Поради кризата, бесплатни дипломи на приватните универзитети!

27.04.2012 12:35
Поради кризата, бесплатни дипломи на приватните универзитети!

Приватните универзитети одлучија наредната година на своите студенти да им доделат бесплатни дипломи поради економската криза која ја зафати Македонија изминативе години.

Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена за да се помогне во напорите на земјата што побргу да излезе од кризата и дека тоа може да се изведе на два начини.

Прво, бесплатното доделување дипломи директно ќе им помогне на голем број студенти бидејќи ќе бидат ослободени од трошоците, а второ, тие со помош на целосно бесплатното знаење некој ден ќе придонесат за општеството, со што ќе биде постигнат максимален ефект. Со минимално вложување ќе биде постигната максимална добивка, а тоа го нема на ниту еден факултет кој ги наплатува своите дипломи.

Универзитетите наведуват дека бесплатната диплома е нивниот придонес кон општеството.

„Нам дипломите не ни значат ништо, а на студентите ќе им значат многу. Со тоа ги повикуваме работодавачите да ја променат политиката кон приватните универзитети така што нашите дипломи ќе им значат многу и ним, бидејќи засега е јавна тајна дека тоа не е случај. Тоа е единствениот начин сите заедно да тргнеме напред, без оглед дали сме приватни или државни универзитети, и дали дипломата е бесплатна или купена. Иако сѐ уште нема официјална потврда, според некои информации возможно е некои државни факултети, како одговор на иницијативата на приватните, да иницираат акција наречена ’2+1’ со која на две платени дипломи, третата ќе биде бесплатна“, се вели во соопштението на приватните универзитети.