Градот, и како да го преживееме (1)

02.03.2011 14:21
Градот, и како да го преживееме (1)

Краток преглед на безизлезноста

Многу уметници, научници, урбанисти и политичари се обидуваат да одгатнат каде оди градот. На почетокот на 21-от век судбината на градот не зависи толку од потенцијалните одговори колку од начинот на кој ќе бидат профилирани и формулирани основните прашања.

Од начинот на кој се поставуваат прашањата за градот зависи и правецот на промислување на оваа уникатна појава.

Повеќе не е битно прашањето може ли да се спречи прирастот на населението во преголемите, големите и умерено големите градови – бидејќи повеќето градови одамна ги надминаа границите на подносливоста – туку може ли во рамките на тој организиран и проектиран хаос да се најде оној минимум систем кој овозможува нормално функционирање?

Не е битно дали градовите ќе ја зголемуваат својата моќ, својот вистински и замислен капитал, туку постои ли можноста да се зачува минимум хуманитет во нив? Може ли во мега-градовите да се обезбеди правилна распределба на подносливите услови за живот?

Можат ли малите градови да ги избегнат замките на големите? Тврдењата дека метежите, пренатрупаноста и загадувањето се исклучива специјалност на мегалополисите е заблуда. Помалите средини страдаат од истите проблеми. Функционалниот развој е и нивен предизвик број еден.

Дали еколошкиот начин на размислување е можен во градот? Мора ли загадувањето да биде наша судбина? Постои ли некаков лек за насилството и дали решенијата од Њујорк се применливи во Лос Анџелес, Загреб, Сараево, Пекинг? Како да се владее со англомерација од 35 милиони жители? Дали инфраструктурата е оној фактор кој ќе го урне градот? Дали перспективата на градот е зависна исклучиво од парите или идеите, и дали квалитетните луѓе и добрата организација сè уште имаат шанса?

Ткиво кое расте

Во најголем број случаи растот на градовите почива врз канцерогениот принцип. Ткивото кое расте, кое има болни основи, ја уништува здравата структура околу себе. Тешко се спречува, уште потешко се отстранува, главно не постои универзален лек, а ретките излекувања повеќе се работа на исклучоци и чуда одошто на системтски решенија. Развојот и растот на најголемите светски градови го потврдуваат тоа. На почетокот на 1800-та г. на планетата не постоел ниеден милионски град. Најголем бил Лондон со 960 000 жители. Сто години подоцна, во 1900-та, на земјата имало девет урбани центри со над еден милион жители. А потоа доаѓа 2000-та. На планетава денес постојат 21 англомерација со повеќе од десет милиони жители. Исто така, веќе 300 градови се со над еден милион, а околу 2000 со над половина милион жители. Само Кина до крајот на 2010 има 120 милионски градови.

Во не така далечната 1970 г., 70% од светското население живееше во села. Кон крајот на 2008 г. поголемиот дел од луѓето се слеаја во градовите. Според податоците на Популацискиот фонд на ОН, првпат во историјата повеќе жители живеат во градовите – 3.3 од 6.1 милијарди жители. Тој процес на урбанизација во Европа траел двесте години, а во Азија и Африка ќе заврши за триесетина години.

Би ја преплавиле планетава

Колку поголеми стануваат градовите, толку се понеподносливи за живот. Колку се поголеми и условите во нив неподносливи, тие уште толку посилно привлекуваат луѓе. Тоа е проблем за кој тешко се наоѓа решение. Парадоксално, но тоа е и единствениот можен пат. Кога сите би живееле на село, кога секое семејство би имало само куќа и мал двор, брзо би го исполниле копното. А вака збиени, градовите заземаат 4% од светското копно. Затоа можеме да се развиваме само во височина (иако постојат градови и под земја), макар заканата од уривање на грабнатите авиони засекогаш остане во нашата свест.

Повеќе цивилизациски промени се случија последниве дваесет отколку последниве двесте години. И тоа со промените оди само подалеку и побрзо. Повеќе општествено-технолошки и климатски промени ќе се случат во наредните пет, отколку што ги искусивме во последниве дваесет години.

Веќе е излижано од употреба, па дури и демантирано, тврдењето дека градовите со над милион жители се непогодни за живеење. Со оние кои имаат над десет милиони е невозможно да се управува. Со нив и не се управува повеќе, туку тие со помош на својата монструозна големина владејат со луѓето што живеат во нив. Постои еден мрачен, ама точен цитат: градскиот човек не умира, тој се убива со помош на градот. Да го земеме, на пример, Каиро, кој според проценките, има околу 18 милиони жители, иако со мега-градовите овие бројки секогаш се релативни. Во овој огромен полис секој миг, 24 часа на ден и 365 дена во годината, на улиците се движат околу 3 милиони возила. Масата која постојано кружи низ градот, вревата која не престанува, стресот кој расте, загадувањето кое не се намалува, брзината која згмечува... Во текот на денот од сите делови на Египет во Каиро се слеваат уште 4 милиони луѓе. Т.н. дневна миграција. Да пресметаме понатаму: на секој од нив му се потребни барем два оброка дневно. Тоа значи, секој ден 44 милиони подготвени јадења, најмалку 22 литри вода за пиење. Потоа, неизмерливите количини јаглерод двооксид од превозните средства, клима уредите, домаќинствата и производствените погони. Но и убиствените тони фекалии кои секојдневно се излеваат во Нил. Кон нив мораме да ги додадеме и бескрајните количини детергенти, моторно масло, индустриски отпад. Само овој пример – универзален, а не изолиран – нè води кон обесхрабрувачки заклучоци. Останува нејасно како природата може да го трпи човекот и со кои средства, принципи и ресурси успева да го исправи сето она што ние го уништуваме на дневна основа и што го испорачуваме како свој енергетски, пластичен, метален, хартиен, јаглеродно-двооксиден и цревен вишок.

Пренаселеност, случајни примери

Моментално на Земјата живеат 6.1 милијарда жители. Оптимистичките проценки велат дека бројноста ќе се стабилизира кога ќе достигнеме 9 милијарди, околу 2030 г. и дека сите тогаш ќе живеат во градови. Многу е сомнителна претпоставката дека човечкото население ќе се стабилизира на 9 милијарди, а уште посомнителни се можностите планетата да прими уште три милијарди гладни и жедни, бидејќи уште сега стенка и едвај ја поднесува и волкавата количина разорни двоножни суштества.

1/3 од целото градско население – што значи над 2 милијарди луѓе – денес живее во сиромашни четврти, без чиста вода и санитарии, без струја и греење, во состојба на постојана глад, во страв од растечкиот криминал, и во најлоши хигиенски услови. Без образование и без надеж. Тие не живеат туку буквално умираат. Колку и да претставува погодност, место за афирмација и можности за некои луѓе, градот за оваа третина е буквално убиец.

Градовите се оттргнуваат од контрола, барајќи сè повеќе од луѓето и околината. Ја голтаат околината, но и луѓето кои се туркаат во нив. Лагос, бившиот главен град на Нигерија, во 1955 г. имаше 455 000 жители, а денес 10 милиони. Тоа е најбрзорастечкиот град во светот. На секој час во него се доселуваат по 58 лица. Слично е и во индиски Мумбаи (поранешен Бомбај) кој има 18 милиони жители и во кој се доселуваат по 42 лица на секои 60 минути. Поголемиот дел од Мумбаи нема канализација, не е организирано собирање на сметот, градската железница или не постои или не функционира во поголемиот дел од градот, а водоводот ги задоволува половина од потребите. Криминалот е во незадржлив пораст. Половина од населението живее во незаконски засолништа или влажни подруми без прозорци. Секој ден по две лица загинуваат додека заминуваат на работа во преполните превозни средства. Се предвидува дека до 2015 г. во него ќе живеат 25 милиони луѓе. Ќе се зголеми само бројот на луѓето, а не и квалитетот на живеење.

Во Шангај во 1980 г. имаше 121 градба повисока од осум ката, а денес се 3500. Откако Кина стана велесила, Шангај изби на прв план. Зошто Шангај? Можеби зашто Кина сега во еден ден извезува повеќе отколку што извезуваше во цела 1978 г. А сето тоа оди преку Шангај... Токио ги има сите вообичаени проблеми на еден мегалополис: пренаселеност, недостаток на станбен простор, сообраќаен метеж. Во кулминацијата на дневниот метеж на сцена настапуваат специјалните вработени во железницата, туркачите (на јапонски - ошији), лица кои ги аранжираат, т.е. сместуваат патниците во преполните возови на подземната железница. Во тие мигови и по три и пол пати повеќе човечко месо се збива во возовите. Буквално е искористен секој кубен сантиметар од просторот.

Големиот град драматично го соочува човекот со неговите физички ограничувања. Еве една споредба. Мостар, централен град во Херцеговина, има околу 120 000 жители и може дијагонално да се препешачи за еден час. За клучните животни потреби на граѓанинот на овој град му се потребни најмногу 30 минути – од купување до плаќање најразлични обврски. Од друга страна, Лондон, кој според официјалните податоци има околу 8 милиони жители, а неофицијалните зборуваат и за цели 18 милиони, за секојдневните обврски од своите граѓани бара најмалку два-три часа за префрлање од точката А до точката Б. Тоа време се губи во сообраќајот. Движењето низ Лондон, Париз или Пекинг е невозможно без мапа, а ни таа не го гарантира секогаш наоѓањето на целта.

Градовите се најголеми потрошувачи на енергија и најголеми загадувачи на планетата. На 75% од потрошувачката на глобалната енергија и 80% од испуштање на стаклени гасови отпаѓаат на градовите. За најголема англомерација во светот се смета Токио. Има околу 35 милиони жители и се тврди дека растот му е спречен. Во градот, во трезорите на напуштените банки никнуваат подземни градини. Властите преземаат сè за животот да се направи поднослив. Колку е можно тоа, не се знае. Поради пренаселеноста таму е развиен оригинален ланец капсулни хотели. Капсулите имаат клаустрофобични размери – два метра широки, три метри долги и 1.5 метар високи. Капсулата, всушност, претставува збиена, тесна, организирана постела со која доаѓаат и далечински управувач, радио, телевизор и клима уред.

Во Австралија постои рударско гратче Coober Pedy во кое 80% од населението живее под земја. Во некогашните галерии и ходници на рудниците за опал денес се наоѓаат цркви, училишта и многу домови. На тоа ги натерале високите температури кои достигнуваат и до 50 степени. Идејата за подземни градови е сè попопуларна и во Јапонија (поради недостаток на простор) и САД (поради страв од тероризам), а сигурно поради високите жештини многу брзо како можно решение ќе се најде и на дневниот ред во африканските држави.

Се проценува дека човечката заедница наредните десетлетија ќе еволуира во општество на самци. Во 2006 г. за првпат во историјата повеќе Американки живееле без сопруг отколку со таков. До 2021 г. се очекува дека 37% од друштвата во Британија ќе бидат самечки, а во Јапонија веќе денес тие се 50%. Тоа претставува предизвик за урбанистите и архитектите. Становите од блиска иднина нема да се создаваат по мерка на четиричлено семејство, туку врз основа на потребите и можностите на самците. Тоа повеќе ќе наликува на токиските капсули отколку на вообичаените домови.

Еден пример со Џакарта. За 20 години оваа метропола двојно го зголеми бројот на жители (15 милиони). Околу 4 милиони автомобили секој ден се на улиците на овој град. Тоа создава нерешливи проблеми во сообраќајот, па властите, како една не толку делотворна но достапна мерка, воведоа забрана за движење на автомобилите ако во нив има помалку од три лица. Бидејќи ваквите мерки никогаш немале успех и обично се претвораат во спротивност, на улиците на Џакарта набрзо се разви нова дејност – сиромашните стојат покрај патиштата и за низок надомест ги нудат своите услуги како сопатници во колите. Власта долго трагаше по законска основа на која би можела да ги казнува ваквите прекршоци и најде – сега ги казнува возачите за незаконско вработување.

Кон крајот на 2008 г., за првпат во историјата на човештвото, половина од светското население живее во урбани центри. Во најновото популациско истражување на ОН авторите тврдат дека урбаните области мора да се подготват за тоа дека во следните четири десетлетија ќе примат огромен број луѓе. Демографските стручњаци тврдат дека растот на градовите нема да предизвика само миграции од руралните области, туку и преобразба на многу рурални населби во урбани центри. Најголем дел од растот ќе се случи во малите градови, а не во џиновите како Токио, Њујорк или Истанбул. Освен тоа, најголем прираст се очекува во понеразвиенито региони, посебно Азија. Благодарение на брзата урбанизација на Кина, Азија ќе стане 50% урбана во наредните 15 години. Урбаното население на Африка, како што се очекува, тројно ќе се зголеми во наредните триесет години.

Градот со својата магнетска сила ги вцицува околните населби. Прво ги освојува со приградските автобуски линии, кои еден ден стануваат регуларни градски рути. Градовите се пренаселени не само со луѓе туку и со згради, коли и животни. Пред 11 години Trafalgar Square стана место на страшна пресметка на луѓето со птиците. Имено, во 2000 г. лондонскиот градоначалник им објави војна на гулабите, градска атракција која привлекуваше туристи, кои ги хранеа, и кои од храната се намножија во толкав број што станаа хигиенска и здравствена закана за просторот во кој живееја. Стратегијата на изгладнување започна со одземање на дозволите на продавачите на улична храна. Птиците, тврдеше градоначалникот, се напаст за човечкото население. Се побунија активистите за заштита на животните, но безуспешно. Колонијата гулаби од Трафалгар сквер имаше 40 000 птици. Градските татковци се решија за геноцидно решение кое претходно се покажа како успешно и против гулабите од Викторија стејшн – донесоа грабливци, јастреби, кои ги ловеа.

(продолжува...)

Извор: sveske.ba

За вториот дел кликнете овде.

За третиот дел, овде.

За четвртиот дел, овде.

Прво помислив на Петтиот

Прво помислив на Петтиот елемент, и тоа слатко но ептен геометриско, стерилно, бело и клаустофобично просторче во кое живееше Брус Вилис. Потоа помислив на гужвата од 15 до 17 часот низ центар кога сите си одат од работа, за на крај да сфатам дека точак (велосипед:) е закон работа.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото