Променете го менталитетот!

11.12.2023 17:50
Променете го менталитетот!

Забележавте што рече холандскиот амбасадор во интервјуто за „360 степени“? И кога, на упорното инсистирање на новинарот да ни даде решение за нашите неволи, публиката очекуваше да каже дека само избори и промена на власта се решение, тој кажа дека треба многу повеќе: да го промениме нашиот менталитет.

Со години пишувам за тој наш ориентален менталитет и колку е погубен за едно демократско општество на слободни луѓе со кои владеат закони, а не поединци. Во заднината на мојот ум, инспирација секогаш ми беа страниците од „Конзулска времена“ на, за малку ќе напишев, „нашиот“ нобеловец, Иво Андриќ, и личното искуство, се разбира. Ја земам книгата печатена 1945, го држам палецот и пуштам да паѓаат страниците. Повремено запирам по примери за менталитетот со кој и ние и странците си имаме проблеми, а кои не сум ги цитирал порано.


„Да се разбудиш! Мислеше бргу Давил, да се разбудиш и да ја истресеш од себе оваа мора и да изрониш на сонце, да ги протриеш очите и да вдишеш малку чист воздух! Но, будење нема, зашто оваа ниска стравотија, тоа е дно на стварноста. Тоа се тие луѓе. Тоа е нивниот живот. Така прават најдобрите меѓу нив.“

„Тоа беше едно од оние чудни изненадувања кои човек ги доживува на Исток. Помеѓу вистинскиот внатрешен живот на човекот и неговиот пишан збор немаше никаква врска.“

„Зошто тоа лажење? Од каде оваа залудна, речиси детска свирепост? Што значи нивната смеа, а што нивниот плач? Што крие нивното молчење?… Кое е нивното вистинско лице? Што е живот, а што пресметана глума? Кога лажат, а кога ја кажуваат вистината?“

„Никогаш нема да најде разумно мерило за овие луѓе и за нивните постапки.“

„Виде што можат лагата и насилството здружени.“

„Тишина. Три тела ослабени од неработа, постојано или запалени од алкохол или измачувани од потребата од него, дишат и привидно мируваат, спружени во трева и топла сенка.“

„Секогаш кога стануваше збор за обични работи и за редовни односи во секојдневниот живот, неговиот суд беше видовит, немилосрдно точен и доверлив. Но, штом ќе се најдеше пред посложени и пофини прашања, неговата духовна мрзеливост и морална рамнодушност го тераа да воопштува и да носи брзи и упростени судови.“

„Толку чувствителни кога се работи за нив самите, а толку лути и груби кога се работи за други.“

„Тој тешко разликуваше лага од вистина и постојано се колебаше помеѓу неосновано сомневање и претерана доверба.“


Можна ли е промена на менталитет? Практичните Американци, кои мислат дека ништо не е невозможно, одговараат потврдно. Да се промени менталитетот бара од вас да ги рефокусирате вашите вредности и да се погрижите вашите дејствија да бидат во согласност со нив. Ако имате проблем со новата состојба на умот, потсетете се зошто посакавте да ја смените. Сè додека не се предавате, ќе најдете начин да успеете. Опкружувајќи се себеси со други кои се попозитивни и пооптимистички, или бараат начини да научат од различни ситуации, можете да се научите на ново поведение кое што ќе ја подобри состојбата на вашиот ум. Но, тука е „кваката“. Зад ова стои волјата за промена на поединецот и на политичарот.

Под политичка волја се подразбира степенот на посветена поддршка меѓу главните донесители на одлуки за определено решение на даден проблем. Продолжување на преговорите за членство во ЕУ е таков проблем денес, на пример. Недостиг на политичка волја се смета за главната причина за нерешавање на определен проблем. Но како да препознаеме чин на политичка волја кај македонските партии? Кога политички актер е спремен да посвети драгоцено време, енергија, фондови и политички капитал за да оствари промена, кога е подготвен да ризикува и да плати цена за остварување на целта, можеме безбедно да заклучиме дека манифестира „политичка волја“ за промена. И, во контекст, на цитатите погоре, манифестира желба за промена на нашиот балкански менталитет.


Стрип кадри: Robert Lewis - Tabu, Wizard of the Jungle (1940) 

ОкоБоли главаВицФото