We are the Borg!

09.10.2012 12:02
We are the Borg!

We are the Borg. You will be assimilated. Resistance is futile!

Боргите се колектив. Боргите се хибрид меѓу биолошки организми и машини. Боргите немаат индивидуална свесност, тие живеат и функционираат во „рој“, раководени од свеста на кралицата. Ги асимилираат сите култури со кои доаѓаат во допир, а асимилираните единки ги користат како дронови во „ројот“. Кога одат, по малку наликуваат на зомби. Не знаат што треба да прават кога некој ќе ги исклучи од системот за комуникација и управување. Боргите се сметаат за најголема закана за Алфа квадрантот, во кој, меѓу другите, живее и човечкиот род.

Сите кои се соочуваат со борговската закана, најпрво ја увидуваат и се заплашуваат од огромната способност за насилство, способност масовно да уништуват животи за дел од секунда. А, како тоа да не е доволно, она што треба го скрши моралот и на најхрабрите и најпосветени борци, она што треба ја уништи вербата и во најголемите оптимисти е фразата која ја замрзнува крвта: „Отпорот е залуден!“

Ужасната квази-раса, Борг, постои во научно-фантастичната серија „Ѕвездени патеки“. Во реалноста ги нема, најверојатно затоа што нивото на технолошки развој сè уште не го дозволува тоа. А, сигурен сум дека постојат многу организации и групации кои радо би употребиле таква технологија само за да ги „ослободат“ луѓето од здравиот разум и самостојното размислување. Зашто, ова е подобро и од Орвел! Нема потреба од тајни служби, нема потреба од набљудување, притисоци, уцени... Нема ум надвор од „ројот“.

Како и да е, тенденцијата за што поголема контрола врз умот и телото на луѓето во Македонија, веќе може да се каже, е системски поставена. Партијата на власт остварува реална доминација во сите институции на државата, а процесот на донесување одлуки е префрлен во партиски тела. Општествениот, економскиот и културниот живот се под директна контрола и условеност од стратегијата и одлуките на „комитетот“, а медиумите... Медиумите фатени за гуша со владините реклами и кампањи не ни помислуваат да пуштат друга сапуница освен вмровската.

Ваквата поставеност овозможува неколку придобивки за оние што ја „имаат власта“. Основната е дека сите ресурси на државата се поставени во функција на пропагандата. Цело време, на сите нивоа и преку сите средства за комуникација се сатанизира политичката и културната опозиција. Секогаш и секаде македонскиот граѓанин е потсетуван за демонската природа на оние што се против ВМРО. „Политичката опозиција е виновна за бедата во која живеете сега! Политичката опозиција сака да ја уништи државата и работи за странски интереси!“ – грми мантрата на маркетинг одделот на владејачката каста. „Сите здруженија на граѓани кои не се финансирани од власта, се соросоиди и странски шпиони! Тие се опасни за Македонија и немаат право да бидат активни во јавниот живот!“ – дотураат детергент во машината за перење мозоци. „Секој облик на граѓански протест и незадоволство сигурно е поттикнат и поддржан од опозицијата или соросоидите и како таков нема потреба да постои! Членовите на СДСМ и активистите на „соросовите“ организации не смеат да бидат дел од која било граѓанска иницијатива, тие впрочем и не се граѓани! Граѓаните имаат обврска да бидат благодарни и да протестираат само за настани и појави кои се случиле кога ВМРО не била владејачка партија! Оние граѓани кои нема да се приклучат на таквите „конструктивни“ изблици на народна волја, ќе бидат избркани од работа!“ - на искезеното лице на Партијата се гледаат забите, веќе не знаеме дали тоа е насмевка или закана.

Ваквата пропаганда (видена поразително многу пати во историјата) во крајна линија се сведува на една вистина која треба да се всади длабоко во секоја глава: Кој е против ВМРО, тој е против владата, што значи дека е против Македонија. Оние што се „против“ ВМРО, автоматски се надвор од „ројот“ и како такви имаат две опции: да бидат асимилирани или да бидат уништени.

Интересна е една појава. Откако ќе бидат асимилирани, дроновите ги додаваат своите знаења, вештини, способности, дури и сеќавања на оние на ројот. А, во исто време, колективот ги лишува од нив. Во рамките на ројот не постои творештво, способност за учење, за расудување, сите тие атрибути се предаваат на кралицата на Боргите, гротескен ентитет кој има глава, но нема тело. Кралицата се одржува себеси во живот само преку асимилирање на нови способности и целосното негирање на слободата на нејзините дронови. Ретките случаи кога некој дрон ќе биде оттргнат од системот за контрола и комуникација, покажуваат една стравична вистина: Дроновите се плашат од слободата, несигурни се надвор од правилата кои владејат во ројот, кои иако крајно ограничувачки, му овозможуваат на дронот постоење без одговорност и иницијатива, без самостојна активност која не е наредена од „горе“. И во крајна линија, навремена регенерација и дополнителна автоматизација на телото. Совршен баланс на садистичкиот елемент на владетелот и мазохитичкиот елемент на поданикот – дронот.

Во една книшка со црвени корици, на кои пишува ДОКТРИНА, авторите, меѓу другото, напишале: „Ние им се придружуваме на оние што го критикуваат концептот за слобода, а кој се базира на левичарската идеологија“. Во таа левичарска идеологија, основната слобода, која воедно е и одговорност, е секој човек, постојано и од секој можен аспект да критикува сè што постои во светот на човекот. Постојаната критика предизвикува постојан процес на унапредување на нештата, предизвикува постојан прогрес и движење кои светот во кој живееме го прават сè подобро место за живеење. Како антитеза на конзервативизмот кој насекаде поставува кочници и го замрзнува општеството во фаза во која што е и со вредности какви што се, левичарската идеологија постојано ги става под знак прашалник состојбите и вредностите барајќи нови и подобри, секогаш ставајќи го човекот во прв план и хуманизмот како идеја водилка.

Можеби претходниве редови изгледаат како дигресија која не е сосема поврзана со остатокот од текстот, а уште повеќе сосема неповрзана со Боргите. Сепак, оние што потрошиле часови и денови гледајќи ја борбата меѓу Алфа и Делта квадрантот во нашата галаксија знаат дека сите оние што ја слушнале реченицата: „We are the Borg. You will be assimilated. Resistance is futile“, без исклучок и размислување пружиле отпор. Гинејќи масовно и често присилени да избегаат од својот дом (колку ми е познато ова второво!), сите свесни форми на живот се решаваат за отпор и одбрана на својата слобода, за на крајот и да успеат во таа борба. Едноставно и просто отфрлајќи ја секоја можност за напуштање на концептот на слобода и можноста да се критикува според сопственото убедување. Затоа, секој пат кога ќе слушнете апотеоза на помирувањето со состојбите и спомнување на наведнатата глава и сабјата во иста линија, помислете за момент дали сакате остатокот од животот да го минете како боргиски дрон или ќе го кренете гардот.

Слободата не е состојба во која се ужива. Слободата е мачен и напорен процес на циклична борба против авторитаризмот, деструктивноста и конформизмот. Слободата е состојба во која линијата на помал отпор, која овозможува медиокритетско битисување според нормативите на доминантната култура и идеологија, се отфрла во целост и постојано. Слобода е да ја прегрнеш несигурноста и опасноста од живеењето според сопствените одлуки и убедувања. 

ОкоБоли главаВицФото