Гоблен

27.06.2011 13:04
Гоблен

Ме прашува еден пријател зошто Скопје личи на гоблен. Јас, се разбира, не го знам одговорот. Само претпоставувам. Можеби поради мотивот „Коњи на поило“? Ем има толку многу коњи, ем некако сите се концентрирани околу Вардар. (За неупатените: во случајов се мисли на реката што тече низ главниот град, а не фудбалскиот клуб). Пријателот вели дека затоа што е целиот град во дупки.

И навистина, Скопје, ми се чини, како никогаш досега изгледа избушен. А никој не бара нафта. Додуша, многумина ја пијат. Значи, избушен е по сите нивоа. И физички, и метафизички, и во хоризонтала, и во вертикала, и во прва, и во четврта димензија... А гобленот, како што тоа уште Његош нè учеше, е „чудна уметност, ти го боцкаш, а тој очи ти вади...“

Во времето на моето образование, наместо предметот за историјата на религиите, или како веќе се вика тоа, учевме домаќинство. Учевме да веземе гоблени. Како сега се сеќавам дека мене ми падна некаква апликација, некое отпечатено ситесто платно со фотографија на три мачиња. Гобленот веќе беше извезен во речиси една третина, што беше достигнување на херојските напори на генерациите пред мене. Мојот придонес за време на школската година беше довезување на таа третина. Не знам дали некоја генерација успеа да го заокружи овој гоблен или школскиот предмет претходно умре од природна старост. Но, тоа не е важно. Важно е да се знае што во тие формативни години везеше Никола Груевски и останатите креатори на македонската виртуелна реалност. Нему ли му падна да ги извезе „Коњите на поило“? Или, пак, „Тајната вечера“? Беше ли и тогаш ревносен како сега, па под паролата "Остваруваме" избоцка сè на што наиде?

Кога овие податоци би се знаеле, многу нешта би ни станале појасни. На пример, од каде тој порив да се избуши и она што треба и она што не треба. Од каде тој порив, на пример, и на протестите против полициското насилство да се спротивстави со контра-протести против полициското насилство?

Сè нешто мислам дека уште не му соопштиле дека заврши предизборната кампања, дека завршија и изборите и, што е најважно, дека победи на изборите. Но, тоа изгледа така само за обичниот плебс, а не за квази спин-мајсторите што владеат во оваа земја. Некако изгледа дека главната работа на овие избори не била да се победи, туку опозицијата сосема да се закопа, поточно Бранко Црвенковски да се испрати во пензија. Таа работа, јасно, не успеа. Зашто не може да се прати некој во пензија, кој веќе неколку години е – во пензија. Затоа приказната на Гордана Јанкуловска, кога, наводно, им се обраќа на протестантите, дека своите барања можат да ги проследат низ институциите на системот, како што тоа го правеле во последните четири-пет години, додека биле во опозиција, не е само чукање на отворена врата, не е ни цинизам, не е ни навреда на здравата логика... Тоа, едноставно, е неразбирање работите. Зашто ако некого по илјада пати го трескате од земја, тој ќе научи да лета. Тоа е прашање на еволуција.

Интересна ми е тука улогата на таткото (или очувот) на нацијата, претседателот Ѓорѓе Иванов. Демек се обрати со писмо за поддршка на протестантите. Очекував дека, како некои негови славни претходници, ќе излезе на платото зад Спомен-куќата на Мајка Тереза и ќе изигра едно оро со оние за кои вели дека се во право. Кога Тито во 1968 година ги поддржа студентите што демонстрираа, некои политички кариери предвреме го доживеаја својот крај. Не им требаат на протестантите писма. На Никола Груевски му требаат писма. Нему нека му прати писмо во кое бара одговорност за лажговците од Министерството за внатрешни работи. Него нека го праша каде се камерите од плоштадот „Македонија“, наредени таму за да го идентификуваат секој оној што ќе го помати славјето на победничката партија.

Но, Иванов има попаметни работи. Тој ја слави десетгодишнината од Охридскиот договор, два месеца порано. Од кај знае човекот, ако го слави јубилејот на денот на потпишувањето, може дипломатскиот кор да му биде на одмор во Грција, па другарчињата нема да му дојдат. Конечно, и тогаш, точно пред десет години, тогашниот професор Ѓорге Иванов беше против Охридскиот договор, беше против овој модел на демократија што сега им го продава на НАТО и ЕУ како успешна приказна.

А приказната, очигледно е успешна. Село гори, а јас си го чешкам Букефал, што би се рекло. Воодушевен сум од воодушевувањето на Скопјани од поставувањето на Воинот на коњ (како што во последно време се нарекува Александар Македонски) на плоштадот каде што го убија Мартин Нешковски. Слушам дека трендот ќе продолжи и натаму, дека некогашниот аеродром Петровец ќе се прекрсти во аеродром „Воин на коњ“, дека Градскиот стадион ќе се прекрсти во „Татко му на воинот на коњ“, дека авто-патот ќе се прекрсти во „Патека на коњот на воинот“...

До последен миг бев убеден дека постаментот за споменикот на Александар Македонски ќе си остане онаков каков што е, а дека џиновскиот коњ сосе коњаникот, ќе биде сместен некаде на врвот на Водно, во близина на Крстот. Така ќе имаше смисла сечењето на онолкава шума за да се постави смешната жичарница. Екологистите, на пример, од ДОМ, кои, претпоставувам, го бранат проектот на жичарницата, така што велат дека од неа најдобро може да се види колку шума е уништено, ќе дозволеа да се исече, сигурно ќе немаа ништо против да се исечеше уште некое дрвце, за да се обезбеди ледина на која Букефал ќе може да пасе.

Вака не ни останува ништо друго, туку да направиме една жичарница среде Скопје, односно до „Воинот на коњ“, која ќе нè носи директно до органот на Букефал. Чисто за да можеме да му го измериме и да видиме колку наши пари отишле во онаа работа. За потоа помирно да си веземе гоблени.

Извор: globusmagazin.com.mk

Плетки (слики): Maggy Rozycki Hiltner

Слични содржини

Став
Став
Недела [к:1]
Став
Став
Став
НАТО [к:12]
Став
Став
Став
Орган [к:2]

ОкоБоли главаВицФото