Олимписки медалјони

16.08.2012 17:41
Олимписки медалјони

Што е Олимпијада? Тоа се игри на кои доминираат спортови кои стануваат интересни за гледање секои четири години. Накусо, тие стануваат интересни поради планетарната конкуретност и поради медиумскиот, поточно, телевизискиот спектакл.

Втора многу важна работа околу Олимпијадата е дека поговорката од 19 век – „важно е да се учествува“, важи само за наивните. Или, за оние кои се осудени да бидат аутсајдери. Главните играчи никогаш не се раководеле според вакви идеалистички начела. Особено не било така во втората половина на 20 век.

Сега, кога заврши Олимпијата во Лондон, која траеше 17 денови, луѓето ќе се свртат одново кон „вистинските“ спортови, во прв ред, кон фудбалот. Но, она што заслужува посебно внимание кај олимписките игри е тоа што тие својата популарност ја должат на фактот дека и преку спортот, преку таа најпопуларна забава или најголема опсесија на модерниот човек, се доаѓа до сознанието кој е главен во светот, кој напредува, кој е амбициозен, а кој покажува замор и полека излегува од глобалната трка за испраќање пораки за сопственото значење.

Италијанскиот весник „Ил матино“, учеството на своите олимпијци и осмото место според бројот на златните медали го сублимираше вака: „Италија во друштво на Г-8“. Значи, таму каде што и е местото, според економските перформанси и според утврдената меѓународна позиција.

Гладта за медали, како и секогаш, беше особено изразена и во Лондон. Одново беше видлива нервозата кај Американците кои на почетокот беа исплашени од кинескиот предизвик, што, впрочем, дојде до израз и на минатите игри во Пекинг. Се до средината на игрите, Кинезите собираа повеќе медали во т.н. „технички спортови“ или во спортовите кои носат многу медали. Се чинеше дека Американците ќе бидат поразени во најважната дисциплина – собирање медали.

И што направија американските медиуми додека трката навестуваше неизвесен исход? Смислија една итроштина, поточно, пакост: земјите беа рангирани според вкупниот број освоени медали, за секој случај, наместо да се даде предност во рангирањето според златните медали, како што впрочем сите европски медиуми го прават со децении. На крајот се покажа дека стравувањата биле неоправдани. Уште на четири дена пред крајот на Олимпијадата, лондонските букмејкери објавија дека САД ќе бидат први и според златните и според вкупниот број. Така и испадна: Американците беа први со 104 медали (46 златни), Кинезите освоија „само“ 87, од кои 38 беа со златен сјај.

Олимпијадите би биле едно многу здодевен спортски самит доколку Американците немаат конкурент. Се разбира, ако немаат непријател број 1, кој не е само спортски. Сегашниот ривалитет помеѓу Американците и Кинезите е голем, но, сепак, ни одалеку не е толку остар и толку интрасигентен како во времето на блоковите. Советите, но и целиот тогашен комунистички блок, беа партнери за почит. „Америте“ мораа да запнат со сите сили за да бидат први на олимпијадите организирани и доживувани како натпревар помеѓу капитализмот и комунизмот.

Постарите веројатно се сеќаваат дека американските пливачки и атлетичарки, во прв ред, не можеа да освојат златен медал, а богами и каква било медалја, поради источногерманките, кои беа вистински монструми и поради спортскиот инжинергинг на тогашниот режим, но и според фармаколошките и другите „биолошки“ компоненти кои беа вбризгувани во телата на тогашните атлети на ДДР. Источна Германија, која имаше само 20 милиони жители, редовно беше трета на ранг листата според медалите. Таква спортска нација, која се претвори во жетвари на медалји, веројатно, нема никогаш да се повтори. Кинезите нешто копираат од тој модел, инженерингот е сличен, ама, сепак, нив ги има една милијарда и тристотини милиони, а освен тоа, станаа многу побогати и многу поамбициозни. Сега имаат мотив да се докажуваат и преку спортот.

Ако се суди според спортот, комунизмот не требаше да пропадне. Но, барем во Европа, тој пропадна, што значи дека успесите во еден сегмент од вкупното живеење или, поточно, градењето на еден силен подсистем, каков што е спортот, не е доволна парадигма за целиот систем. Но, и сега, кога комунизмот е практично упокоен, се гледаат предностите од примената на долгорочното планирање, од широката спортска инфраструктура, од војната организација, но и од негувањето и од форсирањето на атлетската елита. Тоа го сфатија и нациите од т.н. слободен свет, па, оттука, спортот за олимписките игри, беше еден очебиен индикатор за конвергенцијата на системите. Комунистите и капиталистите учеа едни од други. Но, факт е и тоа дека и денес комунистичките елементи во спорот се се уште важечки и се применуваат.

Се разбира, постојат и нации на кои не им требаат ниту логистика, ниту инфраструктура, а ниту фармакологија за да создаваат врвни олимпијци. Постојат земји каде е пресудна само биологијата или само генот. Но, такви има малку – Етиопија, Кенија, Јамајка, и уште некоја држава.

Убаво е кога биосот го победува системот. Или, кога талентот е посилен од парите, од корпоративната логика и од перфектната организација. Симбол на таа победа и на таа спортска доминација денес е Усаин Болт. Мајкл Фелпс освои рекорден број медали, тој е „главниот жетвар“ и тоа треба да се почитува. Но, вистинскиот јунак, ѕвездата на Олимпијадата, симболот на атлетизмот е Јамајчанецот.

„Што е тајната на вашата брзина“, е едно од глупавите новинарски прашања што им се поставуваат на спринтерите од Јамајка. „Јадеме пржени пилешки крилца, кои се омилени во Јамајка“, бил одговорот на Јохан Блејк, сребрениот на 100 метри и „секундатот“ на Болт, кој на две трки носеше (недозволено) часовник вреден половина милион евра.

Американците ќе го накитеа со дијаманти и со брилијатни спринтерот кој ќе го победеше Болт и ќе го попречеше двојниот пораз во американските дисциплини – 100 и 200 метри, плус штафетата 4X100. Американците голтале горки пилули на неколку олимпијади. Така беше во 1972 година кога Валери Борзов ги победи американските спринтери во Минхен. На Американците им падна тешко и победата на Кубанецот Алберто Хуанторена на 400 и на 800 метри во Монтреал. Но, да бидат на двапати поразени едноподруго, со големи шанси, доминацијата на Јамајка да продолжи и во Рио де Жанеиро, е нешто крајно загрижувачко и тоа ќе ги измачува Американците барем уште четири години.

Какви „крилца“ ќе мораат да јадат американските спринтери? Дали НАСА ќе може да помогне? Или, попаметно ќе биде да се вклучи Имиграционото биро на САД, кое, можеби, ќе треба да дели неограничени зелени картони за луѓето од Карибите? Но, тоа се проблемите на најспортската нација на светот. Конечно, нема ништо лошо во тоа и вечниот победник на олимпијадите да има некоја ноќна мора.

Наредните денови нема да ги отворам спортските страници на нашите весници и портали. Зошто? Едноставно, ќе применам ментална хигиена за да не морам да ги читам „ангажираните“ коментари на колегите новинари и оцените на спортските функционери во стилот – колку пари, толку музика. Или, пак, дека нашите олимпијци во Лондон разочарале и дека подготовките за Олимпијадата во Рио треба да почнат веќе утре. Такви баналности и глупости се кажуваат веќе дваесет години.

Владата која се прогласи за најспортска во историјата на Македонија ќе мора нешто да објаснува, пред да излезе со стратегијата за иднината. Но, тоа, сосема е извесно, нема да се случи. Владата мудро ќе си молчи. Откако Груевски предаде во употреба четириесетина спортски сали, пресече ленти на десетина селски фудбалски игралишта, на тениски терени, а конечно, се потрошија педесетина милиони евра за „велелепниот стадион“, за спортски химни и за навивачки карвани, сега, мора да подвлече црта. Што ќе се прави во иднина. Зошто нема успеси? Зошто на олимпијадите сме тотални аутсајдери? Уште колку сали треба да се изградат за Македонија да освои некој медал? Уште стотина или две стотини? Или, пак, ниту три стотини нови сали нема да бидат доволни барем за еден медал или за едно олимписко финале?

Секој што ги следел олимписките игри знае дека Македонија имала успеси во две дисциплини: борењето и боксот. Делумно и во кајак на брзи води. Затоа, и јас како лаик можам да солам памет: наместо овие спортови, кои имаа долга традиција некако да се ревитализираат, бидејќи „пеливани-таленти“ и боксери имаме бездруго доволно, Владата форсира спортска инфраструктура, односно, троши исклучиво за цемент и за железо. Спортот и послужи на оваа власт да ја манифестира својата опседнатост со неимарството и со монументите. Мислам дека парите за една сала ќе беа доволни барем за да оживеат боречките и боксерските клубови. Но, тоа не се прави.

Ако нешто треба да се направи паметно и целисходно е да се следи примерот на т.н. мали спортски нации. На пример, треба да се учи од Хрватите, а особено од Унгарците, кои успеваат да ги одржат и оние спортови каде што традиционално секогаш биле во врвот.

Посебен феномен се Унгарците. Унгарија нема море, ама е пливачка велесила! Тајната на успехот не е само во базените, затворени или отворени. Австријците и Германците, на пример, ги имаат повеќе, ама не можат да ги надминат Унгарците. Веројатно, клучот на унгарското пливачко чудо е во добрата организација, во стручниот тим, во огромната армија на вљубеници и ентузијасти.

Не се сомневам каков ќе биде изборот на Груевски. Тој ќе биде „објективен“, односно парите за спортот ќе одат за објекти, наместо за субјекти. Тоа е дефектот на оваа власт, што не сфаќа дека треба да се вложува во луѓе, дека треба да биде отворена за таленти, за ентузијасти и за стручњаци. Но, тоа не важи само за спортот. Истиот однос и истиот пристап е доминантен и во т.н. културен сектор.

Оттука, оваа власт може да изгради уште стотина спортски сали до Олимпијадата и пак ќе бидеме аутсајдери во Рио. Најверојатно, така и ќе биде. Македонија нема да има успех на спортски план, меѓу другото, и поради тоа што има власт која форсира само послушници и партиски војници.

Извор: www.globusmagazin.com.mk

Спортот е бескорисен. Не

Спортот е бескорисен. Не храни луѓе, не создава вистински вредности. Дисциплините коишто се практикуваат се бескорисни во практичниот свет, освен можеби вредноста на (телевизискиот) спектакл. Спортот отсекогаш бил само спектакл. Римскиот Колосеум е добра илустрација за тоа: игри и насилство, со цел да се пренасочи вниманието и енергијата на јавноста кон нешто што е целосно тривијално - со цел да заборават на нееднаквоста и невозможноста да ги решат своите проблеми во реалноста.
Вистински ќе почнеме да ги решаваме проблемите ако едноставно заборавиме на спортот. Во секоја смисла.

А да заборавиме да дишеме? И

А да заборавиме да дишеме? И решение за сите проблеми...

Да заборавиме на спортот и

Да заборавиме на спортот и целата таа енергија да ја насочиме кон насилство врз оние кои имаат повеќе од нас. Откога ќе им одземеме доволно, ќе станеме инстантно еднакви. Море какви еднакви, наједнакви.

ti decko ne e loso da si

ti decko ne e loso da si proveris sto e Olimpijada pred da pisuvas gluposti. barem bazicni raboti bi trebal da znaes

Врти-сучи, го подбра Грујо.

Врти-сучи, го подбра Грујо. Mission accomplished.

Штета што содомија не е

Штета што содомија не е олимписки спорт...

Ucenici od OU

Ucenici od OU ,,Lirija,,_Skopje vo borenje sloboden stil vo seniorska konkurencija vo periodot od 1975_1989 godina,imaat osvoeno na OI (1 zlaten,1 srebren i 2 bronzeni medali), na SP (2 srebreni i 1 bronzen), na EP (5 zlatni,2 srebreni i eden bronzen ), na mediteranskite igri (4 zlatni).Se razbira i uste mnogu vo mladinska konkurencija. Za vozvrat, doznav deka nekoj se setil da posle 37 godini od prviot uspeh,otpocne so gradenje na sportska sala za borenje vo krugot na skoloto.Iako mnogu zadocneta odluka, sepak e dobro sto ke se izgradi,bez ogled sto e toa samo eden od preduslovite za postignuvanje na vrvni sportski rezultati.

ОкоБоли главаВицФото