гасна комора и фабрика за канцер“. „Кога децата наши ќе нè прашаат зошто лежат на пулмологија во Козле, што треба да им одговориме? Што ќе им одговориш ти? Дали еднаш веќе ќе се спротивставиме на угнетувањето што го трпиме сите овие години и ќе им обезбедиме на нашите деца иднина во која немаат рак, или ќе кренеме рамења и ќе се помириме со нашата судбина? Ти си на ред. Што ќе правиш?“, прашува Јовановски.

ОкоБоли главаВицФото