Мртви сити

12.10.2012 11:51
Мртви сити

Црвенковски докажал дека нема криза во односите меѓу вмро и дуи. Тоа е мошне интересно откритие еднакво на тоа дека кучето не може да стои на две нозе. Што се докажува така што кога песот моча со крената десна нога под споменикот на основачите на вемерето, некој од опозицијата внимателно му приоаѓа и сосема левтерно му ја крева и левата. Во земјите со развиена демократија опитот се вика "кучешка интерпелација" или "интерпелација на кучето".

Во Институтот "Макс Шланк" во Лајпциг пресметале дека неверојатното откритие за односите меѓу двете владејачки партии со помош на интерпелациската кобалт бомба врз собранискиот тумор е поголем дострел на човековиот ум од откритието на пицајзлите или на феноменот на таканаречените "опозициски самоубиства безвезе".

Други, пак, врз основа на истите материјални докази тврдат дека "интерпелацијата е поза во која група манијаци сексуално општат со сивата маса на распаметениот народ", што ќе каже дека нападот на лесната опозициска коњица врз пасковидната утврда на власта и одбраната на власта со помош на собраниските крокодили во каналите пред ѕидините на моќта, беше претстава за која простиот народ знае да каже дека е "дупење у мозок" (дупење во здрав мозок): со помош на една претстава (интерпелацијата) беше разобличена друга (кризата во власта) претстава при што како нова состојба е добиена трета претстава (предизборна калакурница) која на почетокот на следната година ќе се обиде да се заокружи со претстава (избори) во која интегритетот на луѓето ќе биде доизмолзен во канистрите за глупирање по основните школи и месните заедници и задруги, демек, во картонските кутии на гласачката заебанција.

Веднаш по интерпелацијата отидовме со американскиот амбасадор во Скопје да пазариме евтина тоалетна хартија во новиот Сити мол.

-Тритсцхко, мај френд - почна амбасадорот скриен зад купиштата трослојни "паломи" - со еден потег лидерот на опозицијата покажа дека владата не е лажно единствена туку дека е единствена во лагата, работа што на просечниот американски институт ќе му одземеше две години интензивна и скапа инвестигација. А ју ноу?! Кажи ми, пријателе, на што се должи тој, јас би рекол, неисцрпен талент на Црвенковски?

-Ах, Екселенцијо, на што се должи талентот на Црвенковски не знам, но знам дека фасцинантните ефекти на неговата работа не се должат само на талентот туку, пред сè, на деноноќната посветеност и работа во интерес на татковината. Единството не мора да е лажно ако се темели на лагата - ние сметаме дека тоа откритие има, како да кажам, една чисто декартовска димензија и дека во некои идни класификации можеби ќе го престигне откритието на Америка по своето значење.

-Да не претеруваме, Тритсцхко, да не претеруваме...хе, хе, хе... види го овој "милде" со мирис на камилица, само 100 денари, знаеш ли колку е оваа хартија во Амевика, мај френд, Маседонија ис бјутифул енд ефтина кантри....

Така си зборевме јас и Волерс, но, да се вратиме сега на темата:

Имам впечаток дека опозицијата се бори во контекст кој не постои и во држава која не постои и дека тоа, а не фаличноста на фактите за лоповлукот на власта за кои зборува кај ќе стигне, се основната причина за нејзините порази. Македонија што беше изградена на антифашистичките темели е темелно деструирана, капитализмот е вулгаризиран и изобличен во етатистички клиентилизам, а демократијата е карикатуризирана во името на единството на народот, на власта и на водачот изградено во седумгодишното мешање на коктелот од хистеријата на простата маса и страшната депресија на здравиот разум. Во таква ситуација опозиционерите се однесуваат како венецијански дуждови кои пропуштиле да забележат дека нивната империја е однесена од историскиот виор и сега мислат дека работите можат да ги исправат ако му стегнат една интерпелација на шатковидното монструмче од Корзика. Нашите дандоли морализираат на венецијански начин (зборови, интонации, гестови) во услови на еден веќе сосема консолидиран бонапартизам кој, пак, не е изграден против отпорот на опозицијата туку со помош на опозицијата, на тоа што таа во изминативе седум години го работеше односно не го работеше. Последната интерпелација е нова цигла во тоа здание по повеќе основи, но јас тука сакам да ја потенцирам најважната: ширењето на вистината за немоќта на опозицијата со јасната ерозија на нејзината релевантност како политички фактор на начин кој го засилува предметот на нивните напади - власта.

Втората работа што исплива на површина во собраниската расправа е неверојатното единство меѓу вемерето и есдеесето по некои клучни прашања како што е ставот дека никогаш нема да дозволат Албанец да биде премиер (врз основа на кои устави, закони, конвенции, принципи, би било добро да се чуе), како што е темата за бранителите (со исклучок на Тито Петковски), како што е непомирливоста по прашањето за името или како што се подударностите во однос на некои актуелни случувања врзани за албанската химна, знамето, преименувањето на некои училишта и сл. Кај некои посматрачи и учесници во расправата тоа беше сфатено како антиалбанско профилирање на сдсм. Јас не мислам дека се работи за антиалбанство, но знам дека партијата има проблеми да формулира македонистички позиции и да им се додвори на македонските националисти, а да не ждрапне во кладенецот со албанските интереси. Вемерето го прави истото, но за разлика од есдеесето вемерето има пари, позиции и моќ со кои во секое време може да им плати на албанските партнери за душевната болка што им ја предизвикуваат неговите патриотски или квазипатриотски испади.

Тоа кокетирање со популизмот и со национализмот нема да му донесе на сдсм ништо добро, а нема да и’ донесе ништо добро и на Македонија зашто кога ќе се потрошат парите ќе се види дека исчезнала и последната причина за постоењето на оваа тажна државичка. Ако таканаречената македонска страна не е во состојба да ги разбере албанските позиции во врска со темата за бранителите, значи за заедничката борба за Македонија и тогаш кога сме се бореле еден против друг, тогаш може да се каже дека нема сила која може да нè состави цврсто. Можеби лабаво во некоја конфедерација во распаѓање. Според новиот договор на Тачи.

***

Еве на крајот неколку твит епименчиња за подигање на потенција:

Рецесијата на наталитетот ги намалува шансите да се родат вакви идиоти. Нашата шанса е во изумирањето на нацијата!

Аеродромот во Прага од скоро се вика Вацлав Хавел. По човекот кој воопшто не учествувал во битката кај Херонеја. Луди некои Чеси.

Ќе умира ли денеска некој за Македонија или да фатам да се убијам од досада.

Сите што ќе успееме да ја преживееме вечноста на Македонија ќе можеме да си умреме како луѓе.

Македонците ја изедоа државата и сега се мртви сити!

Македонецот нема сила за унитарна држава, а за федерална нема памет. Добра работа е што за молови, дурови и курови, држава не му ни треба.

Струмица и Руската федерација ќе ја продлабочувале економската соработка, јави агенцијата Скај! Путин инсистирал кај Заев соработката да биде на рамноправни основи, а струмичкиот лидер, по извесно двоумење, целосно се согласил.

Извор: Глобус
Колажи: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото