Зајакнување на државниот капитализам

23.01.2012 12:08
Зајакнување на државниот капитализам

(Горе: зградата на кинеската државна телевизија)

Седиштата на големите корпорации во текот на изминативе 15 години го променија изгледот на големите градови во земјите во развој. Зградата на Кинеската државна телевизија потсетува на огромен вонземјанин кој маршира на пекиншкото небо. 88-катните кули Петронас, седиште на малезиската нафтена компанија, се вивнаа над Куала Лумпур. Светлечките канцеларии на банкарската куќа VTB се наоѓаат во срцето на московската финансиска област.

Сето тоа се споменици на подемот на новиот вид хибридни корпорации кои ги поддржува државата, но функционираат како приватни мултинационални компании.

Државниот капитализам не е нова идеја. Во 1990-те години државните компании не беа ништо друго освен државен оддел на пазарите во развој. Клучната претпоставка беше дека доколку економијата се развива, владата или ќе ги затвори или ќе ги приватизира. Меѓутоа, се чини дека државата не се откажува од врховното заповедништво, како во големите индустрии (десетте најголеми светски нафтени компании се во државна сопственост) така и на големите пазари (државните компании претставуваат 80% од вредноста на кинеската берза и 62% од руската).

И понатаму се во подем. Погледнете ја речиси секоја нова индустрија и корпорациски гигант: кинеската компанија Mobile има 600 милиони корисници. Државните компании претставуваат една третина од странските вложувања во светот во периодот 2003-2010 г. Со оглед на тоа дека западот се наоѓа во страв, а пазарите во подем цветаат, Кинезите повеќе не ги гледаат државните компании како минлива станица на патот кон либералниот капитализам, туку како одржлив модел. Тие сметаат дека го редизајнирале капитализмот за да го направат подобар и сè поголем број водачи на земјите во развој се согласуваат со тоа.

Бразилската влада која во 1990-те ја прифати приватизацијата сега се вмеша во компаниите Vale и Petrobras и ги убедува малите компании да се спојат со националните гиганти. И Јужна Африка флертува со таквиот модел.

Ваквиот вид развој поставува две прашања: колку е успешен таквиот модел и какви се последиците во и вон пазарите во развој?

Поддрржувачите на државниот капитализам тврдат дека со овој модел може да се обезбеди и сигурност и раст. Дивата приватизација во Русија во 1990-те за време на Борис Елцин вознемири многу земји во развој и го поттикна ставот дека владата може да ја ублажи напнатоста која ја предизвикуваат капитализмот и глобализацијата со тоа што ќе обезбеди не само тешка инфраструктура од типот на патишта и мостови туку и лесна инфраструктура во вид на водечки корпорации.

(Горе: новата деловна област во Москва)

Владата на Ли Куан Ју во Сингапур, која е еден од носителите на оваа идеја, ги прифати западните идеи и им ја отвори вратата на странските компании, но исто така поседува уддел во многу од нив. Кина сега е водечки стручњак за тоа. тесната врска меѓу нејзината влада и деловниот свет несомнено ќе се разгледува на состанокот на глобалната елита во швајцарското одморалиште Давос, идната недела. Меѓу западњаците кои таму ќе присуствуваат, претставниците на владите често заземаат спротивни гледишта од претставниците на приватниот сектор. Кинеските делегати од обете страни, пак, имаат исто мислење, дури и ист патриотски начин на размислување.

Новиот модел воопшто не потсетува на катастрофалната национализација во В. Британија и на други места која се случи пред половина век. Кинеските компании добиваат договори во целиот свет. Најдобрите државни компании се свртени кон странство, стекнуваат вештини со котирање на странските берзи и преземање на странските компании. Владите исто така се селективни во поглед на контрола на корпоративниот сектор. Кина го намали притисокот на економијата: нејзините бирократи се насочуваат кон индустриите во кои можат да направат разлика.

Сепак, ако подобро го разгледаме овој модел ќе ги воочиме неговите слабости. Кога владата фаворизира одредени компании, останатите губат. Кинеската компанија Mobile и кинеската национална нафтена корпорација во 2009 г. заработиле 33 милијарди долари, што е повеќе од заработката на 500-те најпрофитабилни кинески приватни компании заедно.

Државните гиганти ги впиваат капиталот и талентите кои приватните компании можеби подобро би ги искористиле. Истражувањата покажуваат дека државните компании го користат капиталот на помалклу ефикасен начин одошто приватните и имаат побавен раст. Во многу земји државните гигнти ги трошат парите на модерни кули во време кога стопанствениците се борат да соберат капитал.

Веројатно трошоците ќе растат. Државните компании се добри во копирањето на другите, делумно зашто можат да ја користат силата на владата која ги поддржува за да набават технологија. Но во мигот кога треба да осмислат сопствени идеи тие стануваат помалку конкуретни. Државните компании со поголемо задоволство прават неколку големи потези наместо повеќе помали. Најголемите светски центри за иновации обично се мали компании.

(Горе: кулите Петронас во Куала Лумпур)

Овој модел не гарантира ни сигурност. Државниот капитализам функционира добро само кога го водат компетентни држави. Многу азиски држави имаат силна мандаринска култура, што Јужна Африка и Бразил го немаат. Компанијата Coal India и не е некој претставник на ефикасноста. Државниот капитализам им дава предност на добро поврзаните припадници на системот во однос на иноваторите однадвор.

Во Кина високообразованата „дворска свита“ го зграпчи својот плен. Во Русија грст „бирогарси“, често поранешни офицери на КГБ, преовладуваат во Кремљ и во бизнисот. На тој начин овој модел произведува ортачки односи, нееднаквост и, најпосле, незадоволство, како што државниот капитализам на Хосни Мубарак донесе во Египет.

Развиените светски сили отсекогаш ја користеле државата за да го придвижат растот, почнувајќи од Јапонија и Јужна Кореја во 1950-те, Германија во 1970-те или САД по војната за независност. Меѓутоа, со текот на времето овие земји сфатија дека системот има граници. Можеби ќе поминат неколку години додека овие слабости излезат на виделина, а во меѓувреме тие можат да предизвикаат многу проблеми. Инвеститорите во пазарите во развој мораат да бидат внимателни. Би можеле да влезат во судир со владата, а не само со компаниите.

Уште една грижа е и влијанието на овој модел врз глобалниот систем на трговија кој веќе се наоѓа во опасност. Да се обезбеди праведна трговија е тешко кога одредени компании ужуваат поголема поддршка од страна на владата. Западните политичари постепено го губат трпението поради државните капиталистички моќници кои го градат системот во корист на сопствените компании.

На државите во развој кои сакаат да остават трага во светот државниот капитализам очигледно им изгледа привлечно. Тој им ја дава придвижувачката сила за која на приватните компании би им биле потребни години да ја изградат. Но, неговите опасности претежнуваат над предностите.

За свое сопствено добро и поради интерес на светската трговија, оние кои спроведуваат државен капитализам мораат да почнат да ги намалуваат своите огромни уддели во фаворизираните компании и да ги продаваат на приватниот сектор. Доколку овие компании се толку добри како што самите тврдат, тогаш повеќе нема да им е потребна државната потпора.

Извор: The Economist

ОкоБоли главаВицФото