Бебето од катран (4)

05.09.2012 12:27
Бебето од катран (4)

Политички прогонства, седумдесетти

Ништо толку не ги корумпира манирите, и поведението на професорите на Правниот факултет, како хајката против секретарот на централниот комитет на македонскиот сојуз на комунистите Славко Милосавлевски, соработникот на Крсте Црвенковски, претседателот на македонските комунисти. Мотивите кај луѓето, активно или со молчење, да се придружат на свирепата игра на понижување на свој колега професор беа различни - некои го сторија тоа за да ја зграпчат приликата да направат политички кариери, други, пак, заради страв од одмазада. Сите наши дотогашни теоретски несогласувања околу слободата и социјализмот се претворија во карикатура пред страста за политичка одмазда поттикната од највисокиот партиски врв. Во месеците што следеа беше срушено достоинството на цела една професија која би требала да почива врз принципите на вистината и правдата. Имено, иако не беше вистинито дека идеите на Милосавлевски влијаеле негативно врз студентите, а уште помалку беше праведно тој да биде отстранет од Факултетот, власта си го истера своето. Мотивите наречени себесочувување и себепромовирање, посилни од оние на слободата, ги направи професорите соучесници во едно интелектуално злосторство. Не дека немаше обиди партиската организација на факултетот да ја избегне наложената задача со апел до највисокиот орган на партијата, чиј член беше Милосавлевски, самиот да му пресуди. Циничниот одговор од високите органи на партијата, беше: „Таква ви била среќата, тој да е и член на вашата основна организација“. Не дека немало обиди самиот професор да се искупи за своите „гревови“  во очајнички обид да не падне во немилост на власта и да ја загуби работата. Одговорот на ново-стариот властодржец на барањето на Милосавлевски да го прими на разговор, во кој, претпоставувам, професорот би ја изразил верноста на партијата, а можеби и на новата гарнитура, бил негативен. Всушност, приказната е прастара и ја знаат сите кои го читале Тукидид или Едвард Гибон. Тоа е приказна за задоволувањето на одмазничките страсти на секое тиранско владеење преку застрашување кое произведува соучесници од луѓе кои тоа не би смееле да бидат. Лекциите од историјата не учат дека сонот на секоја тиранија бил да направи соучесници во своите свирепи игри особено од луѓе чии постапки би требало да се мотивирани од идеите на сободата, за потоа да ги презираат заради нивниот кукавичлук.

Финалето на оваа понижувачка драма која се растегна цела година, ме затекна во војска, во гарнизонот во Битола. Без да го информирам претпоставениот за намерите на моето одење во Скопје,  се качив на автобус и дојдов на состанокот на партиската организација на Правниот факултет. Атмосферата беше траорна и одмазничка. Во воздухот се чувствуваше стравот и немоќта пред апсолутната власт на партијата која што, се покажа, располага со нашите животи. Катадневното присуство на луѓе од полицијата на Факултетот им втера страв в коски на професорите и асистентите. А, сепак, стравот како да произведуваше некое чудно задоволство и спокојство. Задоволството произлегуваше и од фактот дека самите тие не се предмет на ваква брутална политичка одмазда, а спокојството од фактот дека сите се беа помириле дека одлуката е веќе донесена и дека тие нема да ја оспорат изложувајќи се така на залудни и непотребни непријатности. Така, во еден жртвен ритуал исполнет со обвинувања на неколкумина и молчење на мнозината, професорот беше исклучен од партиската организација. Набргу потоа тој беше пензиониран на возраст од нешто повеќе од четриесет години. Што се однесува до моето поведение, одржав некаков емотивен говор во кој апелирав да се спротиставиме на притисокот и да го одбраниме интегритетот на обвинетиот професор а на гласањето се изјаснив против предлогот на организацијата. Тука некаде падна завесата на оваа брутална политичка претстава. Потоа, заедно со професорот Милосавлевски тргнавме забрзано и бесцелно да се движиме низ уличките на Тафталиџе во обид да се ослободиме од неподносливата внатрешна тензија. Татко ми, кој во тоа време беше амбасадор на Југославија во Полска, на веста за настаните на Факултетот кусо ми порача:„ Она што си го сторил и што си го кажал ќе ти создаде многу непријатели, но и тие, непријателите, ќе те почитуваат“. Мајка ми, пак, ми порача сепак да внимавам на сопственото здравје, мислејќи пред се на она психичкото.     

Јас некако и се соземав, но Правниот факултет никогаш повеќе не се созема. До ден денешен. Морално и политички корумпираните манири од времето на еднопартискиот систем, во услови на демократија и слобода, само се мултиплицираа, црпејќи сила од демократијата и од „пазарните околности“. Корупцијата стана и ментална и материјална и си отвораше простор преку рушење на секаква хиерархија и авторитет. Исчезна дури и авторитетот и хиерархијата на знаењето. Сите станаа исти: во услови на хаос наречен слобода, секој можеше да прави што сака. Слободата, како и диктатурата претходно, произведе свои насилници: непристојни, арогантни луѓе без углед. Токму како прототипот на Андриќ во „Конзулските времиња„: „Беше тоа човек без углед. Нему никој ништо не му можеше. Добро беше да му се тргнеш од патот“. Тргајќи и се на арогантноста, на просечноста и на вулгарноста од патот, значеше да се помириш со фактот дека, иако ти си слободен да го правиш тоа, твојот факултет никогаш  нема да посега по она што би требало да биде стремежот на науката и на образованието секаде во светот – excellence, одличност. Одличноста како непријател дури и на доброто, а камоли на просечното! А доскоро единствениот правен факултет ги создаваше во професионална и во морална смисла сите кадри за државата – од администратори до судии и министри. Кога дојде конкуренцијата, пак, трката тргна во обратната насока од одличноста - „надолу“ а не „нагоре“!  

(продолжува)

Кон првиот дел

Кон вториот дел

Кон третиот дел

Фотографии: Алексеј Мјакишев 

Саморазубавување.

Саморазубавување.

ОкоБоли главаВицФото