Бебето од катран (5)

07.09.2012 10:23
Бебето од катран (5)

Докторат: мојата „слатка одмазда“

Во наредните десетина години, до раните осумдесетти, она малку од интелектуалната атмосфера на факултетот исчезна. Немаше веќе дебати за големите теми на домашната или надворешната политика. Политичката пресметка со либералите во партијата остави длабоки траги во свеста и поведението на професорите и асистентите. Како сите да прифатија нешто од карактерот на авторитарниот начин на владеење во државата: ги криеја своите чувства многу повеќе од порано, ја ставаа маската на лицемерието во политичките дебати и го озаконија кукавичлукот како најдобар метод на самоодбрана. На раководни места на Факултетот во и на Универзитетот дојдоа луѓе кои ја спроведуваа партиската линија, каква и да беше таа. Моите односи дури и со колегите кои ми беа блиски влегоа во сериозна криза а вината беше моја: сакав да „истерувам правда“, независно од последиците, наместо „да си ја гледам работата“, па така западнав во еден вид самоизолација.

Во меѓувреме, решив во целосна тајност и без да информирам кој било од постарите професори да го продолжам образованието најдалеку што можев од Скопје. Бидејќи идеологијата во мене не ми дозволуваше да ги пречекорам границите на државата, најдалеку, во секој поглед, па и во односите меѓу луѓето, во тогашна Југославија беше Љубљана. На тамошниот универзитет пријавив докторат од областа на меѓународните односи. Сеуште верен на идејата дека може да се помират социјализмот и слободата, но овојпат слободата и социјализмот во целиот свет (!), одбрав тема од областа на американската надворешна политика. Потпирајќи се врз литературата на американските „радикали“, понекогаш наречени „нео-марксисти“, пријавив тема под наслов „Корените на американскиот империјализам“ со поднаслов „марксистичка интерпретација на американската надворешна политика“. Менторот Владо Бенко, професор и некогашен дипломат, инсистираше текстот на тезата да биде на македонски, додека одбраната се одвиваше, како што се договоривме со смеење, на „неутрален“ јазик – српско-хрватски. Така го пробив обрачот на контрола на развојот и напредувањето кој мнозина професори го ставаа врз своите асистенти инсистирајќи докторските тези да ги пријават токму кај нив. Кога шефот на катедрата, човек кој имаше обичај да контролира сè што можеше да се контролира, вклучувајќи ги тука и пишаните формулации на речениците и искажаните мисли на своите колеги, го постави прашањето за потребата асистентите да размислуваат за пријавување докторат, посочувајќи ме конкретно мене, дојде моментот на мојата слатка одмазда: го информирав него и членовите на катедрата дека претходната недела докторирав во Љубљана! По молкот што завладеа, следуваа суви зборови на честитање.

Осумдесетти: реприза на прогон, овој пак како фарса

Некаде на почетокот на осумдесеттите, губејќи контакт со домашните и меѓународните реалности и нужните промени кои тие ги налагаа, атмосферата во партијата, со длабоката старост на нејзиниот водач Тито, дегенерира до таа мерка што луѓето почнаа да си играат мајтап при избори на раководни лица. Читањето некакви полуписмени материјали кои доаѓаа „одозгора“ предизвикуваа потсмев кај оние кои требаа да знаат и подобро и повеќе. Смеата траеше сè до моментот кога партиската организација на градот Скопје не реши на стариот начин да си ја испроба силата и да се пресмета со уште еден професор, кој напиша текст против вербалниот деликт во рамките на некаква конференција на кривичари. Приказната зад приказната е дека продорот на демократијата во текот на осумдесеттите беше поизразен во Словенија и Хрватска, но тие бранови, кои слободно се движеа во заедничкиот политички и економски простор наречен Југославија, се чувствуваа и во Македонија. Инаку, токму во такви прилики, кога ќе задуваа свежи демократски ветришта од север, знаев да се пошегувам дека е права среќа што не живеам во држава само со Македонци и Албанци. Обидот нашиот професор да го имитира слободарското поведение на еден истакнат загребски економист со кој контактираше, се судри со догматизмот на владеачката гарнитура во Македонија. Власта, се разбира, сакаше да покаже дека сеуште може да ги контролира луѓето, иако нејзината моќ веќе беше на заоѓање, па, така омалена, таа произведе една карикатурална имитација на настаните од седумдесеттите. Значи, овој пат, со сосема мал отпор, можеше да се одолее на притисокот од политиката врз науката. А, сепак, тоа не се случи. Напротив. На Правниот факултет одново се создаде атмосфера на лов на човек која создава силна возбуда кај потенцијалните учесници и гледачи. Понекогаш ми се чини дека таа возбуда беше замена за онаа која ја предизвикува интелектуалната дебата на луѓе кои живеат во услови на демократија. Ревносни професори ја обезбедија енергијата и аргументацијата која му недостасуваше на градскиот комитет на партијата во борбата против ова најново „идејно застранување“. Лекцијата научена од искуството од седумдесеттите беше дека најбезболно е жртвата веднаш да се принесе на олтарот на партијата, а пожелно за персоналната кариера е да се биде во првите редови. Ева, партијата која веќе беше на умирање, едноставно немаше сила да се справи со жртвата. Професорот, после серија понижувачки партиски состаноци, целиот распаметен ги напушти салата и партијата. Но, се случи она што беше невозможно само петнаесеттина години порано - ја задржа својата професура. Власта веќе не му можеше ништо. Тркалото на историјата веќе се беше свртело кон поголема слобода во други делови на Југославија и ја повлече и Македонија.

Во мојата дискусија реков дека демократскиот принцип ни налага да го почитуваме правото на нашиот колега на сопствено мислење и, се разбира, ја осудив постапката на партиската организација да суди некому заради изразен став на собир на кривичари. Инаку, петнаесеттина години порано, воочи пресудата врз Милосавлевски, професорот кој стана предмет на шиканирање од своите колеги во партиската организација, искрено потресен и со насолзени очи ми рече дека е застрашувачко сознанието дека партијата располага со нашите животи, но дека тој лично нема да се спротистави на одлуката на партиската организација зашто е залуден секаков отпор. Патем, ме предупреди пријателски дека ако не научам „да се облечам кога е студено и да се соблечам кога е топло“, ќе ја доживеам „судбината на ретките ѕверки кои едноставно изумреле“. Не беше во право. Побргу изумре ситемот кој не успеа да се помири со принципот на слободата отколку поединецот кој се раководеше од тој принцип во своето поведение. Се разбира, за независно поведение во еднопартиски систем, мораше да се плати некаква цена. Во паузата еден мој пријател ми шепна дека ако продолжам да зборувам вака никогаш нема да станам амбасадор на Југославија, знаејќи дека веќе го положив испитот во министерството за надворешни работи во Белград. Беше во право - амбасадор на Југославија не станав.

(продолжува)

Кон првиот дел

Кон вториот дел

Кон третиот дел

Кон четвртиот дел

Фотографии: Алексеј Мјакишев

 

Де бе Денко, се испофали.

Де бе Денко, се испофали.

Слични содржини

Историја
Општество / Историја
Општество / Став / Историја
Општество / Книжевност / Историја
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото