Америка

01.12.2011 16:15
Америка

Ложачот

Кога шеснаесетгодишниот Карл Росман, кој беше испратен во Америка од страна на неговите родители, бидејќи бил заведен од една слугинка со која добил дете, заплови во њујоршкото пристаниште, ја здогледа долго набљудуваната статуа на божицата на слободата облеана од сончевата светлина која ненадејно стана посилна. Изгледаше како штотуку да го кренала мечот, а околу неа струеше свеж ветер.

„Навистина е висока!“, си рече тој во себе додека си поголемата толпа носачи што поминуваше покрај него постепено го потиснуваше си до оградата.

Едно момче, со кое се запозна површно во текот на патувањето, на заминување му рече: „Зарем вие си уште не сакате да се симнете?“ „Па јас сум готов“, рече Карл, му се насмевна и перчејќи се го наметна куферот на рамо. Но, додека со погледот го следеше својот познаник, кој веќе се оддалечуваше заедно со останатите лесно мавтајќи со бастунот, тој вчудовидено забележа дека си го беше заборавил чадорот долу во бродот. Набрзина го замоли познаникот кој не изгледаше пресреќен поради тоа, за момент да му го причува куферот, фрли уште еден поглед наоколу, за да може да се снајде на враќање и брзајќи се оддалечи. Долу, со големо разочарување, забележа дека ходникот, кој многу би му го скратил патот е затворен за минување, што најверојатно беше последица на истоварувањето на патниците и поради тоа мораше со мака да се снаоѓа по скалите што надоаѓаа од сите страни, низ испреплетените коридори и низ една празна соба со напуштено биро, а бидејќи оттука имаше поминато еднаш или двапати, секогаш во поголемо друштво, овој пат во буквална смисла на зборот заталка. Во целата оваа збрка, а и поради фактот што не забележа жива душа наоколу, слушајќи го над себе тропањето на илјадниците чекори, како и шепотот на здивот на веќе замрените машини што доаѓаше од далечината, почна случајно и без никакво размислување да тропа по една мала вратичка, пред која се најде талкајќи наоколу.

„Отворено е“, се слушна од внатре, по што Карл со олеснување ја отвори вратата. „Зошто толку силно тропате?“, праша еден голем човек, речиси не погледнувајќи го Карл. Низ еден отвор на таванот навлегуваше пригушена и веќе истрошена светлина од палубата, директно во бедната кабина, во која како да беа спакувани еден кревет, шкафче и еден стол. „Се загубив“, рече Карл, „за време на пловидбата не успеав да забележам, но мора да признаам дека ова е ужасно голем брод“. „Да, имате право“, со извесна доза на гордост рече човекот, не престанувајќи да се занимава со бравата на еден мал куфер што постојано го покриваше со двете раце, притоа наслушнувајќи ги звуците што ги испушташе бравата. „Влезете слободно!“ продолжи човекот. „Зарем ќе стоите надвор?“ „Да не ви пречам?“ запраша Карл. „Зошто би ми пречеле!“ „Да не сте Германец?“ Карл се обиде да се осигура, бидејќи имаше слушнато за многуте опасности што им се закануваат на новодојденците, особено од американските Ирци. „Сум, сум“, рече човекот. Карл си уште се двоумеше. Во тој момент човекот одеднаш ја фати кваката и потегнувајќи ја вратата го повлече Карл кон себе. „Не поднесувам кога ме гледаат од ходникот“, рече човекот и одново почна да се занимава со својот куфер, „сите кои поминуваат одовде ѕиркаат наваму“, „кој може да го издржи тоа!“ „Но, ходникот е сосема празен“, рече Карл, кој сега неугодно седеше приклештен на креветот. „Да, сега нема никој“, рече човекот. ‘Па, за сега зборувам’, си помисли Карл, ‘тешко е да излезеш на крај со овој човек.’ „Легнете на креветов, тука имате повеќе место“, рече човекот. Карл успеа некако да се вовлече во постелата, притоа смеејќи се гласно на својот прв неуспешен обид да се фрли врз неа. Само што се најде на постелата, извика: „Да му се сневиди, па јас сосема заборавив на својот куфер!“ „Каде ви е куферот?“ „Горе на палубата, еден познаник ми го чува. Како ли само се викаше?“ Притоа, од џебот што мајка му му го имаше зашиено во поставата од палтото, извади една визит - карта. „Батербаум, Франц Батербаум.“ „Многу ли ви е потребен куферот?“ „Секако.“ „Па тогаш зошто сте дале да ви го чува непознат човек?“ „Долу го заборавив чадорот, па побрзав да го земам, но не сакав со себе да го влечкам и куферот. Згора на тоа и се загубив.“ „Сам ли сте? Без придружба?“ „Да, сам сум.“ ‘Можеби треба да се држам до овој човек’, таква мисла му мина на Карл низ главата, ‘каде би можел сега да најдам подобар пријател од него?’ „И куферот сте го изгубиле. Чадорот не го ни споменувам.“ Човекот седна на фотелјата, небаре го заинтересира случајот на Карл. „Верувам дека вашиот куфер не е изгубен.“ „Вербата е благослов“, рече човекот и силно се почеша по својата темна, кратка, густа коса, „На бродов, со секое пристаниште се менуваат и обичаите и карактерот на луѓето. Можеби во Хамбург Вашиот Батербаум би Ви го чувал куферот, но овде најверојатно нема да најдете ни трага ни глас од нив.“ „Тогаш, морам веднаш да појдам и да го побарам“, рече Карл и се сврте наоколу, барајќи начин како да излезе. „Останете“, рече човекот речиси грубо оттурнувајќи го Карл назад во постелата. „Но, зошто?“ налутено праша Карл. „Затоа што повеќе нема никаква смисла“, рече човекот, „наскоро и јас ќе тргнам, па ќе одиме заедно. Или куферот е украден и му нема спас, или пак човекот го оставил, што значи дека полесно ќе го најдеме откако ќе се испразни бродов. Истото се однесува и на вашиот чадор.“ „Го познавате ли бродов?“ праша Карл со недоверба, затоа што му се чинеше дека постои скриена замка и намера во навидум убедливата помисла на соговорникот дека во испразнетиот брод полесно ќе ги најдат неговите работи. „Јас сум бродскиот ложач“, рече човекот. „Вие сте бродскиот ложач?“ извика радосно Карл, небаре тоа ги надмина сите негови очекувања и потпирајќи се на лактот, се доближи и го погледна човекот одблизу. „Токму пред собата каде спиев со Словаците имаше еден отвор низ кој се гледаше директно во машинското одделение.“ „Да, јас работев“, рече ложачот. „Отсекогаш ме интересирала техниката“, рече Карл потонат во сопствените мисли, „и знам дека сигурно ќе станев инженер, да не морав да дојдам во Америка.“ „Зошто моравте да заминете?“ „Ах!“ рече Карл, одмавнувајќи со раката, како да сакаше да ја тргне од тема на разговор целата таа приказна. Притоа, со насмевка го погледна ложачот, како да го молеше да му прости поради недокажаната и необјаснета приказна. „Сигурно има причина“, рече ложачот, без притоа да нагласи дали сака да ја поттикне или избегне приказната за причината. „Сега и јас би можел да станам ложач“, рече Карл, „на моите родители им е сеедно што ќе станам.“ „Моето место ќе се ослободи“, рече ложачот, намерно ги стави рацете во џебовите од панталоните и ги спружи врз креветот неговите нозе облечени во кожени, стуткани, железно - сиви панталони. Поради ова Карл мораше да се помести кон ѕидот. „Вие го напуштате бродов?“ „Секако, денес ќе одмаршираме.“ „Зошто заминувате? Не ви се допаѓа овде?“ „Да, такви се условите, не е секогаш важно дали на некој нешто му се допаѓа или не. Всушност, во право сте, не ми се допаѓа. Се надевам дека не мислите сериозно да станете ложач, иако токму така најлесно се станува. Зошто не си ја остварите желбата за студирање што сте ја имале во Европа и тоа не го направите овде? Американските универзитети се неспоредливо подобри од европските.“ „Можно е“, рече Карл, „уште да имав трпение за студирање. Да, читав за некој кој работел преку ден, а навечер учел, си додека не станал лекар, а ми се чини и градоначалник, но за тоа човек треба да е упорен, нели? Страв ми е да се соочам со фактот дека тоа е она што ми недостига. Освен тоа, не бев некој добар ученик, па и самата разделба со училиштето не ми падна особено тешка. Ми се чини дека училиштата овде се уште построги. Дури не знам ни англиски. Мислам дека овде имаат и предрасуди во однос на странците.“ „Успеавте и тоа да го забележите? Тогаш, во ред е. Значи, вие сте мој човек. Видете вака, ние сме на германски брод, кој патува, нели, на линијата Хамбург - Америка, па зошто тогаш тука не врие од Германци? Зошто главниот машинист е Романец? Се вика Шубал. Не ми се верува, но тој скот ни искористува нас, Германците, и тоа на германски брод! Немојте ни да помислите“ - снема здив додека мавташе со раката - „дека се жалам колку да се жалам. Јас знам дека вие немате никакво влијание и дека сте сиромашно момче. Но, тоа е толку проклето мачно!“ Тој удри со тупаница неколку пати по масата, не испуштајќи ја од вид додека го правеше тоа. „До сега сум служел на многу бродови“ - притоа наброја дваесетина имиња едноподруго, небаре се еден збор, што сосема го збуни Карл - „дури и бев награден, пофален и бев работник по мерак на моите капетани, а неколку години по ред бев и на трговски крстосувач“ се подисправи, чиниш со тоа го достигнал врвот на сопствениот живот - „и овде во оваа кутија каде што си е под конец, каде што не мора да си многу паметен, овде на ова место не вредам ништо, овде постојано му пречам на Шубал, мрзлив сум, заслужувам да бидам исфрлен, а надомест добивам само од милост. Го сфаќате ли вие тоа? Јас не.“ „Тоа не смеете да си го дозволите“, рече Карл возбудено. Од тоа што толку му беше пријатно овде, на креветот од бродскиот ложач, речиси имаше заборавено дека се наоѓа на несигурниот бродски под, на брегот на една непозната земја. „Бевте ли претходно кај капетанот? Се обидовте ли да најдете правдина кај него?“ „Одете си, ве молам, подобро одете си. Не сакам да ве гледам тука. Воопшто не слушате што Ви велам, а веќе ми делите совети. Како да отидам кај капетанот!“ - рече ложачот и уморно седна, сокривајќи си го лицето со дланките.


‘Подобар совет не можам да му дадам’, си рече Карл. Притоа помисли дека ќе биде подобро да си го побара куферот, отколку да седи тука и да дели совети, кои и без тоа ги сметаат за глупави. Татко му, предавајќи му го куферот, на шега го праша: „Колку долго ќе го имаш?“, а сега, тој негов сакан и верен куфер можеби беше изгубен засекогаш. Единственото нешто што му беше утеха е што татко му, дури и ако истражуваше, тешко ќе можеше да дознае за неговата сегашна ситуација. Бродската компанија би можела само да му каже дека пристигнал во Њујорк. Сепак, на Карл многу повеќе му беше криво за повеќето нешта во куферот што никогаш не ги употребил, и покрај тоа што, на пример, одамна требаше да ја смени кошулата. Во случајов се покажа дека Карл штедел на погрешното место. Сега, на почетокот од неговата кариера, кога треба да пристапи и настапи со чиста облека, ќе мора да се појави со валкана кошула. Освен тоа, загубата на куферот и не беше толку страшна, бидејќи костумот што го носеше на себе беше дури и подобар од оној што го имаше во куферот, што всушност претставуваше резервен костум, закрпен од страна на мајка му непосредно пред патувањето. На Карл му текна и тоа дека во куферот имаше парче салама „Веронезе“ што мајка му дополнително му ја спакува, од која изеде само едно мало парче, бидејќи за време на пловидбата воошто немаше апетит и сосема доволна му беше супата што ја делеа под палубата. Во оваа ситуација, тој од си срце посака во раката да му се најде сочниот колбас, за да може да го почести ложачот. Луѓето како ложажот многу лесно се придобиваат со некои ситници. Карл го научи тоа од својот татко, кој раздавајќи цигари ги придоби сите работници со кои соработуваше. Од сите можни вредни дарови и предмети, Карл сега ги поседуваше само своите пари, но нив не сакаше ниту да ги допре, земајќи предвид дека куферот му беше неповратно загубен. Неговите мисли повторно се насочија кон куферот. Карл не можеше да сфати зошто толку внимателно го чуваше во текот на целото патување, толку многу што тоа му го одзеде дури и сонот, кога за жал, еве, дозволи истиот тој куфер неповратно да му биде одземен, на еден едноставен начин. Се присети на петте последователни ноќи кога најсомнителен му беше малиот Словак, оддалечен две легла од него, затоа што се имаше загледано во неговиот куфер. Словакот изгледаше како едвај да чека Карл, во момент на слабост, барем на кратко да задреме, за да го повлече куферот кон себе со една долга шипка што ја користеше за играње или за вежбање во текот на денот. Дење Словакот изгледаше како сосема невино дете, но само што ќе паднеше мрак и штом ќе легнеа, одвреме - навреме ќе се кренеше од своето легло и тажно ќе погледнеше кон куферот на Карл. Карл јасно го забележуваше тоа, бидејќи постојано се наоѓаше некој од иселениците што палеше светло и покрај постоечката забрана на бродот и се обидуваше да ги дешифрира неразбирливите проспекти од иселеничките агенции. Кога светлото беше запалено и блиску до него, Карл чувствуваше дека може малку да се опушти, но кога беше далеку од него или пак кога беше изгаснато, мораше да ги држи очите отворени. Овој напор навистина го истоштуваше и сепак изгледаше залуден. Ах, тој, Батербаум, само ако го сретне или начека некаде!

Во тој момент, исполнет со совршена тишина, од далечината се огласија мали и кратки удари, како од детски стапала, кои засилено се доближуваа и преминаа во смирен машки од. Очигледно беше дека се движат во редица, како што единствено и беше можно во тесниот ходник, а во позадина се слушаа и звуци од оружје. Карл, кој спружен во креветот само што не беше заспал, ослободен од грижите за Словакот и куферот, се исплаши и го буцна ложачот за да му даде до знаење дека колоната има стигнато речиси до самата врата. „Тоа се бродските музичари“, му рече ложачот, „тие свиреа горе на палубата, па сега одат да се спакуваат. Најверојатно си е готово и може да одиме. Дојдете!“ Ложачот го фати Карл за рака, во последен момент зеде од ѕидот над креветот една врамена слика на Богородица, ја тутна во јакната, го зграпчи куферот и набрзина заедно со Карл излегоа од кабината.

„Сега ќе одам во бирото и таму на господата ќе им го соопштам моето мислење. Бидејќи нема повеќе патници, не мора да имам било какви обѕири кон некого.“ Ложачот го повтори ова неколку пати и додека се движеше, се обидуваше со странични удари да згмечи еден стаорец кој му се испречи на патот, но успеа само час поскоро да го турне во дупката која стаорецот навреме ја погоди. Ложачот беше прилично бавен во движењето и покрај неговите долги нозе кои, по си изгледа, му беа претешки. Пристигнаа во делот од кујната каде неколку девојки со нечисти престилки - како да беа намерно извалкани – миеја садови во големи буриња. Ложачот викна по една од девојките по име Лине, ја фати околу половината, а таа кокетирајќи му тргна во прегратка. „Сега ќе има исплата, сакаш ли да дојдеш?“, праша тој. „Зошто да се мачам, подобро донеси ги парите тука“, му одговори, извлекувајќи се од под неговата рака и побегнувајќи му. „Каде ли го улови ова убаво момче?“, викна таа, без да очекува одговор. Се слушаше смеа од останатите девојки кои ја имаа прекинато работата.

Карл и ложачот продолжија понатаму и стигнаа до вратата која имаше некаков мал покрив, потпрен на ситникаво позлатена каријатида. Оваа декорација изгледаше прилично расипнички како за еден брод. Карл забележа дека досега не бил во овој дел на бродот, кој најверојатно беше резервиран само за патниците од прва и втора класа и каде што сега најверојатно ги имаа извадено вратите поради големото чистење што се одвиваше. Двајцата патем сретнаа и неколку мажи кои носеа метли и го отпоздравија ложачот. Карл се чудеше на големината на метежот, бидејќи долу во потпалубниот дел сосема малку од тоа можеше да се забележи. По должината на тесните ходници се гледаа мноштво електрични кабли, а се слушаше и постојано биење на некакво мало ѕвоно.

Ложачот со почит тропна на една од вратите и откако слушна „Влезете“, му мавна на Карл да не се плаши и да влезе. Карл влезе, но некако се задржа на прагот. Низ трите прозорци од собата ги виде морските бранови и додека го гледаше го нивното весело движење, срцето почна силно да му чука, како да не ги имаше видено пет дена. Големите бродови им го попречуваа патот и само делумно ги пропуштаа брановите. Ако човек ги затвореше очите, ќе му се причинеше дека бродовите се нишаат од преголемата тежина. На нивните големи јарболи се вееја долги и тенки знамиња, кои и покрај нивната затегнатост за време на пловидбата сепак се мрдаа насекаде. Од некои од воените бродови одекнуваа салутирачки истрели, а топовските цевки од еден таков воен брод што поминуваше во близина, сјаејќи во одблесокот на нивниот железен прекривач, изгледаа како да се галат при сигурната и лесна, но сепак нехоризонтална пловидба. Од вратата во далечината се гледаа малите бротчиња и чамци како се протнуваат меѓу големите бродови. Зад целата оваа мешаница се издигаше Њујорк и Карл успеа да ги здогледа облакодерите со нивните илјадници прозорци. Токму така, во оваа соба човек знаеше каде се наоѓа.

На една тркалезна маса седеа тројца мажи, едниот од нив беше бродски офицер облечен во сина бродска униформа, а другите двајца беа пристанишни службеници, облечени во црна американска униформа. На масата беа натрупани најразлични документи што офицерот прво ги разгледуваше, а потоа им ги даваше на другите двајца кои ги читаа, ги средуваа, или пак ги пакуваа во актовката, ако притоа, едниот од пристанишните службеници, речиси без пауза низ крцкање со забите не му издиктираше нешто на неговиот колега.


Превод: Владимир Петрески

Книгата е издадена со помош на Програмата за култура (2007-2013) на Европската Унија

Илустрации: Ryumei Fujiki

ОкоБоли главаВицФото