За самосвеста и кринџот на генерацијата Z

10.10.2023 04:30
За самосвеста и кринџот на генерацијата Z

Едно поим и едно чувство чувство се издвојуваат кога се зборува за најмладата генерација: „кринџ“. Генерацијата Зед (родените при крајот на 1990-ите и почетокот на 2010-ите) често се поврзува со овој термин. Нo што навистина значи кринџ, и зошто е тоа дефинирачки аспект на културата на најновата генерација?

Кринџ (англиски cringe; затреперување или наежување, во буквален превод), е збор што носи конотација на срам или непријатност предизвикана кога некој прави или кажува нешто непријатно. Со други зборови, „појела ме туџа срамота“. Зборот сe користи за опишување ситуации од типот: гледање како некој неталентиран изведува танцова точка, комплетно самоуверен и неироничен во својата изведба; или гледање како некој претерано експресивно изразува силна страст за нешто, итн. Иако самиот термин не е уникатен за gen Z, начинот на кој тие го разбираат сигурно е посебен.

Концептот „кринџање“ делумно е форма на себеистражувачко работење во заедницата на gen Z. Со постојаната изложеност на социјалните медиуми во исповрзаниот свет, оваа генерација развива силно чувство за самосвест. Навикнати сме да се чувствуваме како секој наш чекор и постапка да се на излог пред глобалната публика повикана да каже како го чувствува за она што го гледа. Како заштита, развиваме хиперсвесност за своето постоење и секој сопствен чекор го анализираме низ призмата како другите би го доживеале тоа кога би гледале од страна. Тоа е нашата стратегија за преживување во ерата на прекумерното споделување.

Еден од клучните аспекти на кринџот е прифаќањето на иронијата и цинизмот на gen Z. Иронијата е камен-темелник на интернет културата, а gen Z ја носи во нови височини. Тие често иронично и со доза на исмејување „имитираат“ однесувања или интереси кои, доколку би биле правени сериозно, би биле кринџ. На пример, гледање непријатни реклами од 80-тите или намерно создавање „лоша“ уметност за да се ужива во нејзината незгодност. Овој ироничен пристап се протега и кон модата. Gen Z често ги имитира и реактуелизира стиловите и естетиката на облека што некогаш се сметала за застарена, „некул“ или кич. Тенденциозно и цинично рекреирање на она што се исмејува е начинот на кој gen Z го изразува својот став.

Има ли овде нешто подлабоко во игра? Може ли феноменот „кринџ“ да биде израз на копнежот на една генерација да биде автентична во сè покурираниот свет? Во ера во која профилите на социјалните мрежи се внимателно креирани за да претстават лажни совршени верзии од нас самите, прифаќањето на незгодното и некултурното е начин на бунтување против фасадата и перфидното. Кринџот е одраз на уникатното место на генерацијата Зет во историјата. Тие го живеат светот во кој границите меѓу личното и јавното се нејасни како никогаш досега. Ги истражуваат своите идентитети во средина која истовремено ослободува и заробува. Растргнати меѓу самосвеста, цинизмот и автентичноста, се создаваме себе и поп-културата на 2020-ите.

Стрип кадри: John Stanley, Irving Tripp - LITTLE LULU; The little girl who always laughed (1959)

Извор за текстот: trn.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото