Колоритните куќи на народот Ндебели

08.02.2024 10:50
Колоритните куќи на народот Ндебели

Ндебели се африканска етничка група која живее во Јужна Африка и Зимбабве, познати по својот уметнички талент, особено во однос на нивните насликани куќи и шарени монистри. Не се знае многу за овие луѓе, освен дека потекнуваат од поголемите племиња Нгуни кои сочинуваат речиси две третини од населението во Јужна Африка.

Се смета дека Ндебели патувале од Натал до регионот Трансвал и во 16 век се населиле во близина на Преторија. Ривалството меѓу семејствата предизвикало една група Ндебели да отиде подалеку на север, поточно во Зимбабве. Од групите што останале во Јужна Африка, Манала и Нџунџа, Ндебели се единствените кои развиле апстрактни шеми за сликање на куќи кои се глобално препознатливи.

Народот Ндебели биле навистина моќни и застрашувачки воини кои често ги покорувале помалите поглавари и ги асимилирале во своето општество. Како резултат на тоа имало доста мешани бракови и се случувала културна размена. Се верува дека раната структура на куќите на Ндебели и стратегиите за сликање на куќи биле усвоени како резултат на овие односи. Според неколку извори, непосредно пред почетокот на дваесеттиот век Ндебели претрпеле ужасен пораз во војната против доселениците од холандско говорно подрачје - Бурите.

Принудени на угнетувачки живот, луѓето од Ндебели почнале да користат експресивни симболи за тајно да комуницираат едни со други. Овие слики станале израз на културен отпор и на континуитет. Бурските фармери не го разбрале значењето и ја гледале оваа културна уметност како декоративна и безопасна и на тој начин дозволиле да продолжи да се практикува.

Ѕидното сликарство секогаш го прават жените, а оваа традиција и стил се пренесува во семејствата од колено на колено од мајките. Добро обоен дом покажува дека жената од домаќинството е добра сопруга и мајка. Таа е одговорна за бојадисувањето на надворешните порти, предните ѕидови, страничните ѕидови, а најчесто и внатрешноста на домот.

Првичните дизајни и симболични форми на ѕидови биле изведени од вековните форми и шаблони на монистра од Ндебели. Најраната ѕидна уметност покажува тонски обрасци насликани од жените со прсти на калливите ѕидови на нивните цилиндрични куќи. Пред француското воведување на акрилни пигменти во Јужна Африка во четириесеттите, се користеле само природни пигменти. Монохроматска окер, кафеава, црна и беж биле почетните нијанси. Ѕидовите морало да се обновуваат сезонски, откако летните дождови ги бришеле природните пигменти.

Дизајните на ѕидовите на Ндебели еволуираа со текот на годините, што укажувана зголемено надворешно влијание. На пример, на една куќа беше пронајдено насликано огромно лого на автомобил од марката БМВ. Сепак, во оддалечената област Небо во северната провинција сè уште може да се видат традиционалните црни линии, белата, црвената и кафеава боја, сега надополнети со небесно сина, темно сина, жолто-златна, зелена и повремено розова.

Едно од најдобрите места за да се види оваа форма на уметност е Мапоч, околу четириесет километри западно надвор од Преторија. Друго село во кое живее народот Ндебели што вреди да се посети е Мпумаланга, сместено во источниот дел на Јужна Африка, северно од КваЗулу-Натал на граница со Свазиленд и Мозамбик.


Извор:https://www.amusingplanet.com

Слични содржини

Јавни простори / Свет / Уметност / Око
Јавни простори / Уметност / Историја
Јавни простори / Свет / Уметност
Јавни простори / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото