Западниот брег во сенка на војната во Газа

31.01.2024 02:44
Западниот брег во сенка на војната во Газа

Интересот за израелско-палестинскиот конфликт во политичкиот простор на Израел исчезна некаде во првите години на 2000-те години. Последниот предлог дојде од ционистичката левица пред повеќе од дваесет години: тоа беше Женевската иницијатива, настаната во соработка со палестинските претставници. Јоси Бејлин од израелска страна и Абу Башар од палестинска, во 2003-та година предложија план за решавање на конфликтот со создавање две држави. Тој план се потпираше на планот на Клинтон и Арапската мировна иницијатива.

Вториот предлог, кој е спроведен во поголем дел, дојде од десницата, односно од израелскиот премиер Ариел Шарон. По тактички избраниот собир во Херцелија во 2003-та година, како место каде ќе се претстави нацртот, предлогот беше изгласан во 2004-та година во Кнесетот. Планот за еднострано повлекување само условно можеше да се гледа како чекор кон решавање на конфликтот. Тој повеќе беше резултат на калкулациите на Шарон за одржливоста на еврејските населби во Газа, каде преовладуваа населбите на Западниот брег. Потоа не се случуваше ништо.

Интересот за конфликтот се пресели кај невладините организации. Тие му пристапуваа на психолошко ниво, преку работилници, семинари и средби, на кои кај страните во конфликтот се развиваше двострана емпатија и солидарност. Дострелите на овие стратегии не беа големи и тие не можеа да го исполнат настанатиот вакуум. На изборите во фокусот беа некои други теми, палестинското прашање беше турнато на маргините, а левите ционистички партии се откажаа од единствената тема според која се разликуваа од партиите од десницата и тоа на извесен начин беше и нивниот крај.

Военото решение и примената на сила опстанаа како единствени владини стратегии чии радикални последици ги гледаме денес во Газа, но и на Западниот брег. Веќе извесно време владата прави сè за да го дестабилизира Западниот брег на познати начини: со донесување закони, засилување на економскиот притисок врз Палестина и постојана примена на воена и физичка сила, без разлика дали тоа го прави војската или жителите. Израел се надева дека секојдневието на палестинските граѓани ќе го направи неподносливо и тешко, а нивната иднина на овој простор неизвесна.

Палестинскиот претседател Абу Мазен го изгуби кредибилитетот кај граѓаните. Нивниот впечаток е дека тој е попустлив кон Израел и не успева да му пружи физичка и правна заштита на населението. Од друга страна, израелската влада не ги почитува потпишаните договори. Пратениците во Кнесетот последнава година донесоа закони со чија примена директно економски се поткопува палестинската управа, нејзините органи и институциите.

Усвоен е амандман со кој се овозможува барање материјален надомест од палестинските власти во случај на терористички акт, и тоа исто како што е извршена наплатата на компензацијата за американскиот државјанин кој беше жртва на терористичкиот напад во Јафа - со намалување на американската помош за палестинската управа. Усвоен е дури и предлог закон за обештетување на оние кои се жртви на кривични дела, а чии извршители се жители на Западниот брег, што исто така ќе се оствари со намалување на средствата кои палестинската власт ги распределува за населението во вид на материјални давачки и субвенции.

За економското осиромашување на институциите служат и усвоените закони со кои се загрозува независноста на арапскиот образовен систем во Источен Ерусалим. Иако надзорот над училишната програма на образовните институции веќе го врши израелската власт, во јули 2023-та година беше усвоен закон според кој ќе им се одзема буџетот на установите за кои ќе се утврди дека во својата програма имаат содржина која „поттикнува на тероризам“.

Физичките напади над Палестинците на Западниот брег се засилени откако почна војната. Сликите од Газа го окупираа вниманието на светот така што случувањата на Западниот брег остануваат во сенка, иако инцидентите и бројките се сериозни. Според податоците на ОН, од почетокот на војната загинале околу 344 Палестинци на Западниот брег, од кои војската и жителите убиле 88 деца. Околу 4 000 Палестинци се затворени, на многумина им е одреден административен притвор без подигнување обвинение или без судење. Заради засилената насилна кампања на жителите најмалу 16 изолирани палестински заедници мораа да ги напуштат своите домови. Зачестените напади на Џенин, Тулкарем и упадите на војската во другите градови и бегалските кампови на Западниот брег како и ликвидирањето на палестинските водачи покажуваат дека освен примената на сила Израел сè уште нема друга стратегија.

Мерките за притисок лошо влијаат на економската ситуација на палестинското население. Засилените блокади и големиот број контролни пунктови ги отежнуваат движењето и егзистенцијата на граѓаните од Западниот брег. За осиромашувањето на населението придонесува и прекинот на префрлањето даночни пари кои ги собира Израел во име на палестинските власти. Една од причините за лошата материјална ситуација е и растот на невработеноста заради избивањето на војната. Во децениите окупација Израел генерираше економска зависност на Западниот брег, а Палестинската управа нема сериозна алтернатива за вработување на граѓаните.

Иако Израел има одговорност и обврски кон палестинското население кое го презеде преку потпишаните договори, а кои се однесуваат на нивната безбедност и егзистенција, по октомврискиот масакр државата им забрани влез на палестинските работници и на неодредено го прекина издавањето работни дозволи. Во моментов во Израел работат само околу 8 000 Палестинци од Западниот брег, од 109 000 колку што беа вработени пред војната. Иако воените кругови и Шабак се противат на оваа забрана од страв дека економската депривација ќе предизвика бунт кај населението и можеби ќе доведе до нова интифада, владата сè уште не донела поинаква одлука.

И покрај потребите за работна сила и настанатите загуби во израелската економија, особено во градежништвото и делумно во земјоделството, министрите не се откажуваат од забраната. Полицијата исто така остро се противи на доаѓањето на палестинските работници и како причина го наведува стравот од терористички напади, како и опасноста дека тие ќе собираат безбедносни информации за потребите на терористичките организации. Меѓутоа, тоа што и покрај овие мерки од почетокот на војната терористички напади се случуваат на целата територија на земјата и што не постои безбедна област во Израел, покажува дека преземените мерки се погрешни и неефикасни.

Се чини дека ништо не може да ја разбуди заспаната свест на Израел. Минатонеделната одлука на Меѓународниот суд за правда во земјата се толкува како релативен успех зашто е избегната наредба за прекин на огнот. Од друга страна, загрижени сме заради можен бојкот и санкции. Се жали што Нетанјаху се најде во друштво со Владимир Путин и Ратко Младиќ. Не се поставува прашањето за размерот на израелскиот одговор на октомврискиот напад ниту се размислува за огромниот број убиени Палестинци, само со горчина се заклучува дека победи наративот кој го пласираше Хамас. Затоа е тешко без голем страв да се гледа сегашната ситуација на Западниот брег.

Молчењето на опозицијата и нејзината поддршка за војната е погубна и за израелските граѓани. Ционистичките опозициски партии би морале да понудат алтернатива наместо да се натпреваруваат со режимот кој е поголем националист. Политичките актери заедно со медиумите ги држат граѓаните во делириум во кој се изгуби реалната слика на светот. Во општествената атмосфера која веќе долго владее во земјата не е лесно да се случи пресврт и да се дојде до одлуки кои мораат да се донесат. Но вреди да се сетиме и да му кажеме на поранешниот премиер Менахем Бегин: „Да, на патот кон мирот има потешкотии и болка. Има и жртви кои ги поднесуваме за да постигнеме мир, но тие се поприфатливи од жртвите на војната“.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://pescanik.net/