Примирје во Либија за време на македонската предизборна кампања

03.05.2011 12:12
Примирје во Либија за време на македонската предизборна кампања

ЊУЈОРК, БАГДАД, ВАШИНГТОН, ТРИПОЛИ, СКОПЈЕ, 3 мај 2011 (Окно) - Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите Нации Бан Ки-мун на денешната вонредна седница на Советот за безбедност на ОН објави дека е прифатен неговиот план за примирје во Либија додека трае предизборната кампања во Македонија.

- Со големо задоволство можам да објавам дека либискиот лидер Моарем ел Гадафи, водачите на бунтовниците и генералниот секретар на НАТО Андер Фог Расмунсен денес во Багдад го потпишаа примирјето кое ќе трае за целото времетраење на предизборната кампања во Македонија, како и во периодот додека не се формира новата македонска влада. Го поздравувам разбирањето на водачите на завојуваните страни за деликатната ситуација во која се најде светскиот поредок во услови на вонредни избори во Некогашната Југословенска Рпублика Македонија, рече Бан Ки-мун на прес-конференцијата, одржана веднаш по седницата на која Советот за безбедност усвои резолуција со која се препорачува воздржување од вооружени напади додека не заврши македонскиот изборен процес.

По повеќедневни преговори, претставниците на либиските завојувани страни и претставниците на НАТО издадоа соопштение во кое се изразува задоволството од постигнатиот договор, бидејќи на овој начин граѓаните на Либија и земјите-членки на НАТО ќе можат со целосно внимание да го проследат историскиот чин на создавање нов состав на македонскиот парламент.

Моарем ел Гадафи, пак, во Триполи изјави дека иако неговата земја се соочува со тешки и преломни моменти, Либија сепак покажува меѓународна одговорност кога е во прашање евентуалното загрозување на светскиот мир. Тој нагласи дека на овој начин либискиот народ му пружа поддршка на братскиот македонски народ да успее во своите настојувања за зачувување на сопствениот идентитет и, секако, во неговите напори за подигање на светските демократски стандарди.

Претседателот на САД Барак Обама, во своето телевизиско обраќање на нацијата по овој повод, рече дека „македонските вонредни избори се најголемиот успех на американската политика по елиминирањето на Осама бин Ладен“. Посредникот на ОН во преговорите околу прашањето за името меѓу Грција и Македонија Метју Нимиц немаше коментар како оваа одлука ќе се одрази врз натамошниот тек на преговорите меѓу овие две држави.

Редакцијата на паравести на Окно се обиде да ги контактира лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски да ја прокоментираат оваа неочекувана одлука, но тие одбија да дадат било каква изјава, со образложение дека се презафатени со подготвување и спроведување на предизборната кампања.

Единствено со своја изјава се јави лидерот на Либерал-демократската партија Јово Манасиевски, кој рече:

- Сосема е очекуван интересот на либискиот народ за нашите предвремени избори, бидејќи тие во голема мера го персонифицираат судирот во таа земја. На изборите се очекува фанатична борба, многу валкана игра и инциденти, и, секако, отсуство на секаква политичка култура, што на некој начи може да се посматра како продолжување на војната со други средства. Сосема е логично дека, токму поради борбеноста без принципи, што овие избори ги квалификува како „герилски“, еден припадник на бунтовничките или Гадафиевите сили многу полесно може да се идентификува со Никола Груевски или Радмила Шекеринска, отколку со Обама или со Месијата. Затоа – порача Манасиевски – дојде моментот на конечна пресметка со овие сили.

Ивица Боцевски од истата партија рече дека неговиот став ќе може да се прочита во неговата следна колумна. Се разбира, штом ќе ги заврши колумните за тоа како го прославил својот шести роденден, како се возел во двокатните автобуси и кој е најубавиот македонски филм на сите времиња. И, се разбира, штом најде простор каде тоа ќе го објави.