Градот е она што некогаш беше фабриката (2)

04.10.2012 18:12
Градот е она што некогаш беше фабриката (2)

Заедничкото – нов начин на управување со ресурсите

Понекогаш, просторот на градот се користи како простор за мобилизација бидејќи само тоа ни преостанува. Медиумите им испраќаат еднострани информации на владејачките институтции или странки и затоа нам ни треба „простор на појавност“ каде што може да бидеме видени и чуени. На пример, нужен е просторот пред влезот на фабриката или универзитетот, затоа што она што се одвива внатре во зградите не се забележува. Истовремено, денес во Хрватска, по дваесет години приватизација, изгледа дека земјата е единственото преостанато добро што не може да се приватизира. Во ваквата ситуација, нашите активности се фокусирани главно на просторот, земјата, материјалните ресурси и проблемите околу нивната сопственост.

Еден од проблемите со владеењето на сопственоста е нејзината исклучива природа, зашто не дозволува демократско одлучување, па многу луѓе се исклучени од она што им е потребно. На пример, ако зборуваме за подрачјата како што се воените зони во Пула, ако тие сега станат дел од сопственост, тогаш стануваат ексклузивни. Граѓаните не само што не би имале можност да профитираат од тие подрачја, туку не би можеле ниту да носат одлуки за тие простори.

Ако станат приватна сопственост?

Тоа е сигурно точно, ако станат приватна сопственост, во тој случај тоа е многу јасно. Меѓутоа, ако станат јавна сопственост, некој би можел да замисли општество во кое одлуките на државата се токму демократски одлуки, но моментално, одлуките на државата се само маска за приватната сопственост. Неолибералната држава функционира како канал, алат или средство на приватната сопственост. Секако дека ни социјалистичката држава не беше демократска. Социјалистичката држава исто така имаше многу ограничен круг на тела или луѓе што ги носеа одлуките. Претпоставувам дека ако сум присилен да изберам меѓу овие две опции, би се обидел да ги одбијам и двете. Важно е да се каже дека тоа не се единствените можности и дека треба да создадеме нов начин на управување со ресурсите.

Значи, не се работи за прашањето на сопственоста, туку за начинот на оргазинирањето на производството и управувањето со ресурсите што го надминуваат проблемот на сопственоста. Заедно со Негри предлагате поместување од сопственоста на поимот заедничко добро.

Ми се чини значајно колку широко се распространува, дури и се троши, поимот зедничко. А тоа на некој начин го забрза финансиската криза. Тоа е еден од оние концепти што толку брзо се движат што стануваат збунувачки. Понекогаш сум сомничав околу некои употреби на тој поим заедничко што го промислуваат како враќање на некоја мината општествена организација, замислувајќи дури и предкапиталистичко време. Тоа е мојата прва реакција на употребувањето на поимот заедничко во служба на синтагмата заеднички добра. Претпоставувам дека мојот страв се создава кога заедничкото ќе се дефинира како одек на минатото, а тоа со себе ја носи опасноста од пресликување на минатите хиерархии што се подразбираат. Споменавте дека комунал е традиционален концепт, се прашувам што тоа повлекува со себе?

Овој поим сè уште се користи во Истра и некои простори и понатаму се опишуваат како комунал, но во погрешна смисла. На пример, ако постои парче земја за коешто никој не се грижи и сите го користат како, да речеме, простор за собирање ѓубре, тој се смета за комунал. Старото значење на тој поим денес е исчезнато, зашто исчезнаа и иституциите што ја нарекуваа таа земја комунал, но земјата остана заедничка. Ние се ангажиравме во развивањето на тој концепт, почнувајќи од неговата сегашна негативна позиција и обидувајќи се врз него да изградиме позитивна конотација. Можеби едно од решенијата е да се задржи историскиот назив, но да се размисли како би можело денес да се управува со комуналот. Сличен е случајот и со поимот самоуправување во Југославија, модел што имаше свои предности и недостатоци. Некои работници во Хрватска, како оние на бродоградилиштата, денес бараат самоуправување, но не бараат модел што бил применуван пред шеесет години. Тие концепти денес се враќаат од заборав, и не само што се користат, туку и се преобликуваат.

Едно од клучните прашања кај поимот „заедничко“ е дали може производството, односно производствената соработка, да се организира на автономен начин? Тоа е прашање на самоуправата на фабриката, можат ли работниците само да ги организираат сите аспекти на производството и дистрибуцијата? Истото важи и за просторот, дали оние што го користат се способни да го организираат неговото користење за доброто на сите. Тоа е она што го докажаа движењата за заземање на плоштадите – дека луѓето се способни за тоа!

Но, дури и ако сме свесни дека сме способни да го направиме тоа, нешто нè кочи. Во вашите дела често се фокусирате на прашањето на наемот како механизам со кој вишокот вредност се црпи од секаде, дури и од автономно организираното производство.

Наемот е во суштината на црпењето на вредностите што се произведуваат на друго место. Наемодавецот, оној што ја собира наемнината, не е вклучен во процесот на производство, но едноставно од него зема процент, додека капиталистичката идеологија со векови ни говореше дека капиталистот, напротив, е продуктивен. Старото тројство на традиционалната политичка економија говори за три ресурси – наем, капитал и работа, а во суштина, низ двесте години капиталистички развој, се случуваше постепено поместување од наемот кон капиталот. Она што го прави капиталистот е влегувањето во производствениот процес, создавањето производствени односи, поврзување на работниците и на тој начин всушност создава вредност. Тоа јасно може да се види во делото на Џон Мајнард Кејнз. Тој ја опишува и посакува „еутаназијата на наемодавците“, крајот на тоа паразитско присвојување на вредноста по пат на исцрпување, па го слави капитализмот како активен процес на создавање вредности. Но, она што се случува во последните децении, е чекор наназад, од капиталистите до наемодавците. На апстрактно ниво, и недвижностите и финансискиот сектор, капиталот како два доминантни типа на црпење вредност, функционираат преку наемот. Пазарот на недвижности црпи вредност, не работејќи ништо продуктивно. Начинот на којшто се заработува по пат на недвижности главно не е преку подобрување, туку едноставно со пазарните односи на црпење на вредноста од останатите. Финансискиот капитал исто така не учествува во производствениот процес, туку дистанцирано на страна од производството, од него црпи вредност. Во некоја смисла, недвижностите, заедно со финансиите, стануваат главен начин на заработка. Тоа не е главниот начин на производство на вредности, туку основен начин на кој тие се исцрпуваат. Од гледиштето на традиционалната капиталистичка идеологија ова не е правилно, затоа што традиционалната слика на капиталистот е онаа на претприемачот што токму создава и организира, додека наемодавецот, трговецот со недвижности или менаџерот, само цица крв.

Дали е тоа случај и со туризмот?

Оние што профитираат од туризмот, хотелската индрустрија и слично, профитираат од екстерналии. Карактеристично за профитот во капитализмот е што соработува во производствениот процес, а сето ова се работи што не се вклучени во тој процес, туку се надвор од него. Во нив се вклопува и туризмот.

И туризмот се темели на шпекулации со недвижности, ја поседува истата логика. Ја крева вредноста на земјиштето така што ќе му го наметне, на пример, терминот „атрактивно“. Ние овде живееме во теророт на атрактивноста! Не можеш да иградиш градина на таканаречено атрактивно подрачје, не можеш да изградиш училиште од истата причина... Градоначалникот на Дубровник неодамна изјави дека вредноста на земјиштето во Дубровник толку порасна што на градската управа ѝ станало невозможно да управува со неа. Така, главното прашање е како да се избегне тој режим на атрактивноста?

Во отпорот на таквиот режим нема скратени патчиња или спонтани дејства, тие работи едноставно треба да се организираат, но секако, јасно е дека луѓето можат да покренат таков отпор. Што се однесува на тоа како да се спротивстават на нешто такво, иако тоа никако не го препорачувам, би го споменал корзиканскиот модел на кревање во воздух на непожелните згради. Ако сакаат да изградат луксузен хотел, ќе го разнесеме, ако сакаат да донесат туризам, ќе го саботираме. Ова се покажало како релативно успешен начин да се пречи Корзика да стане туристички рај. Не препорачувам такво решение. Не го знам одговорот, ама тоа е добро прашање, како да се спротивставиме на беспоштедната моќ на парите? Во САД, во осумдесеттите, тоа го направи кокаинот: вредноста на недвижностите во Њујорк не растеше поради крекот. Тој ја држеше ниската вредност на недвижностите. Значи, ги имате бомбите и крекот.

Во ред, ќе смислиме нешто. Ќе го блокираме градот.

Интересно ни е тоа што, заедно со Негри, тврдите дека метрополата е за мнозинството, она што беше фабриката за работникот. Зошто метрополата е толку важна?

Воочивме три паралелни врски меѓу метрополата и фабриката. Како и фабриката, метрополата сега е местото каде што произведуваме, каде што се експлоатира нашата работа и токму како фабриката, тоа е местото на бунтот. Метрополата станува место каде што бунтовите се моќни и атрактивни. Блокадата на градот е вистинска закана. Додека просторот на фабриката беше место на производство на вредности, а остатокот на територијата му беше, на некој начин, подреден на тоа производство, сега елементите и постапките на производството се многу пораспространети на урбаните територии. Имајќи предвид дека целокупната урбана територија стана место на производство, истовремено стана и место на бунт. Сметам дека е концептуално правилно да се размислува за пикетеросите во Аргентина во 2001 година, што самите себе се дефинираа, дури и парадоксално, како невработени работници, а потоа изјавија: на кој начин можеме да штрајкуваме ако не сме работници? Па наместо да ја блокираат фабриката, одлучија да го блокираат градот. Сфатија дека во денешно време, блокирањето на градот, како што беше и блокирањето на фабриката, истовремено значи и блокирање на производството. Ако ја прифатиме идејата за производство на целата територија на метрополата, тогаш се отвораат и повеќе можни места за бунт.

Исто така, оваа промена на територијата ги менува и барањата, како во седумдесеттите во Италија, кога борбата се прошири од фабриките во градот, се променија барањата и тактиките – од борбите за плати на оние за станбените состојби, смалувањето на цените на комуналните услуги, наемнините...

Во класичните економски термини, за коишто сметам дека веќе не се применливи, бунтот се преместува од продукцијата на репродукцијата, или како што кажавте, она што генерално е сметано за место на репродукцијата – становите, храната, здравството, сите тие елементи сега стануваат места на бунтот. Би рекол дека веќе не постои јасна дистинкција меѓу продукцијата и репродукцијата. Во некоја смисла тоа е теориско прашање, но има реални последици врз нашите животи, создавајќи места на коишто можеме продуктивно да се побуниме.

Понекогаш ги опишувате тие бунтови како штрајк на метрополата. Некои бунтови што ни се познати, се случија во Кутина или на Брач, во кои што работничката борба се прошири на целото место, можат да се споредат со споменативе. Можете ли да ја објасните разликата меѓу генералниот штрајк и оној на метрополата?

Во многу нешта се слични, единствено се променија местата каде што бунтот е попродуктивен. Генералниот штрајк во времето на Роза Луксембург беше заедничкиот штрајк на работниците вработени во различни сектори. Ако денес зборуваме за тоа, би требало да биде многу поголема општествена блокада. Во Понтекорвовиот филм „Битката за Алжир“, се објавува штрајк, но не само работнички штрајк, туку на работниците им се придружи општеството во целина и сите одбиваа да го прекинат штрајкот. Значи, штрајкот на метрополата е многу радикално, генерално неодобрување. Таквите спротивставувања не бараат нужно апсолутна блокада, имајќи предвид дека би било многу тешко да се организира секој да го сопре својот општествен живот. Она што може да му наштети на моменталниот систем се бројните различни видови бунт.

Најважното прашање за нас – како таквиот бунт внатре во градот може да стане творечка сила што може да го трансформира, како можеме неодобрувањето да го претвориме во создавање?

Јасно е дека едното не оди без другото. Одбивањето само по себе не води никаде. Исто така, сметам дека бунтот мора да е проследен со продуктивност, дури и експериментите што ги споменавте. Во Пула, на пример, не може да се работи исклучиво за спротивставување на продажбата на територијата на некој девелопер што сака да изгради вили за богатите, туку бунтот треба да се комбинира со практични алтернативни начини на користење на просторот.

Првиот дел од интервјуто со Мајкл Хард може да го прочитате овде.

Извор: Zarez

ОкоБоли главаВицФото