Градот, и како да го преживееме (2)

04.03.2011 13:16
Слам во Мумбаи

Сиромашните и сламовите

Слам е општоптифатено име за сиромашните бразилски населби. Сламови се градби изградени од штици, картони и друг неградежен материјал. Името потекнува од растението со трнливи лисја кое расте во Бразил.

Сламовите се опачината на градовите, онаа нивна страна која се крие кога тоа е можно. Во нив беснее животот од кој бегаат сите, но од кој не можат сите да побегнат. Веќе споменатиот Мумбаи, индискиот хаотичен мегалополис, има 18 милиони жители, а над половината од нив, што значи незамисливи девет милиони, живее во сламови. Стручњаците од ОН предвидуваат дека до 2015 г. овој град ќе биде втор по големина и жители во светот. Што ќе се случува тогаш е тешко да се предвиди, бидејќи веќе денес во него – поради специфичната положба на полуостровот кој завршува во Арапското море – нема место за дојденците и родените во градот. Стручњаците саркастично забележуваат дека бројот на луѓето на овој простор може да се зголеми само ако сегашното население „уште малку се збие“.

Дарави, град од куќарки близу аеродромот во Мумбаи, со своите еден милион жители е најголемата сиромашна населба во светот. Дарави, за разлика од фавелите на Јужна Америка, е полн со живот и вработени луѓе. Во него врие: се штават кожи, се обработува метал, се шие, заварува, готви, се составуваат медицински направи, се пече леб... Се претпоставува дека жителите на Дарави годишно произведуваат стоки во вредност од половина милијарда долари.

Поради лошите услови за живот и малиот простор, децата остануваат на полињата до доцна навечер и така се изложени на криминални влијанија. Ноќта во картонските засолништа создава незамисливи проблеми. Мајк Дејвис во книгата „Планета на сламовите“ го наведува примерот со најробискиот слам Кибере, каде што луѓето, по стемнување, во страв од насилниците, не смеат да излезат од своите куќарки. Таму нема канализација ниту тоалети. Единствено решение е летечкиот нужник – изметот го ставаат во пластични кеси, ги врзуваат и ги фрлаат надвор. Улиците на Кибере се затрупани во купишта такви кеси, меѓу кои дење си играат децата.

Освен што претставуваат концентрација на беда, болести и безнадежност, сламовите се и легла на насилство. Насилството е рак-рана на сламовите во Јужна Америка и Африка. За чудо, во Азија е воспоставена весела, опуштена и работна атмосфера. Небаре работата таму го потиснала криминалот.

На листата обесправени суштества постои категорија која е рангирана пониско дури и од оние кои живеат во сламовите. Тоа се бездомниците. Суштества без сопствен, макар и картонски покрив над главата. Во Лос Анџелес во 2005 г. се регистрирани 82 291 бездомник. Целосно обесправени и заборавени луѓе кои и’ се препуштени на пропаста, подложни на суровите закони на животот. Спијат на улица, јадат она што ќе го питачат, незаштитени се, вечно на удар на бандите (уште една растечка градска појава), заболуваат, ретко се наоѓаат во политичките програми и ставки. Ретки се успешните проекти кои се однесуваат на нив. Еден од таквите е неделниот весник кој сами го прават, печатат и издаваат, и од чии приходи се обидуваат да ги финансираат своите скромни потреби. Целта на овие весници е да се укаже на проблемите на бездомниците и обид, ако веќе не може целосно да се реши нивниот статус, барем да им се олесни секојдневието.

Насилство

Насилството е составен дел од животот во големите градови. Иако секогаш не е правило и иако постојат примери на успешна борба против насилството, криминалот и безвластието, стручњаците често сакаат да кажат – колку градот е поголем, толку повеќе насилство има. Бразилскиот мегалополис Рио де Жанеиро е полн со фавели кои станаа центар на криминалот, проституцијата, дрогите и бандите. Таму редовно се случуваат воено-полициски акции, бидејќи во многу од дивите населби претставниците на власта можат да влезат само во склоп на опсежни рации во кои учествуваат бројни и добро опремени сили. Редовните патроли не смеат да стапнат таму.

Светот е изложен на криминал на сите нивоа. Податоците покажуваат дека нападите на цивилите врз цивилите драстично се зголемени. Жртвите главно се сиромашни, како и самите напаѓачи. Мексико Сити страда од пренаселеност, сиромаштија, загаденост, но и од страшно насилство. Се проценува дека во овој град-чудовиште годишно се вршат и до 1.5 милиони вооружени напади. На улиците работат 91 000 полицајци, што е повеќе од канадската војска, но поради корупцијата во сопствените редови и судството тие не успеваат да го зауздат криминалот. Во некои опасни линии од подземната железница дури се раздвојуваат жените од мажите, поради честите случаи на сексуално злоставување.

Во Берлин, според светските статистики, на 100 000 жители доаѓаат 633 чинови на брутално насилство. За светска престолнина на бандите се смета Лос Анџелес. Го нарекуваат уште и „Главен град на бандите во Америка“. Бандите, кои имаат 120 000 членови, сакаат да ги исчистат своите територии од луѓе со друга боја на кожата. Завојуваа до таа мера што почнаа да убиваат и деца за да ја освојат превласта. Се верува дека членоивите на бандите се одговорни за дури 56% од сите убиства во Лос Анџелес. Судирите некогаш би можеле да ја парализираат цела Калифорнија и да бидат поопасни од оние во 1992 г., кога за краток рок животот го изгубија 53 лица. Најголема омраза владее меѓу хиспаноамериканските и црнечките гангстери. Никој не знае како во пракса да се спречи насилството кое избива. ЛА живее како поделен град – во златен кафез е сместен Холивуд, а надвор од него луѓето секојдневно страдаат на улиците. Во меѓувреме се појави и најсилната и најинтригантната банда, 18th Street, која има 20 000 членови и се смета за прва мултиетничка банда во која се регрутирани црнци, белци, латиноамериканци и азијци.

Рио де Жанеиро е планетарно познат како град со една од најубавите и најславни плажи во светот. Често е синоним за карневал, разуздана забава која привлекува милиони туристи. Меѓутоа... Фавелите веќе ги споменавме, ама постои уште помрачна страна на приказната. Според податоците на Washington Post, меѓу 2002 и 2006 г., како резултат на насилство и тероризам, вкупно се убиени 729 палестински и израелски малолетници. Во истиот период во Рио се убиени 1857 малолетници. А Бразил не се ни наоѓа на врвот на листата на малолетничко насилство. Област со најмногу убиства се Карибите, по кои следат јужна и западна Африка, па Азија. Трендот има глобална природа, а не ја заобиколи ни Европа, посебно Британија. А Русија има 20 пати повеќе убиства од ЕУ.

Во најсиромашните земји последиците од криминалот се погубни. Насилството и небезбедноста ја зголемуваа цената на деловните договори и ја намалуваат можноста за работење на глобалниот пазар. Таквата состојба ги одбива странските инвеститори. Светската банка тврди дека намалувањето на степенот на криминал би го зголемил економскиот раст на Јужна Америка за 8%. Тешко е и во другите делови од светот. Јоханесбург во Јужноафриканската Република има малку повеќе од три милиони жители, што во светски размери не е преголем град. Но во овој град годишно се регистрираат и до 5000 убиства и двојно повеќе силувања. Инвеститорите се повлекуваат, а во нинвите деловни кули живеат бездомници и банди. Водоводот е затруен со фекалии и хемиски отпад. Полицијата води војни за контрола над одредени делови од градот.

Кога криминалното однесување ќе се вкорени во некој град, потребно е многу време и напор законот и мирот да се вратат на улиците. Моментално најризични области се Кина и Индија. Се работи за земји со огромно население. Обете имаат драматичен пораст на популацијата млади мажи, а класните и економските разлики се сè поизразени. Последиците тешко се предвидуваат.

Како пример за успешна пресметка со криминалот се наведува Њујорк, во времето кога негов градоначалник беше Рудолф Џулијани, Италијанец од Бруклин. Во 1993 г. тој презеде град унаказен од насилството, дрогите, проституцијата и криминалот. Тој и неговите советници презедоа амбициозна задача – да се врати редот на улиците на тој хаотичен мегалополис. Бришеа графити во подземната железница, се бореа против неплаќањето во градскиот превоз, завојуваат со тинејџерите кои конзумираа алкохол. Тргнаа од тие маргинални дела, и често беа исмејувани поради тоа што се знаимаваат со нив додека градот е уништуван од криминалот, но нивниот систем на крајот постигна успех. Потоа Њујорк стана релативно безбеден град.

Автомобилот како Хитлер

Denis de Rougemont во книгата „Иднината е наша работа“ пишува: „Забележуваме дека Хитлер и автомобилот се двете најголеми пустошечки чуми на 20-от век и дека футурологијата не ги предвиде“.

Што би рекол денес тој кога демонската природа на колите не е работа на футурологијата туку една од кошмарните компоненти на сегашноста? Или, што би рекол Луси Мамфорд, кој во своето ултимативно дело нема милост за колата и кој тврди дека градовите повеќе не се прават и планираат по мерка на своите жители туку по мерка на нивните превозни средства?

Во Бангкок низ задушените улици во сообраќај до аеродромот се патува и по 24 часа, па на врвоите на небодерите се градат хелиодроми, за богатите патници со хеликоптер да се префрлат до авионот. Во Сао Паоло колите за итна помош се опремени како операциони сали, бидејќи пробивањето низ закрчените улици е долго и неизвесно. А во Лагос учителките ја почнуваат наставата уште во школскиот автобус, бидејќи додека стигнат до училиштето веќе дошло времето за големиот одмор. Градот му е жртвуван на сообраќајот. Мамфорд беше во право: единствена единица на планирањето остана улицата, а не станбената населба.

Лондон. Сообраќаен метеж кој до пеколни размери ескалира двапати дневно, во шпицовите. Кој сака да паркира во центарот, осуден е на 90-минутно кружење низ најизвиканите улици на овој свет, сè додека случајно не најде на некој кој заминува. Ако едно возило кое е во погон е штетно, замислете колку се штетни илјадници и илјадници возила кои се заглавени во сообраќајот и тесните сообраќајни грла. Колку застојот е подолг, толку испуштањето отровни гасови е поголемо. Лондон беше првиот град кој спроведе експеримент со наплаќање данок за поминување низ строгиот центар. Тоа беше во 2005 г. Една година подоцна за истата административно-урбанистичка мерка се реши и Стокхолм. Мерката се покажа делотворна – значителен број жители ги оставија автомобилите дома, и времето потребно за патување во задушените зони се намали за 30-50%. Се намали и количината на загадувањето.

Во многу градови во светот веќе со децении постои и со променлив успех функционира системот на заедничка употреба на приватните возила, во чиј склоп 350 000 луѓе во 600 светски градови делат околу 12 000 коли. Меѓутоа, решенијата не можат да почиваат на нечија добра волја туку на добар и делотворен систем кој сообраќајот, како динамична компонента од животот во градот, би го свел на разумно ниво.

На лондонскиот аеродром Хитроу на секои 90 секунди полетува по еден авион. За патувањето кон аеродромот да не биде пеколно – како во Бангкок – во Лондон воведоа специјална линија на подземната железница чија прва станица е под центарот на градот, а последна – под самиот аеродром. Лондон е опасен по автопат. Автопатот за денешницата е она што ѕидините биле за античките и средновековните градови: граница која ги одвојува од надворешниот свет. Со тоа што улогата е обратна – ѕидините го одвојувале градот од околината, а автопатот го спојува. Но така е поставен и изграден што тој, сепак, дели два света. Или барем два простора: еден, во кој владее пренаселеност, и друг, многу поопуштен.

(продолжува...)

Извор: sveske.ba

За првиот дел од текстот, кликнете овде.

За третиот дел, овде.

За четвртиот дел, овде.

ОкоБоли главаВицФото