Музика и дружба за работничката ккласа

01.05.2024 11:59
Музика и дружба за работничката ккласа

После првомајскиот протест, денес (среда) во 14 часот, Социјалниот центар „Дуња” работничката класа ја повикува на дружба со добра тематска музика и уште подобро домашно (крафт) пиво.

„Нема во описов што да филозофираме, ќе филозофираме во живо, во дворче уз музика, пиво, сок, ама без скара”, велат од „Дуња”.

Работници на денот ќе бидат триото Светлост, кои денот ќе го поминат работно и во 17 часот ќе го изведат албумот „Jazz (to the working class)” (Џез (за работничката класа)).

Освен албумот чиј празник е денес, ќе изведат и композиции од албумот „Six Years” (Шест години) како и нови композиции од сеуште неиздадениот петти албум „Everything was as it had been a minute ago” (Сѐ беше исто како што беше пред една минута), кој ќе биде објавен во јуни.

Светлост се панк-џез трио од Скопје, составени од Кристијан Новковски (тапани), Нинослав Спировски (кларинет, сопран саксофон и тенор саксофон) и Дени Омерагиќ (бас, синтесајзери и електроника).

Тие првиот настап го имаа токму во СЦ „Дуња” пред многу години, а во меѓувреме објавија четири официјални албуми, имаа над сто концертни и фестивалски настапи.