Прогласувањето на добитникот на Нобеловата награда за мир предизвика тензии низ целиот свет

15.10.2012 09:48
Прогласувањето на добитникот на Нобеловата награда за мир предизвика тензии низ целиот свет

15 октомври 2012 година

Веднаш по прогласувањето на добитникот на овогодинешната Нобелова награда за мир, тензиите помеѓу земјите, луѓето и организациите ширум светот, достигнаа критично ниво. Реакциите на милиони поединци се бурни и се закануваат дека ќе ескалираат во стотици поголеми конфликти низ светот.

-Се обидувам да сфатам што сакаа да постигнат Норвежаните со ваквата одлука, но искрено, не успевам. Колку повеќе размислувам за тоа, сè повеќе добивам желба да демолирам сè околу себе и да ѝ се приклучам на бесната маса која го демолира градот, изјави еден револтиран граѓанин на земјината топка.

Од Осло стигнуваат извештаи за целосен хаос на улиците, протести и бесни селани со вили и факели кои се упатуваат кон седиштето на Комисијата за Нобелова награда за мир. Како што дознаваме, предводник на масата е господинот Нелсон Мандела лично, кој долета во Норвешка , веднаш откако го дозна името на добитникот на наградата за мир.

-Не само што оваа награда е бесмислена, туку со овој чин тие им го одземаа значењето и на претходно доделените награди. Па, зарем јас залудно бев во затвор, се прашува Мандела.

Според последните информации во овој момент постојат околу 1000 критични жаришта, предизвикани од сознанието дека Нобеловата награда за мир не е доделена ниту на личност, ниту на хуманитарна организација, туку на еден нејасен политички ентитет, а таа бројка и понатаму расте со експоненцијална брзина.

Репортерите од САД известуваат дека Барак Обама свикал итен состанок со неколку поранешни добитници на оваа награда, со кои во Пентагон ќе може да испланира напад на Норвешка.

Организацијата Црвен Крст, која ја доби наградата за мир во 1963 година, најави дека во знак на протест ќе им помогне само на најзагрозените и дека постојано ќе биде резервирана.

Научниците го поместија судниот час на четири минути до полноќ, означувајќи ја со тоа најголемата опасност од целосно уништување на светот.

Адаптирано од: http://www.njuz.net