Некои геноциди застаруваат уште додека се вршат

04.01.2024 02:05
Некои геноциди застаруваат уште додека се вршат

Бирајќи пригодна новогодишна тема за пишување, ми пројдоа низ глава слики зимски, вечери завеани во снег и накитени новогодишни елки, мирис на компот од дуњи, гајби омекнати мушмули завиткани во весници, жолта гола светилка над матнозелена дрвена маса на која се кршат ореви и се зобаат јатките… Разгален од носталгичните слики од младоста, што упорно опстануваат некаде во мозочниот бескрај и секогаш весело ускокнуваат за да ја понудат својата жива визија на рајот, решив да пишувам за геноцидот, за новогодишниот и божикниот геноцид што се врши веќе два месеца и во овој миг во Светата земја.

Поимот геноцид влезе официјално во правна и општа употреба по Втората светска војна кога беа извршени преголем број геноциди и беа сотрени повеќе од 70 милиони луѓе. По оваа најужасна војна во историјата се основаа Обединетите нации и се донесоа повелбите што требаа да ја обезбедат подостоинствената и посветлата иднина на човештвото. Една од првите беше Конвенцијата за превенција и казнување на злочинот геноцид. Конвенцијата е донесена на 9 декември 1948 година од Генералното собрание на Обединетите нации, стапи во сила на 12 јануари 1951 година и до 2022 е потпишана и прифатена од 152 земји членки.

Вреди човек да се потсети на основните членови на оваа суштински важна конвенција, која гради морални врвови над амбисите ископани во непосредното минато. Елем, во членот 1 од Конвенцијата стои: „Земјите потписнички потврдуваат дека геноцидот, било да е починет во време на мир или во време на војна, е злочин согласно меѓународното право, кого земјите активно ќе го спречуваат и ќе го казнуваат“. Вториот член дефинира што согласно Конвенцијата се смета за геноцид: „Согласно оваа Конвенција геноцидот претставува кое било од следните дела извршени со намера да се уништи, во целост или делумно, национална, етничка, расна или религиска група, односно – да се убиваат членови на групата; да се причинуваат сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата; намерно да се создаваат услови и околности кои ќе предизвикаат физичко уништување на групата или нејзин дел; насилно вршење мерки со цел да се попречи раѓањето во рамки на групата; насилно префрлање на деца од групата во друга група“.

Важно е да се потсетиме и на третиот и на четвртиот член од Конвенцијата, во кои е уредено кои дела се казниви и кои лица што ги извршиле делата ќе бидат под удир на меѓународното право. Членот 3 гласи: „Следните дела ќе бидат казниви: Геноцидот; заговарањето геноцид; непосредното и јавно повикување за вршење геноцид; обидот за вршење геноцид; соучесништвото во геноцид“. А во следниот член е уредено дека: „Лицата што извршиле геноцид или кое било дело наброено во членот 3 ќе бидат казнети, било да е уставно одговорен владеач, јавен функционер или приватно лице“.

Но, како што сите знаеме, најморалните акти на тогаш младите и благонадежни Обединети нации, како што е Универзалната декларација за човечките права или цитираната Конвенција за превенција и за казнување на злочинот геноцид, останаа до ден-денес како историски менхири што го означуваат посакуваниот морален успон на човештвото, но безмалку без какво и да е применување во меѓународното или во националните права. Доволно е само да се потсетиме на недоследностите во применувањето на поимот. Додека заслужено најчесто спомнуваниот геноцид е оној на европските Евреи во Втората светска војна, кој сигурно ќе остане најгрозниот планиран, државно администриран и индустриски изведен геноцид во кој се истребени неверојатни 6 милиони луѓе, дури 63% од сите Евреи што живееле во Европа, многу други немаат ниту име, ниту спомен.

Така, на пример, безмалку воопшто не се спомнува дека во истата монструозна машинерија на смртта – системот на концентрациони и работни логори – Германците убија уште 3,3 милиони руски заробеници, 1,8 милион Полјаци и најмалку половина милион Роми, од сите возрасти и полови. Овие безмалку 6 милиони човечки души се истребени во геноциден акт идентичен со оној во кој исчезнаа европските Евреи, но овој геноцид на Словени и Роми не се бележи во историјата и во јавноста како посебен геноцид, а ниту се нарекува така.

Случајот со советските „губитоци“ во Втората светска војна е можеби најочигледниот пример за недоследноста во применувањето на дефинициите од Конвенцијата за превенција и казнување на злочинот геноцид.

Советскиот сојуз „изгубил“ неверојатни 27 милиони мажи, жени, деца и стари, и сите овие смрти – освен воените губитоци, кои од којзнае какви перверзни правни причини не се сметаат за жртви – одговараат на дефинициите на злочинот геноцид од членот 2 од Конвенцијата, но упорно не се нарекуваат жртви на геноцид. Зошто? Германската злосторничка држава со пишан акт – славниот План за гладување, предвиде да изведе истребување на повеќе од третина од населението од окупираниот дел од Советскиот сојуз, делумно со присилна работа и исцрпување, но најголемиот дел со изгладнување до смрт, преку одземање на сите видови храна. Практично, се работи за геноцид над геноцидите, но нема да го најдете ниту во историските читанки, ниту пак во јавниот дискурс.

Германците убија околу 9 милиони советски војници од кои 3,3 со изгладнување, и неверојатни 18 милиони цивили, мажи, жени, деца и стари, истребувајќи ги во нивните живеалишта. Со сурови воени дејствија, масакри и колежи и со глад и болештии германската војска уништи плански и намерно 1.710 советски градови и градчиња, како и повеќе од 70.000 села. Практично секоја од овие уништени населби, заедно со нивното вкупно население, претставува школски пример за геноцид. Но, сите ние, и светската јавност топтан, како да не знаеме веќе ништо за тоа. Овој најголем од сите геноциди не е дел од европското и светско паметење и не учествува ниту трошка во вината што би требало да ја чувствуваат земјите извршители и учестнички во геноцидот.

Во Северна Кореја од 1950 до 1953 Соединетите Американски Држави со неселективно бомбардирање уништија околу 85% од сите цивилни згради и инфраструктури во земјата, убивајќи со бомби, запаливи фосфорни бомби и напалм повеќе од 1,5 милиони цивили, мажи, жени, деца и стари. Во војната во Виетнам САД фрлија уште повеќе бомби, напалм, хебициди и други отрови и им ги одземаа животите на повеќе од 3.000.000 луѓе.

Во агресијата врз Авганистан од непосредните воени дејствија загинаа повеќе од 250.000 цивили, мажи, жени, деца и стари, а во Ирак од непосредните воени активности настрадаа повеќе од 200.000 цивили, и уште еден милион од последиците на агресијата. Во годините што следеа, во Авганистан, Ирак и во Пакистан загинаа околу 130.000 невини цивили, во двете децении од војната со дронови што се водеше со потписот на добитникот на Нобеловата награда за мир Барак Обама.

А, во Јемен, како последица на војната што Саудиска Арабија и Емиратите ја водеа против Хутите, со европско оружје и со директна поддршка загинаа повеќе од 50.000 деца, според податоците на организацијата „Спасете ги децата“. Колку незабележани, ненаречени и неказнети гедноциди се случија од кога стапи на сила Конвенцијата за превенција и казнување на злочинот геноцид?

Во минутите во кои ги пишувам овие редови се врши геноцид над цивилното население во Газа. За тоа време светот ги кити своите новогодишни елки. Екот на веселбата и еуфоријата на Божикните и новогодишните празници е, како и секогаш, побучен од лелекот на оние што умираат, на осакатените, на обездомените и ужалените. Сепак, празниците постојат за да носат среќа, радост и надеж, а некои геноциди застаруваат истовремено додека се вршат.

Среќна Нова година!

Слики: Henning Wagenbreth

ОкоБоли главаВицФото