Незапирливиот растеж на Муслиманските браќа

07.12.2011 14:20
Незапирливиот растеж на Муслиманските браќа

Од симнување од власт на претседателот Хосни Мубарак во февруари, во Египет беснеат политички судири покрај идеолошките, генерациските и класните линии. Урнувањето на авторитарниот ѕид, изграден пред повеќе од половина век, доведе до оживување и обнова на масовната политика и општествена мобилизација. Во овој контекст, иако на почетокот се дочекани како спасители, египетските воени владетели направија страшна грешка цврсто држејќи се за уздите на власта и одбивајќи да ја препуштат на цивилите. Десетина илјади Египќани се дигнаа против воениот совет, испраќајќи јасна порака за промена на ставот и расположението на луѓето. Истовремено, по децениски прогони и забрани, верските активисти, или исламисти, избија на површината како сериозна сила, отворено мобилизирајќи ги своите стари поддржувачи, кои се бројат во милиони, и регрутираат нови членови.

Од сите исламистички браќа, Муслиманското братство има најширока база на поддршка, со околу половина милион членови и застрашувачка политичка машинерија. Оваа организација, основана во 1928 година, активно не учествуваше во протестите на кои Мубарак беше симнат од власт, но оттогаш ги мобилизираше своите следбеници во новореформираната политичка партија Слобода и правда. Позиционирајќи се како претставници на сиромашните, што е огромно избирачко тело во кое спаѓаат повеќе од половината од сите 82 милиони граѓани на Египет, Братството има намера да освои 40% од местата во парламентот. Каков и да е резултатот од изборите, Братството ќе биде доминантен играч во постмубараковскиот Египет, и ќе има влијание врз внатрешната и меѓународната политика на Египет.

Шансата Муслиманското братство за освои мнозинство во новиот парламент ги возбуди египетските либерали, малцинствата и секуларистите, кои се плашат дека оваа организација на општеството ќе му наметне ригидни, регресивни верски закони. Тие го обвинуваат Муслиманското братство дека само номинално ги прифаќа демократските принципи, а всушност има намера да ја грабне секуларната држава и да и’ наметне шеријатски закон.

Секуларно-религиската поделба е најважна поделба во египетската политика и воедно најголема закана за преминувањето од авторитаризам во плурализам. Длабоко скептични кон плуралистичките убедувања на исламистичките партии, секуларистите апелираат кон воените власти да преземат мерки за ограничувањето на моќта на нивните идеолошки соперници, во случај овие да ги добијат изборите. Тие сакаат гаранции дека новиот устав ќе ги овозможи верските слободи и слободите на изразување.

Египетските либерали ги обвинуваат државите од Персискиот залив, особено Катар, дека тајно ги финансираат исламистите за ширење на нивната верзија на конзервативната религија во најмногубројната арапска држава и културен центар на регионот. Судирајќи се со исламистичките партии, либералите (олицетворени во сојузот на Египетскиот блок) ризикуваат да создадат анимозитет кон себе во длабоко религиозното општество. Како своите туниски пандани, ќе им биде тешко да ги привлечат избирачите кои веќе не се идентификуваат со нивните космополитски погледи. Во средиштето на актуелната побуна против воената власта, која речиси сигурно ќе оди во прилог на стратегијата на Братството, се крие истата секуларно-религиска поделба.

Западните сили еднакво се плашат доаѓањето на Братството на власт, ако не и повеќе. Од септемврскиот напад во 2001 година, стравот од исламизмот како таков, не само од Ал Каеда, го опфати Западот. Прозападните автократски арапски владетели, како Мубарак, го злоупотребуваа овој неоснован страв преставувајќи се како партнери во борбата против „екстремистите“. „Или ние или екстремистите“, ги предупредуваа блискоисточните диктатори западните официјални лица.

До последниот ден, кога милиони Египќани го бараа неговото заминување, Мубарак го користеше Братството како закана и ги предупредуваше САД што ќе се случи ако тој замине. Кога политичката ситуација зовре кон крајот на јануари, Барак Обама го повика Мубарак по телефон и се обиде да пронајде мирен начин за негово заминување од власт. Еден официјален претставник на Белата куќа вака го сумираше неговиот одговор: „Муслиманското братство, Муслиманското братство, Муслиманското братство“.

Низ историјата, Америка и нејзините европски сојузници го прифатија бинарниот модел на Блискиот исток, според кој верските фундаменталисти се единствената алтернатива на прозападните диктатори. Премолчената претпоставка меѓу западните официјални лица е дека нема трет пат, нема граѓанска опција, само „Арапската улица“ – што во превод значи дека муслиманите, ако им се дозволи да гласаат, ќе направат погрешен избор, дека неиспробаните и непознати демократски сили нема да бидат толку верни и посветени на интересите на САД во регионот како што се автократите. Покојната Џин Киркпатрик, американската амбасадорка во УН, во врска со Арапите и демократијата рече: „Арапскиот свет е единствениот дел од светот каде што е разнишано моето убедување дека луѓето, ако им дозволите слободно да решаваат, секогаш ќе направат суштински рационален избор“.

Митот и реалноста се преплетуваат во приказната за Братството. Од 1920-тите, кога 22 годишниот проповедник и наставник по арапски јазик Хасан ал Бана го основаше Братството во Исмаилија, град на 100 километри североисточно од Каиро, тоа од младинска организација еволуираше во широко општествено и политичко движење. Од 40-тите до 60-тите години, Братството со една нога стоеше на земјата, а со другата во подземјето. Нејзиниот „Таен апарат“, паравоената мрежа, користен е за убиства и вооружени напади на политичари и цивили. Многу влади го задушуваа Братството, што кулминираше со организирана кампања на панарапскиот националист Гамал Абдел Насер, кој се обиде да го расформира и да го уништи. Илјадници членови се уапсени и мачени, а водачите се убивани. Меѓу нив беше и Саид Кутуб, кој, по егзекуцијата во 1966 година е претворен во главен идеолог и теоретичар на милитантните исламисти, извршувајќи големо влијание врз Осама бин Ладен и врз Ајман ал Завахири.

Овој мрачен и крвав период е завршен во 70-тите години, кога челниците на Братството се откажаа од насилството и ја прифатија стратегијата на политичка партиципација. Меѓутоа, насилните судири на двата најголеми политички трендови – панарапскиот национализам и панисламизмот, во 50-тите и во 60-тите години го отворија историскиот јаз кој сè уште не е премостен. Денешниот секуларно-религиски судир покажува дека старите рани допрва треба да зараснат. Наследството на апсења, прогонувања и понижувања остави длабоки рани во институционалното сеќавање на Братството, на неговата еволуција и развој.

Меѓу Старата гарда или првата генерација (влијателен и кохерентен, но бројно сè помал сегмент, чии припадници поминаа десет години во казаматите на Насер), владее чувство на мачеништво и непопустлива недоверба кон надворешниот свет. Откако директниот наследник на Насер, Анвар ал Садат, на почетокот од 70-тите години ги пушти од затвор, овие конзервативни ветерани се сконцентрираа врз обновата на своите мрежи и стекнување легитимитет. Над траспарентнотоста и одговорноста ги поставија преживувањето, општествената кохезија и единството. (Убиството на Садат во октомври 1981 година, кое го изврши еден исламистички поручник, предизвика долгогодишен судир меѓу Мубарак, следниот претседател, и генерациите локални екстремисти на Захари.)

Денес Старата гарда се бори за извршната власт со новата генерација прагматичари, дипломирани студенти кои во 70-тите му се приклучија на Братството. Прагматичарите многу полесно се снаоѓаат во модерните текови и плуралистичката политика од постарите членови, кои се спротивставуваа на меѓународните обиди за демократизација на процесите на одлучување. За време на годините, разговарав со членовите на двете генерации, и разликите во сензибилитетот, таинственоста и образованието се впечатливи. Инсистирајќи на апсолутна посветеност и таинственост, припадниците на Старата гарда – како што се Махмуд Изат, генералниот секретар и чувар на фондовите и тајните; Мухамед Акиф, поранешен муфтија и водач на Братството; и Мухамед Бади, денешниот водач – немаат интелектуална и политичка визија неопходна за трансформација на оваа организација во транспарентна, модерна политичка партија.

Од друга страна, припадниците на генерацијата од 70-тите – како што се Есам ел Ариан, потпретседателот на партија Слобода и правда, кој има завршено правен и медицински факултет, и Абдел Монејн Абдул-фотох, лекар и некогашен член на највисокиот извршен партиски орган – се прогресивни. Тврдат дека се посветени на отвореното општество и на претставничката демократија. Некои од нив отворено ја критикуваат Старата гарда заради нејзините автократски манири и ветуваат дека ќе го променат статус квото, сега кога е урнат затворениот политички систем на Мубарак.

Последните години, генерациските разлики во Братството се огледуваа во отворените предизвици кои младите Египќани ги упатуваа кон ултра-конзеравативните ветерани. Младите браќа користат нови медиуми како блогови и Фејсбук при критиката на постарите колеги и при упатувањето барања за демократизација на движењето, што е предуслов за изградба на плуралистичка граѓанска држава во Египет. Младите браќа преставуваат најголема подгрупа во оваа организација, и нивните стојалишта се поблиску до либералите и националистите, отколку до старите членови на групата, што можеше да се види во изминативе десет месеци. Фрустрирани од затвореноста на раководството, младите членови на Братството основаа четири политички партии, по што веднаш се исфрлени од организацијата заради непослушност.

Братството често трпи критики заради изразито антиизраелските и антиамериканските ставови. Тажна е вистината дека реториката на Братството за надворешната политика на Израел и на САД не се разликува многу од онаа која ја користат египетските националисти и левичари. Египќаните од сите определби сметаат дека нивната земја повторно мора да игра водечка улога во арапската арена, и дека мора да се спротивстави на израелското потчинување на Палестинците.

Повеќе од четири децении Братството се обидуваше да заземе политички простор и да освои легален статус. Ја совладаа вештината на компромисот и на прагматизмот низ тешкотии и прогони. Сега идеологијата е помалку важна од интересите и политичкиот успех на организацијата. Повеќе од кога било порано, нивната порака е упатена кон точно одредени избирачи и групи на интерес – што е знак за идеолошка промена. Всушност, секуларните противници ги критикуваат водачите на Братството за преголем опортунизам и макијавелизам, обвинувајќи ги дека беа подготвени за сојуз со режимот на Мубарак, а подоцна и со новата воена власт, само за да ги заштитат сопствените интереси. Во сличен манир, екстремистите како Ал Завахири го обвинуваа Братството дека ја жртвуваат верата и идеолошката чистина на олтарот на пропаднати политички платформи.

Всушност, Братството не можеше и не сакаше да се ослободи од тешкото бреме на своето идеолошко наследство. За разлика од турските и туниските исламисти, Браќата се алергични на термините како „секуларно“, „секуларизам“ и ги доживуваат како „анти-исламски“. Кога го дочекаа турскиот премиер Ердоган, на почетокот од септември, приемот стана непријатен бидејќи Ердоган изјави на телевизија дека е можна коегзистенција на религијата и секуларната држава. „Се надевам дека Египет ќе биде секуларна држава“, рече Ердоган, побожниот муслиман чија партија АКП има исламски корени,. Претставникот на Братството го обвини Ердоган дека се меша во внатрешните работи на Египет.

Особено загрижува ставот на движењето по прашањето на жените и малцинствата, кој Старата гарда го оправдува со верски причини. Светите книги се толкуваат селективно и се тврди дека жените и христијанските Копти не можат да бидат целосно еднакви пред законот, дека не можат да се кандидираат за претседател, па дури и за судии. Иако во самата организација има прагматичари и млади членови кои не го прифаќаат ваквиот став, тој е симптом за еден поголем проблем кој му претстои на Братството. Зад етатистичката филозофија оваа организација нема оригинални идеи и развиена социоекономска или политичка програма. Телото на Братството се развиваше повеќе од мозокот.

Египет е пред банкрот. Околу 40% од жители живеат со помалку од 2 долари дневно. Невработеноста е масовна, а стапката на писменост меѓу најниските во арапскиот свет. Кршливите институции мораат темелно да се обноват – и тоа во време кога не постои заедничка визија за иднината меѓу опозициските групи.

Во последните две децении, политичката машинерија на Муслиманското братство се покажа ефикасна. Доколку освојат мнозинство од гласовите и формираат влада ќе мора да покажат резултати. Имајќи ја предвид сериозноста на проблемите во Египет и недостатокот од идеи за вработување и придвижување на економијата во организацијата, шансите да успеат се мали. А ако не успеат, нивните предизборни пароли – „Исламот е решение“ и „Му носиме добро на Египет“ – со својата сила ќе се свртат против нив.

Извор: New Statesman

That's a genuinely ipremssive

That's a genuinely ipremssive answer.

ОкоБоли главаВицФото