Времето на мукањето

02.11.2011 14:57
Времето на мукањето

Страста на Македонецот – тоа е битката за идентитетот и концентрацијата која му овозможува таа битка да не ја добие по секоја цена.

Од каде доаѓа таа страст?

Од јазикот.

Јазикот за кој се бориме ги гарантира нашите порази.

Јазикот е тоа генерално, онтолошко, би рекол, ограничување кое се јавува како праизвор на сите политички, историски, партиски, социјални, економски и геополитички понижувања од кои извира нашата слава?!

Во кои страдањето не е последица туку е суштина.

Човекот како субјект не е во состојба да произведува нови значења. Тој се раѓа во јазикот во кој значењата веќе се дефинирани. Неговата слобода е слобода на интерпретацијата. Вели Лиотар, а така мислат и некои други филозофи. Тричковски од Македонија, на пример.

Скромноста на македонскиот јазик ја плафонира нашата спознајна, интелектуална моќ во принцип, но општата дезелитизација и културната нивелација, власта на идиотите и дискурсот на лудаците ги направија тие ограничувања непремостливи.

„И чуварите на власта и нејзините ’уривачи’, и непоправливо злобните старци и старите неженици на демократијата – сите заедно станаа ужасно досадни. Дури и на самите себе. Социокултурниот простор се распаѓа на секти, исклучиво на личните интереси. Никој никого не слуша и секој раскажува некоја своја приказна во која само тој верува. Или, што е уште пострашно, во која и тој самиот не верува. А нацијата, на која адекватно артикулираниот јазик ѝ стана непотребен и која што ја обединува само мукањето, кошарката и цицките на насловната страница на "Вест"- тоа е нација осудена на изумирање.“

Ова е македонизирано парче од фантастичната студија на Дмитриј Орешкин. За Русија. Еве уште едно парче од „Ежедневний журнал“:

„Македонија се доближува до работ на социјалната и културната катастрофа, ситуација во која повеќе нама да имаме за што да разговараме, со кого да разговараме, во која нема да ни биде потребен ниту јазикот на кој ќе говориме. Современици сме на епохата што се слави со химната на мукањето. Со сите сили и со јасна цел власта се потруди кај луѓето да ја намали потребата да бидат човечни. Народот, при сето мое уважување на тоа што тој збор значи и што носи со себе, денеска може да голтне работи што пред десет години со индигнација би ги одбил.

Во дебатите што така убедливо го илустрираат и на некој начин го обезбедуваат нашето заостанување, има нешто што е над темата за партиските расправи, над судирите левица-десница, над конфронтаците меѓу Бранко и Љупчо, меѓу Никола и Бранко и така натаму. Тоа неверојатно сиромаштво во изразот, во лексиката, во фразата, во гестот, во стилот, тоа има идеолошки премиси, се разбира, тоа има лични некакви ноти, но во основа тоа, сепак, е прашање на јазикот, на неговите плафони. Гледајте вести, гледајте забавни програми, слушајте утрински програми на радио, следете ги програмите на собранискиот канал, следете ги таканаречените контактни програми, слушајте македонска забавна музика, прелистајте ги изјавите на Хорхе и на Шарло, стиснете ги аналните мускули и издржете ја лигата што на јавната сцена настапува под името Лиле Поповска и ќе ви биде јасно дека се наоѓате во предворјето на модерниот свет, во џунглата од која македонските Индијанци гледаат на светлата на Брисел како на оган што ќе им ги запали колибите.“

На почетокот на својот мандат Груевски изјави дека прашањето на криминалот ќе го решава со помош на странски обвинители. Тој тогаш споменуваше некои италијански имиња, но, денеска, пет години потоа, јас сум слободен да му го предложам Младен Баиќ, хрватски обвинител кој успешно се занимава со правна обработка на општопознатата вистина дека властите во Југоисточна Европа се организирани како Злосторнички здружувања против народите и државите.

Пред да никнат трите врби во Вардар човекот ќе успее да ги фати конците на Злосторничкиот потфат на Внатрешната антимакедонска контрареволуционерна организација, на инсталацијата која во Бившата Република на Македонците односно во Сегашната Република на Бившите Македонци, не се занимава само со материјалното и финансиско разорување на основите на постоењето на таканаречениот македонски субјект, туку ја уништува нормалноста и нејзините цивилизациски измерувања и дострели, ја уништува самата супстанца на нашето постоење, ги елиминира причините за нашето постоење така што ја убива моќта на надворешните кохезивни фактори (ЕУ) и ја разводенува културната, историската, естетската, политичката, меѓуетничката и сета друга сила на внатрешната кохезија.

Пред некое време му сугерирав на Уставниот суд да ја прогласи владејачката партија за категорија што ги пробива рамките на уставот и по таа линија да ја забрани.

Јас знам дека македонскиот опортунистички дух не може да ги свари овие идеи и дека повеќе е спремен да тресне со главата во ѕидот кон кој се движи со брзината на цернските неутрина отколку што ќе се обиде да го промени правецот на својата самоубиствена траекторија, но работата е во тоа што без такви или слични подвизи кои ќе го извлечат општеството од рамките на сегашната парадигма не се можни никакви решенија.

Сè почесто сретнувам луѓе кои мислат дека човекот е луд, но мнозинството се уште смета дека е нормален или дека е на границата да биде нормален.

Јас мислам дека ние имаме работа со роботизиран лудак кој работи на батерии и се активира со помош на далечински управувач. Некои пријатели ми обрнуваат внимание на неверојатната сличност на неговиот чекор со чекорите на некои детски играчки, а папараците кои летоска го фатиле на некоја плажа, ми тврдат дека на грбот јасно му се оцртува капакот од лежиштето за литиумските батерии.

Европската комисија ќе почне да го именува јазикот на Бившата југословенска република како македонски тогаш кога републиката ќе престане да биде бивша.

Не можам да откријам ништо антимакедонско во овој став.

Европската комисија има административни ограничувања да постапува поинаку, а политичката волја што во обратна насока одвреме-навреме знаела да ја изразува и е ограничена со интеракцијата на внатрешните кодекси и интересите на една членка.

Што има антимакедонско во оваа образложение.

Прашањето, како што се гледа, е политичко, тоа не е културолошко и лингвистичко. Брисел не вели дека ние не можеме да станеме членка на Европската унија ако не почнеме глаголите да ги пишуваме на крајот на реченицата или ако од азбуката не ја исфрлиме буквата "ѕ", туку ако не го решиме спорот со Грција.

Европа не го негира македонскиот јазик. Европа бара политичко решение за еден спор што на континентот почнува да му докурчува повеќе од сите ерекции на Берлускони.

Македонците се кучиња што ја забавуваат владејачката елита трчајќи по коската на името и идентитетот. Надвојводата Шарло и неговиот режим решија дека тоа ќе биде бесконечна трка во која на кучињата им е одредено да умрат.

Извор: globusmagazin.com.mk

И ќе дојде опозицијата на

И ќе дојде опозицијата на власт и се` ова волшебно ќе исчезне. Ние пиеме нафта, а?

И ќе дојде јануари, И

И ќе дојде јануари, И ракометарите ќе освојат Х то место. И народот спонтано ќе се собере на плоштад. И ќе носи државни знамиња. И плоштадот ќе поцрвени како Црвено море околу кое нема нафта но нема и трафика од каде да си купи вода, а камо ли нафта (освен во тинЕХ), за да може народот погрлато да викне „излези момче...„
И ете ти го момчето. Зачекорува 100 чекори и КАКО МОЈСИЕ го ПРЕПОЛОВУВА ЦРВЕНОТО МОРЕ за да ги избави следбениците му. Бајно нема што, а? (АХ тинЕХ, тинЕХ, умот да ти го имам, ако пари немам...сами ќе си дојдат)

Преубав текст. Штета што

Преубав текст. Штета што публиката е дрво пијана и упорно ја вергла "Излези момче" (сликовито доловена од другарот Levi)! Каков ли мамурлук ќе биде тоа кога ќе снема пиење или јадење !!!!

Како бе преубав текст?

Како бе преубав текст? Текстот е црн мрак. Или, ако, нека е, само и само нека се пљука оној што нејќе да те вработи во администрација, срам да му е.

ОкоБоли главаВицФото