Доброволни даватели на туѓа крв!

14.03.2012 11:01
Доброволни даватели на туѓа крв!

Колку добро звучат лошите песни и лошите причини кога маршираме против непријателот! 

Фридрих Ниче

Се нафатив, во знак на поддршка на мировниот протест кој ќе се одржува во сабота на 17 март, да напишам еден текст. Морам да признаам дека никогаш не ми било потешко тоа да го направам. Не знам колку е паметно или целисходно во ситуација во која што сè, ама буквално сè што ќе се напише може да биде испревртено и злоупотребено. Што да напишам? Дека сум за мир? Еве, по петти пат бришам веќе напишана реченица затоа што ми изгледа банална. Ете, тоа ти е – мирот е банална работа. Што да напишам што илјада пати не сум го напишал и кажал – дека конфликтот е молк и дека после првата скршена глава настапуваат лоши песни и глупави причини за да може полесно да се маршира против непријателот? О да, конфликтот има звуци, но тоа не е зборување… Тоа е бука што заглушува и заглупавува…

Се сетив на еден документарец за скакулците – оние обични скакулци што водат нормален живот на скакулец кога се сами, но кога се во големи групи, збеснуваат, формираат роеви и јадат сè пред себе. Обичниот зелен скакулец, кога ќе се најде во поголема група, комплетно се менува. Ја менува бојата и го менува однесувањето. Она што е интересно е дека притисокот на групата обично резултира со промена на бојата и однесувањето на една единка, а потоа од неа, концентрично со геометриска прогресија, се шири на другите. Феномен на масовна трансформација на инстинктите, чувството на загрозеност ја трансформира единката и сосема други хормони се лачат, и започнува нападот на ројот врз сè што може да изеде… Арно ама, луѓето не се скакулци и оваа аналогија применета на масовните феномени останува некомплетна. Иритацијата кај скакулците ја предизвикува хемиски индуцирана комуникација меѓу единките и тие под дејство на хемикалијата која што ја испуштаат – брзо се трансформираат. Кај луѓето нема таков хемиски агенс…

Аристотел велел дека силата е нема и затоа таа не е предмет на политика. Политиката е поврзана со зборувањето, а силата е надвор од политиката. Тука веројатно лежи и причинита зошто не ми успева да го напишам текстов.

Она што ме зачудува – бидејќи луѓето не се скакулци – е способноста да не се соочиме со доброволните даватели на туѓа крв кои што произлегуваат од нашиот културен круг, туку секогаш да ги оправдаме со доброволните даватели на туѓа крв од спротоивставениот културен круг (јас снавистина имам проблем со терминиве како да ги напишам, а да не се исчитаат погрешно и лошо, па некој да ги исечка од контекст и после да ги злоупотребува до смрт). Од тој аспект, не го разбирам „Разбуди се“ и не можам да го разберам како им смета Латас, а не им сметаат нивните крводарители, и обратно. Така само се затвора кругот во кој скакулците си ги тријат нозете и збеснуваат дополнително. Ете, повторно направив грешка. Едноставно, невозможно е да се напише нешто што во ваква зовриена ситуација не може да се искористи за манипулација.

Се најдов во ситуација за првпат во мојот живот да се согласам со повикот на премиерот Никола Груевски – „Приберете си ги децата!“. Насилството е крај на политиката, крај на дијалогот, крај на разумот, крај. Но останува да ме мачи прашањето – кој е агенсот што ги тера луѓето да си го исклучат мозокот и да преминат a verbis ad verbera (од зборови на удари, од зборови на тела). Кој е вирусот? И повторно ќе се согласам со премиерот – „Говорот на омраза“.

Тукушто одгледав едно видео на кое два маскирани морона им се закануваат на муслиманите пред крст и сечат со нож и палат албанско знаме. Алсат побрза да ги покаже мороните на телевизија. Се моташе и еден клип за настан кој наводно се случил на денот на албанското знаме, во кој исто така неидентификувани морони, покрај оган (како во таа маса може да гори оган остана нејасно) го запалија македонското знаме. Нормално дека македонските медиуми потполно некритично ги зедоа снимките од Јутјуб и ги презентираа како факт. Кога вакви маргиналци стануваат главни вести и им се придава поголемо значење од тоа што го имаат – целите се јасни. Да, медиумите имаат одговорност за создавање на атмосфера на омраза. Говорот на омраза е 90% контекст.

Која е тука одбраната? Како да останете човек, а да не се претворите во скакулец? Изладете ја главата. Дајте ѝ шанса на полицијата да си ја заврши работата. Таа мора да ја заврши брзо и безмилосно. Дајте им на судовите шанса да си ја завршат работата, тие исто мора тоа да го направат. Државата мора да функционира и сите авантуристи мора да бидат соочени со сопствениот авантуризам. Да ја земете правдата во свои раце е најголемата неправда што може да ја направите и кон себе и кон другите. Не бидете материјал за доброволните даватели на туѓа крв. Размислете колку и како туѓите фантазми и интереси се навистина ваши? И вреди ли за нив да наѓубрите некоја нива? И дали навистина може да се решат проблемите со насилство?

Може ли конечно да почнеме да зборуваме зошто ни се случува сево ова, за промена? Имаме ли сила како општество да ја смениме приказната? Може ли да почнеме од себе? Да престанеме да ги слушаме оние што нè плашат и што нè буцкаат, и да почнеме да мислиме со своја глава, за свое добро, за доброто на блискиот, на комшијата, на заедницата… Да ги оставиме доброволните даватели на туѓа крв без крв, а за досегашната да им речеме – оваа крв е на ваши раце и на ваша глава!

Па, не сме скакулци!

Извор: rb.blog.mk

Слики: Теун Хок

Роберто, ти бе заврши

Роберто, ти бе заврши факултет или уште си со средно?

Mnogu dobar tekst. Uste

Mnogu dobar tekst. Uste podobra poraka.

ОкоБоли главаВицФото