Техне и логос: кон изложбата на Ване Костуранов „Таен премин кон Месечината”

28.11.2023 10:37
Техне и логос: кон изложбата на Ване Костуранов „Таен премин кон Месечината”

„Кон Месечината”, акрил на платно

Препознатливите куќички на Ване Костуранов сѐ повеќе излегуваат од „осаменоста” на своето постоење. Заштитниот знак на овој уметник, дводимензионалните ѕидови со прозорчиња и покрив, еволуирал. Не се работи толку за перспективата на „лебдење” на платното, колку за посмелата употреба на бои и пејзажна перспектива на куќичките. Во овој творечки циклус тие сѐ почесто се наоѓаат опкружени и со лебдечки дрвја. Нив Костуранов ги насликал во „соголена“ форма, или пак, со крошни кои заштитнички ги надвасуваат куќичките или пак, лелеаво ги отпоздравуваат.

Ване не ги претставува своите слики само низ боите на платното. Интердисциплинарно ги опишува и со зборови, давајќи им наслови кои повеќеслојно го надминуваат прозаичното означување некаква зададена тема која треба да се препознае во буквална смисла. Има поетика во начинот на кој Ване ги именува своите дела. Насловите не се само технички детаљ со кој ги каталогизира сликите. Секој од нив е егзегетско и херменевтско продолжение на уметничкиот израз.

Конечното уметничко дело е комплетирано преку „техне” и „логос” не во смисла на современиот композит „технологија”, туку во смисла на егзистенцијалната феноменологија. Овие два концепта се неизбежно поврзани на нивото на соодносот меѓу уметничкото (τέχνη) и словесното (λόγος ). Процесот на креативната концептуализација со бои и четка и мисловната концептуализација со зборови и перо овозможуваат артикулација на она што генерички се именува како духовно. Притоа „техне“ ја претставува естетската рефлексивност, а „логос“ ја изразува контемплативната поетичност. Куќичките, дрвјата, патеките, Сонцето и Месечината на Костуранов се уметничка поезија.

Така и им приоѓам во моето толкување во следните редови. Изложбата се состои од дваесет слики. Од сликовна гледна точка тие се во хармонија. Секоја се согласува со секоја, секоја може да стои засебно, а сите заедно сочинуваат целина. Кога истите ќе се гледаат низ призмата на насловите, останува хармонијата на целината, но не секоја ќе се согласи со секоја и не секоја може да стои засебно.

Техне-логосната и уметничко-концептуалната целина на Костуранов се состои од неколку помали групи слики. Овие групи не создаваат толку целина како таква, колку што раскажуваат приказна за целината како заедничарење. На едните се надоврзуваат другите така што ликовната фабула е преструктуирана во поетско сиже. Вака поставени, сликите на Ване стануваат „подвижни“, исто како во филмовите каде што кадрите се објаснуваат со гласот на нараторот.

„Забранети светови”, акрил на платно

За каков заплет станува збор? Тој почнува со сликата насловена „Забранети светови”. Три куќи една врз друга ѝ парираат со своето црвено на црвениот срп на Месечината. Освен нежните нијанси, кои го претставуваат отсликувањето на Месечината, на платното доминира бледо сивило. Трите куќи како да се натпреваруваат која ќе се искачи „повисоко“ во сивиот пејзаж. Кои и какви се забранетите светови? Да не станува збор за некакво општествено едноумие каде што „вистинскиот” свет е догматски дефиниран, а секакви дисидентни описи се строго забранети? Така сѐ што им преостанува на оние што живеат во овој свет во кој сите други светови се забранети е да се натпреваруваат кој најмногу ќе се истакне во потврдата на сивилото. Колку пореалистично се имитира ова сивило, толку повисоко се искачува во системот. Дури и самата полумесечина изгледа заробено во истата нијанса на сивило. Овој свет не дозволува никој и ништо да му избега. Сѐ е фиксирано и сивоцентрално. Забранета е каква било Коперникова промена на парадигмата.

„Градовите во кои не припаѓаме”, акрил на платно

Ване е уметник-мечтател. Тој сака да ги преиспитува и да ги предизвикува парадигмите. Што ако на пример, небото е парадигма на земјата и земјата е парадигма на небото? Затоа овој уметник смета дека секоја куќа заслужува да биде дом. Но, не на секоја куќа ѝ е тоа овозможено. Има и такви градови кои уметникот ги црта само за да покаже дека не припаѓа во нив. Сликата насловена со „Градовите во кои не припаѓаме“ е непогрешливо препознатлива дури и без неговиот потпис. Стилот на цртање, формите, дводимензионалноста, сето тоа укажува кој е авторот на сликата. Но, има нешто специфично што е повеќе исклучок, а помалку правило. Меѓу куќите речиси и да нема простор или барем перспективата е таква што на прв поглед тешко се разоткрива што е куќа, а што е празен простор. Ова не е близината на соседни куќи меѓу чии оградени дворови има капиџик, мала врата низ која соседите може да се посетуваат така создавајќи свет на пријателство и на доверба. Тука куќичките би можеле да бидат метафора за 1984, свет во кој секој секого демне. Очите на соседите се опасни. Близината не нуди сигурност и поддршка, туку е емотивен и душевен товар. Зарем многу модерни градови не одговараат на овој опис? Капиџиците во маалата се заменети со душмански стиснати згради. Сѐ во име на профитот. Ване не припаѓа во такви градови. Но, не се откажува од посветеноста преку куќичките да ни зборува за некои од најважните работи во животот. Куќите пред сè би требало да бидат место на засолниште, но исто така под нивните покриви се одвиваат разни животни драми.

„Нови неспокојства”, акрил на платно

Таква е сликата „Нови неспокојства”. Облак се надвиснал само над една група куќички во сино. Стојат изолирано од околината, а од облакот паѓа дожд. А кога врне, истура. Секому сопствената мака му е најтешка. Да се биде уметник во која било област треба да се познава човечката душа. Токму затоа Ване успева без ниту една претстава на човек, дури ниту во силуета, со своето сликарство да ја опише состојбата на човештвото. Околните куќи како да се во обид да се откорнат од темелите за да се подалеку од какви било нови неспокојства. Не требаше да биде така. Куќата би требало да нуди постојан завет.

„Привремени засолништа”, акрил на платно

А ете има и такви куќи кои Ване ги нарекува „Привремени засолништа”. Тоа се оние места кои едвај чекаме да ги видиме кога сме тргнати на долг пат. Ваквите градби постојат исто толку колку што постои човечката цивилизација. За такво здание пишува Андриќ кога го опишува анот изграден веднаш до славниот мост на Дрина. Од него знаеме дека срцето на која било куќа не е темелот, ѕидовите или покривот. Тоа бие во човечки гради. Кога срцето, кое се грижи за привремените засолништа, ќе престане да чука, ако не го наследи нечие друго и засолништето ќе го стигне смртта. Ова на сликата на Ване сѐ уште стои цело. Добро е, нечие срце не престанало да бие. Има надеж за оние на пат.

„Патот по кој одиме”, акрил на платно

За тоа Костуранов раскажува во сликата „Патот по кој одиме”. Тој пат на сликите на Ване неизбежно води од или до некоја куќичка. Сликата е „биполарен” контраст меѓу темните и светлите нијанси на сино, на малку бело и на крем. Светлата нијанса на небесниот свод и темната нијанса на Земјиното тло се во контраинтуитивна инверзија. Ова сведочи дека Ване е исклучително длабокоумен уметник-мислител кој никогаш не ја загубил детската мечта. Небото и земјата се свртени наопаку, а патот по кој одиме може да биде вистинска астронаутска авантура. Куќичката е вселенска станица за детскиот ум. Животот на непречена детска мечта го заслужува секое дете. По приказната за добра ноќ да може да потоне во сон безгрижно гледајќи низ прозорецот во Месечината која пријателски светли во ноќта.

„Доцни часови”, акрил на платно 

Баш таква замисла се добива набљудувајќи ја сликата со наслов „Доцни часови”. Полна Месечина ја грее населбата потоната во сон. Сината боја доминира, а тука и таму се појавува одблесок во бело или пак, во отсуство на светлина заличува на црна. Часовите се доцни, но ноќта е мирна. Во една од куќичките уметникот полека ја затвора вратата каде што спијат неговите деца. Ова е град каде што Костуранов припаѓа.

„Ноќ во планината”, акрил на платно

Припаѓа тој и во планината. Тоа се гледа од сликата „Ноќ во планината”. Во принцип оваа слика е речиси иста со „Привремени засолништа“, но е насликана со многу појаки бои. Ноќта е идилична, сѐ наоколу е во хармонија, а малкуте зелени и црвени нијанси му ја одземаат меланхоличноста на ноќното синило. Во оваа планина светот е таков каков што би требало да биде. Човечките и природните творби се во хармонија со радоста на постоењето. Ова е постоење со нула отпад и со одржлива иднина за сите живи суштества.

„Имот”, акрил на платно

За жал, светот е далеку од идилата опишана погоре. Милиони, дури и милијарди луѓе живеат како раселени, како бегалци, како бездомници и како прекаријат без никаков имот. Ване и на оваа тема се изразил уметнички. На сликата „Имот“ сѐ наоколу е стерилно, безживотно и тажно. Насреде оваа тегобност блеснал пат, микрогалаксија, а на патот стои една куќа. Патот и куќата како да не се дел од композицијата. Повеќе личи дека патот со куќичката се движат низ мртвилото и патуваат кон некој поубав свет. Ова е имот според мерка на Костуранов. Ни повеќе ни помалку, таман толку колку што треба. Така сигурно се чувствува секоја мајка, секој татко и секое дете кое во бегалскиот камп под некој искинат шатор размислува како би било да се поседува имот. Но, не имот заради имот.

„Во мислите дом”, акрил на платно

Тоа според насловот на една друга слика на Ване е „Во мислите дом”. Оваа слика е идеално се отсликува како во огледало на „Имот”. Нема во вселената „горе – долу”, „лево – десно” или „напред – назад”. За нас, има само движење во бесконечниот простор. Но, оваа бесконечност е застрашувачка. На луѓето им треба нешто во кое ќе можат сразмерно да се доживеат. Затоа секое раселено лице, секој бегалец и секој печалбар во мислите си има дом. Каде би можело да се најде таков имот и да се создаде таков дом кој засекогаш ќе биде надвор од досегот на бомбите?

„Кога се раѓа денот”, акрил на платно

Таму каде што се раѓа денот. На сликата со име „Кога се раѓа денот”, Ване го изразил својот темелен светоглед, а тоа е дека наспроти сите забранети светови и градови на кои не им припаѓа, надежта е лајтмотив во неговата уметност. Ете ги, две куќички една до друга другарски од една бандера си споделуваат струја. Сонцето ги огреало, а пејзажот ја изразува оваа утринска ведра светлина. Куќичките му се радуваат на изгрејсонцето и сега не време да се пее „Зајди, зајди јасно сонце”.

„Кон Месечината” , акрил на платно

Истото важи за јасната Месечина. Несовладлив е духот на човештвото кој верува во доброто. Сето вселенско земно зло и темнина може да се собере во една „пукнатина“ на доброто. Крилјата на една пеперуга се посилни од сиот нуклеарен арсенал. Луѓето, а не моќните државни ракети, се на пат кон Месечината. Сликата со ист наслов, „Кон Месечината” е највпечатливото дело на Костуранов од овој опус на слики. Сликарот се „заиграл ” и не штедел на бои. Создал магичен колорит на куќички што „рака за рака” патуваат кон Месечината. Така патувајќи јасно е дека „првите ќе бидат последни, а последните први.” Точно така, кога ќе слетаат на Месечината, куќите најдолу први ќе го допрат нејзиното тло. Важно е дека сите заедно се согласни во целта и секој дава свој придонес. Авторот ги насликал среде лет, штотуку излезени над облаците во траекторија право кон Месечината. На тој природен сателит под космичка прашина напластувана со милијарди години вивнатите куќички на Костуранов ќе му ја облагороди со бои дури и темната страна. Светлината е посилна од темнината, животот триумфира над смртта.

„Белиот град”, акрил на платно

Костуранов овој триумф го најавува со „Белиот град”. Речиси сѐ на оваа слика е бело, освен затемнетите процепи низ кои се влегува и излегува од една во друга белина. Белите конструкции не се само параван на некакво „Потемкиново село”. Тие се портали преку кои се минува од една во друга димензија.

„Бела куќа среде поле”, акрил на платно

Во секоја од овие куќички се отвора мултиверзум. Оние во нив живеат паралелно мултиверзни животи и сите до еден се животи во полнота. Еден таков живот е претставен во сликата со име „Бела куќа среде поле”. Од оџакот излегува бел чад сведочејќи за топло огниште. Класичниот црвен покрив на „четири води” сведочи за едноставноста на оние што живеат во куќичката.

„Бестежинска состојба”, акрил на платно

Во визијата на Ване, за секого има по една бела куќа среде поле. Или пак, куќички во „Бестежинска состојба”. Тоа се градби кои не може да се урнат, да се ограбат или да се одземат. Им пркосат на законите на гравитацијата и се бестежински, но со темел. Ваквиот темел е неуништлив зашто не постои потпорна линија од која куќичката би можела да се искорне од темелот. Затоа не би ни можело да биде урната. Со оваа слика Ване инсистира дека никој не може да ни забрани да посакуваме и во мислите да си изградиме поубав свет од оној во кој живееме.

„Сончевата страна на градот”, акрил на платно

Тоа е град кој во замислите на Ване се целосно и секогаш на сончевата страна. Така му се вика и една од сликите, „Сончевата страна на градот”. Топли бои со светли нијанси го поздравуваат набљудувачот од оваа слика и го префрлаат во сончеви предели на меморијата и му овозможуваат да се најде во сите искусени сончеви мигови наеднаш. Детството вообичаено обилува со вакви мигови. Тоа исто така обилува со мечтите кои секојдневното и обичното го преобразуваат во магичното и во фантастичното.

„Таен премин”, акрил на платно

Оваа мечта кај Ване е доловена со сликата „Таен премин”. Пак куќичка, пак дрвја со крошни без лисја, пак бои по слободен израз за да ги претстават небото и земјата. Има ли на неа нешто тајно. Има, има. До куќичката стои исправена скала без да има видлива потпора. Ова мора да е тајниот премин, скалите кои водат до рајот. Како и со секоја голема тајна така и оваа не е толку дали некој може да ја открие, туку дали ќе има срце да верува дека по неа ќе може да се искачи.

„Создавање светови”, акрил на платно

Но, мечтата не завршува тука. Преку неа сликарот стапува во дејството на „Создавање светови”. Врз црната заднина на платното под црвената полумесечина се вивнале куќички во потрага по својот нов свет. Месечината ги води кон црната дупка низ која во некои штотуку создадени светови секоја куќичка ќе стане дом за оние што штотуку биле повикани во свесно постоење.

„Старата цреша”, акрил на платно

Од возвишената мечта Костуранов се враќа на обичните нешта, оние што не отскокнуваат во амбиентот, а кои се суштински сврзници за она што генерички се нарекува живот. Не само принципот на биолошката егзистенција (βίος), туку принципот на осмисленото постоење (ζωή). За тоа сведочи насловот на сликата „Старата цреша”. Стебло на цреша со нагласена црвеникава кора и крошна без лисја. Во просторот има неколку апстракции за кои не е најјасно што претставуваат. Неизбежната куќичка е целата црна. Од влезот на куќата до црешовото дрво има патека со испрекинати црни линии. Нечии траги? Можеби некој од куќата дошол да провери дали гранките почнале да развиваат пупки во раната пролет? Старата цреша во себеси има живот за да им подари на оние во куќата уште многу радости, од пупење, разлистување до цутење, врзување плод и зреење. Мали нешта кои на животот му даваат толку многу.

„Соседи”, акрил на платно

Така е и со соседите. Сликата со неколку куќички, секоја поврзана со патека од влез до влез сведочи за „додадената вредност“ на животот во заедница и за пресудната улога на неговото височество, соседот. Ване ја нарекол едноставно „Соседи”. Како и обично, нема конкретни соседи тргнати едни накај други во посета. Уметникот замислата за овие основни врски на човечката цивилизација ја остава на имагинацијата на публиката. Дали ова е можеби африканското село од поговорката дека „за да се израсне дете е потребно цело село”? Си требаме едни на други.

„Спокој”, акрил на платно

Конечно, со сликата „Спокој” Костуранов посочува дека најважните нешта во животот се бесплатни, а бесценето скапоцени. Во овој случај не само насловот, туку и самата композиција на сликата е метафора за спокој. Куќичката е под закрила на крошните на две дрвја, а третото иако подалеку сеедно ја нуди својата помош. Крошните заличуваат на пердув од некоја птица. Куќичката е како пиле под крилјата на својата мајка. Наоколу се простираат небо и поле со пастелни бои. Ведро и на небото и на земјата. Веројатно во куќичката некое бебе спие во колевката, а мајка му го покрила со јорганче со ист дезен како и полето надвор. Каков спокој!

Слики: Ване Костуранов