Ало, Македонци: Венизелос е во право!

23.01.2014 14:32
Ало, Македонци: Венизелос е во право!

Може ли некој да ми каже што не е точно во тврдењето на Венизелос дека "проблемот со евроинтеграциите на Македонија се Копенхашките критериуми и внатрешните проблеми како што се демократијата, владеењето на правото, човековите права, како и големите отворени прашања со соседите, вклучувајќи ја и Бугарија, прашања кои се поврзани со европските вредности што треба да ги почитува секоја земја кандидат за членство во ЕУ?!"

Што е лажно или тенденциозно во овој исказ на министерот за надворешни работи на Грција, земјата претседавач со Европската унија?!

Кое "к" не од копенхашките критериуми туку од критериумите на елементарната нормалност и пристојност исполнува оваа државичка деформирана во апашанат кој функционира со помош на примитивни ритуали какви што се скоковите по крстови во води со високи концентрации на гомна и севозможни зарази или преку претворање на масакрираните шуми во коледарски огнови и пепел, или преку хистеризираното градење цркви, параклиси и крстови, или преку крадење, измислување и психотично поклонување пред измислената, присвоена и секонфронтирачка историја и, на друга страна, преку деноноќниот медиумско-политички терор на владејачката партија и на нејзината програма за најстрашната можна културоцидна политика и поширока вредносна дезориентација на народот!

Какви критериуми исполнува апашанатот кој функционира како апартхејд во кој сите кои не се членови или симпатизери на владејачката партија се строго дистанцирани од сите државни ресурси, вклучувајки ги и ресурсите на правото, правдата и социјално професионалната реализација.

Какви критериуми исполнува овој бантустан во кој општите работи се остваруваат само како колатерална последица на остварувањето на највулгарниот интерес на владејачката партија. Оваа карикатура од држава без јавност и без медиуми. Во која е раздробена и уништена општествената структура до таа мерка што јавните дискурси ги форматира исклучиво власта. Во која општата пљачка се одвива на дневна основа. Во која партијата на власт како тесто се шири низ општествената тава истиснувајќи ги последните меури со кислород. Во овој султанат во кој власта ги тужи граѓаните и им наплаќа огромни износи оти правосудниот систем е најобичен сервис на султанот!

Се разбира, да не е проблемот со името, ние би можеле да сметаме на политичките критериуми на Европската унија односно на едно беневолентно релативизирање на строгостите од Копенхаген. Така и се случуваше во пораките во кои Брисел мислеше дека ќе делува стимулативно ако каже дека во Македонија е остварен сериозен напредок или дека се остварени сите критериуми и дека останува само прашањето за името. Се разбира дека тие оценки беа многу далеку од вистината со тоа што наместо да бидат стимулативни во однос на остварувањето на копенхашките критериуми тие овозможија амбиент во кој власта ја однесе Македонија во сосема спротивна насока!

Што е друго важно освен вистината во исказот на Венизелос? Важно е тоа дека прикаските што ни ги раскажува власта се лажни како што е лажно и опасно уверувањето за состојбата со општите работи што сеуште владе кај мнозинството граѓани.

Но, можеби е најважно тоа што ставовите на грчкиот министер се ставови на Европа и на светот. Еве, веќе се преточени во посебна резолуција во која многу прецизно се регистрирани македонските национални декапацитираности под раководството на Никола Груевски. Тие ставови сосема недвосмислено говорат дека разврската на македонскиот јазол ќе биде значително понеповолна за Македонија отколку што можеше да биде да не беше ВМРО политички избор на мнозинството изминативе осум години. Сите спорови со соседите ќе мораме да ги решиме според нивните барања затоа што со помош на ВМРО тие се форматирани како ставови на сиот нормален свет. Значи, со промена на Уставот. А внатрешните релации исто така ќе одат под денешното ниво на општествениот државен статус што го има македонската етничка компоненента!

Апсурдот на нашата позиција е во тоа што Македонија се наоѓа точно на онаа точка на која власта сакаше да ја види во оваа фаза на разнебитувачкиот процес. Напорите на мнозинството предводени од една идиотизирачка организација, даваат плодови и ние сме таму кај што сме, сосема адекватно на нашите заложби!

Освен тоа Македонија ги исполнува сите услови да го продолжи овој галоп во погрешна насока: еве, наместо да се влезе во беспоштедна битка против невидената историска калварија, против инспираторите, организаторите и реализаторите на овој пораз, ние со злосторниците отвораме дебата за таканаречените претседателски избори односно за општествениот вишок што во наредните четири години ќе се чуди што да прави во касарната на Водно!

Извор: Глобус
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото