Признание

06.07.2011 13:08
Признание

Некаде на пролет, 1991 година. Блага паника во Министерскиот кабинет во островската држава Тувалу. Двајца од тројцата министри, со дупли очила, длабоко се наведнати над картата на светот, а третиот во нервоза го врти глобусот, ту побавно, ту побрзо... Пред зградата на владиниот кабинет веќе се подготвуваат демонстрации... Владата не стасува да спроведе ниту една одлука, обземена од грижата што ја снашла...

"М, м, м... Ма, ма, ма...", вели оној постариот министер, забиен со носот во картата, и одеднаш вриснува: "Најдов, еве...". Двајцата останати се стрчуваат: "Не, бре... Тоа е Макао".

Некаде на пролет, 1998 година. Во Тувалу не се распишани избори. Тројцата министри уште нешто чачкаат по географските карти. "М, м, м... Ма, ма, ма...", вели оној постариот министер, забиен со носот во картата, и одеднаш вриснува: "Најдов, еве...". Двајцата останати се стрчуваат: "Не, бре... Тоа е Мадагаскар".

Некаде на пролет, 2005 година. Во Тувалу е блокирана целата држава. Тројцата министри, изгладнети, ослабени, подгрбавени, сенишно лебдат над географските карти. "М, м, м... Ма, ма, ма...", вели оној постариот министер, забиен со носот во картата, и одеднаш вриснува: "Најдов, еве...". Двајцата останати се стрчуваат: "Не, бре... Тоа е Монако".

Некаде на пролет, 2011 година. Тувалу е држава на духови. Министрите се во некоја претсмртна екстаза како да знаат дека нешто значајно и историски ќе се случи за нивната држава. "М, м, м... Ма, ма, ма...", вели оној постариот министер, забиен со носот во картата, и одеднаш вриснува: "Најдов, еве...". Двајцата останати се стрчуваат. И урлаат од радост. Ја пронајдоа на картата Република Македонија и сега можат да ја остварат својата историска мисија – да ја признаат под уставното име. Веднаш е прогласен државен празник. Ама улиците на Тувалу се празни. Се претпоставува дека такви ќе останат следните две децении – десетилјадниот народ на Тувалу се повлече во своите домови и се нурна во своите географски карти: каде е, навистина, таа факинг Македонија, таа земја поради која мораа да се спротивстават против целиот светски поредок и да ја спасат од светскиот заговор што со векови и милениуми сака да ја уништи?

Да, навистина, каде е таа Македонија, таа земја што дели субвенции со шака и капа, а, ете, никако тие на кои им се наменети да ги земат и да бидат задоволни. Не беше оваа Влада родена субвенции да дели. Не им појде од рака со лозарите, па се обидоа со тутунарите, па не им тргна ни со нив, па со житарите, па со... И? И наместо некој да ги пофали, добија само протести. Плус ги крстија "земјоделска" влада.

Ако не сакаат земјоделците, има кој сака. И мудрата одлука е донесена – субвенции ќе им бидат давани на научните работници, по килограм научен труд. Арно ама, уште влада не формирана, излезе министерот за образование и наука Тодоров да се жали дека од предвидените субвенции се искористени само десет проценти. Уште што не излезе дека на професорите им се даваат пари, ама овие не сакаат да ги земат. Ма, безобразлук. И каква врска има тоа што, на пример, министерството дава субвенции, а го укинува финансирањето на истражувачката работа. Или бара научниот труд да биде објавен во референтен часопис, а ја укинува претплатата на референтните часописи... Важно, владата дава субвенции, ама нема кој да ги земе.

Уште неформирана, владата одржа едно од своите предизборни ветувања – сите, без оглед на нивниот социјален статус, ќе бидат здравствено осигурани. И сите, без оглед на нивниот социјален статус, ќе го плаќаат здравственото осигурување. И вработени и невработени. Сите што од Агенцијата ќе добиваат некаков надомест, од надоместот ќе плаќаат и здравствено осигурување. Социјалната држава владее во сите свои аспекти. Сите сме еднакви пред давачките, а некои богами се еднакви и пред судовите.

Прилично голема гласност доби веста дека осомничениот за убиството на Мартин Нешковски добил отказ од "Тигрите". Не беше образложено врз база на што го добил отказот – на пример, кршење на работната дисципина, насилничко однесување или нешто слично. Не беше образложено дали има право да се жали или дали му следи некој надомест од Агенцијата за вработување. Отказот му е даден еден месец по убиството. Ете, го послуша владата гласот на народот и ги реорганизираше "Тигрите" – го отпуштија осомничениот за убиство. Од друга страна, две новинарки од "Утрински весник" добија отказ токму под тие образложенија – насилничко однесување и кршење на работната дисциплина. За чудо, во тоа насилничко однесување никој не беше повреден, освен нечија суета. Отказот беше врачен без право на жалба и без можност за било каков надомест од било кого. И експресно. И "Утрински" се реорганизира. Како и целото македонско новинарство. Како и целата држава.

Да, каде е таа земја Македонија, каде што и месец дена по изборите во притвор се држи лидер на една опозициона партија без да биде подигнато обвинение. Добро, ако обвинението не е подигнато, тогаш е казната одредена: портпаролот на МВР Иво Котески уште веднаш рече дека за делото (?) што го направил следи казна од осум години затвор.

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски реши дека е подобро да му служи на семејството отколку на државата. Чесно, брате. Нека го трпат по дома. Вели дека сега својот удел ќе го дадел од пратеничките клупи. Логично. Пратениците, барем ако се суди по изјавата на Милошоски, се луѓе чии ангажмани се минимални, па можат целото свое време да го посветат на семејството. Нема таму никакви проблеми. И онака не ги креираат тие ниту законите, ниту политиката. Има кој тоа за нив го прави.

Каде е таа земја Македонија, се прашуваат очајните граѓани на островската држава Тувалу. Каде е таа држава Македонија, се прашуваат очајните граѓани на државата Македонија.

Извор: globusmagazin.com.mk

Не е точно. Кој зема надомест

Не е точно. Кој зема надомест за невработеност, не плаќа сини картони.

Твоево не е спин, туку чиста лага.

Слични содржини

Став
Недела [к:1]
Став
Став
НАТО [к:12]
Став
Став
Орган [к:2]
Став

ОкоБоли главаВицФото